Една многу важна средба
ОЧЕКУВАМ една многу важна средба. Да ви објаснам како дојде до тоа јас, млада мајка од Шпанија, да договорам таква средба.
Израснав во семејство без мирен живот и среќа. Најпрво нѐ скрши трагичната несреќа во која загина моето четиригодишно братче. Освен тоа, татко ми имаше многу тежок карактер, што на мајка ми ѝ ја уништи среќата во бракот. Но, тоа не ја спречи кај мене и кај мојот постар брат да всади морални мерила.
По некое време брат ми се ожени, а и јас се омажив. Кратко потоа на мајка ми ѝ открија рак, од кој таа умре. Но, пред да умре, ни остави во наследство вистинско богатство.
Една пријателка ѝ објаснила од Библијата дека оние што умираат можат да воскреснат, а мајка ми се согласила да ја проучува Библијата со нејзина помош. Библијата ја исполни со таква надеж што последните денови од својот живот ги мина исполнета и вистински среќна.
Кога видовме каков ефект имаше кај неа, и јас и брат ми решивме да ја проучуваме Библијата. Еден месец пред да се роди моето второ дете, убаво девојченце на кое му го дадовме името Лусија, се крстив како Јеховин сведок.
Тој ден за мене беше нешто посебно. Прво, затоа што оттогаш му припаѓав на Јехова и му ветив дека засекогаш ќе продолжам да му служам, и второ, затоа што можев и моите деца да ги воспитувам според истите верувања.
Сепак, вторава причина за среќа набрзо ми беше нарушена. Кога имаше четири години, Лусија доби силни стомачни болки. По неколку испитувања, на радиологија ни кажаа дека на црниот дроб има израсток со големина на портокал. Докторот ни објасни дека Лусија има невробластом, канцероген тумор кој многу брзо расте. Така започна нејзината седумгодишна борба со ракот, за време на која честопати долго лежеше в болница.
Нејзината самопожртвуваност
Низ тие тешки години, Лусија често ми ги враќаше силите со своите топли прегратки и успокојувачки бакнежи. Таквиот дух кај неа, и покрај болеста, го забележаа и вработените во болницата. Многу сакаше да им помага на медицинските сестри, на пример, да им го однесе на болните деца во другите соби јогуртот, сокот или нешто друго. Дури ѝ дадоа бело мантилче и значка на која пишуваше „помошник-сестра“.
„Лусија ми остана во срцето“, вели една од вработените во болницата. „Беше креативно дете, полно со енергија, и многу сакаше да црта. Беше весела и зрела, многу зрела“.
Лусија црпеше сила и мир од Божјата реч (Евр. 4:12). Беше сигурна дека во новиот свет „смрт нема да има веќе, ни тага, ни пискот, ниту болка“, според она што го ветува Божјата реч (Отк. 21:4). Се грижеше за другите и ја искористуваше секоја можност што ќе ѝ се укажеше за да им ја пренесе пораката од Библијата. Уверена дека ќе има воскресение, секогаш беше спокојна и ведра иако знаеше дека е многу мала веројатноста да ја победи болеста (Иса. 25:8). Таква остана сѐ до денот кога ракот и го одзеде животот.
Тој ден ја договорив важната средба. Лусија едвај можеше да ги подотвори очите. За едната рака ја држеше татко ѝ, а за другата јас. „Не грижи се, мама не си оди“, ѝ шепотев. „Само диши полека. Кога ќе се разбудиш, повеќе нема да ти биде ништо. Нема ништо да те боли, а јас ќе бидам крај тебе“.
Сега само треба да си го одржам ветувањето. Знам дека чекањето нема да ми биде лесно. Но знам и дека, ако стрпливо имам доверба во Јехова и ако му останам верна, навистина ќе бидам таму кога ќе се врати.
Наследството што ни го остави
Храброста на Лусија, како и големата помош од собранието, му оставија длабок впечаток на мојот сопруг, кој не беше Јеховин сведок. Дента кога умре Лусија, тој ми рече дека мора да расчисти со себе околу некои работи. По неколку седмици замоли еден од собраниските старешини да му помогне да ја проучува Библијата. Наскоро почна да присуствува на сите состаноци. Со помошта на Јехова престана и да пуши, нешто што никогаш претходно не му успеваше.
Сѐ уште чувствувам болка поради тоа што ја немам Лусија, но многу сум му благодарна на Јехова за наследството што таа ни го остави. Со маж ми често си се тешиме со прекрасната надеж дека ќе ни воскресне, дури и си ги замислуваме моментите кога повторно ќе ја видиме — нејзините живи, тркалезни очи и насмеано лице со дупчиња на обравчињата.
Трагичната болест на моето дете на еден посебен начин се одрази уште врз некој друг. Едно дождливо саботно утро кај нас дојде една жена што живеела во близина и чие дете учело со Лусија во истото училиште. И нејзиниот син умрел од истата болест на 11 години. Кога слушнала за Лусија, таа дознала каде живееме, и дојде. Сакаше да види како се чувствуваме по нејзината смрт и ни предложи да оформиме група од мајки што ги снашло истото за да се тешиме и да си помагаме меѓусебно.
Ѝ објаснив дека јас пронајдов вистинска утеха во едно ветување запишано во Библијата, ветување кое далеку надминува сѐ што би можел да стори кој и да било човек. Очите и светнаа кога ѝ ги читав зборовите запишани во Јован 5:28, 29. Се сложи да ја проучуваме Библијата, и наскоро го почувствува „мирот Божји, кој ја надминува секоја мисла“ (Фил. 4:7). Додека проучуваме, честопати се замислуваме себеси во новиот свет, како си ги пречекуваме нашите сакани што воскреснале.
Иако живееше кратко, Лусија ни остави наследство кое никогаш нема да изгуби вредност. Нејзината вера ни помогна како семејство да му служиме на Бог, а мене ме направи уште порешена да задржам цврста вера. Без сомнение, пред сите нас што сме изгубиле некој сакан и чекаме да воскресне, стои една многу важна средба.
[Слика на страница 20]
Цртеж на рајот од Лусија