ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА Watchtower
ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА
Watchtower
македонски
ѐ
  • Ѐ
  • ѐ
  • Ѝ
  • ѝ
  • БИБЛИЈА
  • ПУБЛИКАЦИИ
  • СОСТАНОЦИ
  • w08 1/12 стр. 24-25
  • Денот кога црниот појас се одврза

За овој материјал нема видео.

Се појави проблем. Видеото не може да се отвори.

  • Денот кога црниот појас се одврза
  • Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2008
  • Сличен материјал
  • Библијата менува животи
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2012
  • „Јехова не ме заборави“
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство (за проучување) 2020
  • Библијата менува животи
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2009
  • Треба ли да учам самоодбрана?
    Разбудете се! 1996
Повеќе
Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2008
w08 1/12 стр. 24-25

Писмо од Гана

Денот кога црниот појас се одврза

НЕ СИ го замислував така. Облечен во бело памучно кимоно со црн појас околу половината, зазема боречка поза — рацете му се стегнати и спремни за борба, а нозете боси и во расчекор. Додека се концентрира, лицето му е напнато, а веѓите набрани. Очите му се подзамижани, строги и со заканувачки поглед — без ни ронка благост што би открила слабост.

Одеднаш, со силен извик стапува во акција. „Ха!“ Со раката брзо го сече воздухот. Трас! Една даска се преполовува со силен тресок и паѓа на земја. Повторно секавично се завртува, овој пат високо во воздухот, со стапалата и рацете во усогласено движење за да му зададе прецизни удари на стаписаниот противник. Дали е ова навистина човекот што побарал да ја проучува Библијата?

Зачекорувам напред и му ја подавам раката. „Ти мора да си Коџо. Ми кажаа дека сакаш да ја проучуваш Библијата.“ Цврсто ми ја стегнува раката и ми упатува широка насмевка, со срдечен и пријателски израз на лицето. Во очите, кои повеќе не се напнати и застрашувачки, му се чита љубопитност. „Да, многу би сакал“, ми одговара. „Кога ќе почнеме?“

Седнуваме со своите Библии и книги за проучување на малата веранда од неговата куќа. Овде е посвежо, потивко и можеме да бидеме сами. Тројца сме: Коџо, јас и неговото мајмунче. Тоа е долго само 35 сантиметри, има капа од црвено крзно и бело брадуле што му дава смешен и палав изглед. Слатко, разиграно и неверојатно љубопитно, мајмунчето прави што сака — оди врз книгите, ни ги грабнува пенкалата и ни ги пика рачињата во џебовите на кошулата за да си најде нешто за јадење. Како родител што е навикнат на вревата и палавштините на малите деца, Коџо не му обрнува внимание на мајмунчето и се концентрира на материјалот што го проучуваме. Многуте прашања што ги поставува ми покажуваат дека е човек кој длабоко размислува и сака да учи. Веројатно каратето го научило да биде претпазлив и внимателен, бидејќи не прифаќа ништо без да се увери во тоа на темел на Светото писмо.

Проучувањето ни оди добро. Меѓутоа, со текот на времето гледам дека во него започнува една друга борба, борба што станува сѐ посилна. „Најмногу од сѐ на светов ги сакам боречките вештини“, ми вели тој. Можам да видам дека во срцето на овој каратист има силна желба да се бори, посветеност на умешноста што добро ја научил и усовршил. Има 26 години и не само што го сака каратето туку е добар во оваа боречка вештина — добар до тој степен што има црн појас, ниво што малкумина го достигнале или ќе го достигнат.

Се прашувам што ќе направи Коџо. Изгледа сфаќа дека каратето, спорт во кој човек ги повредува другите со своите раце и нозе, нема никакви допирни точки со сочувството, нежноста и грижата кои се карактеристични за љубовта што владее меѓу вистинските христијани. Сепак, знам дека библиската вистина ги омекнала срцата на луѓе што биле уште позакоравени од него. Ако во своето срце има исправни мотиви, и Коџо полека ќе омекне под моќното влијание на Божјата реч. Мора да бидам стрплив.

Едно спарно попладне кога бевме при крај со нашето проучување, прочитавме еден библиски стих што го погоди Коџо како силен удар од противникот. „Јехова го испитува и праведниот и злиот, а душата Негова многу го мрази оној што го сака насилството“, прочита тој (Псалм 11:5). „Оној што го сака насилството“, тивко си повтори. Неговите темни, кафеави очи, некогаш решителни и непопустливи, полека станаа благи. Ме погледнува в очи и полека се насмевнува. „Знам што треба да правам.“

Коџо и јас сега го правиме она што најмногу го сакаме — доброволно и бесплатно ги поучуваме за Библијата оние што сакаат да слушаат. Утрово се имаме договорено да појдеме кај еден младич по име Лука.

За да стигнеме кај него, тргнуваме по тесниот и прометен пат што води низ пазарот. Стотици тезги и продавачи се наредени по уличките со своите стоки: купишта црвени и зелени феферончиња, корпи со зрели домати, купчиња бамји, но и радија, чадори, сапуни, перики, кујнски садови и куп чевли и алишта кои се продаваат на старо. Девојчиња нудат лута зачинета храна во големи алуминиумски садови кои грациозно се нишаат на нивните глави. Вешто си го пробиваат патот низ гужвата, искушувајќи ги гладните муштерии со вкусни супи и чорби од исцрнета пушена риба, морски ракови и полжави. Меѓу нозете ни се плеткаат кучиња, кози и разџагорени пилиња. Трештат радија, се слушаат автомобилски сирени и викаат луѓе.

Чекориме по правливиот пат полека оставајќи го зад себе градскиот метеж и стигнуваме до една трошна зграда на која е ставен избледен знак: „Место за одмор по долгиот пат“. Лука, еден ситничок млад човек во раните 20-ти години, стои на прагот и нѐ прима внатре за да се скриеме од сонцето. Неговиот дом е полн со ќеси и кутии со суви тревки и корени, листови нанижани на врвци, како и дебели парчиња кора од дрво — сето тоа ѝ припаѓа на неговата стара тетка, која е треварка. Генерации знаење е собрано во нејзините рецепти, кои ги составува и подготвува на посебен начин, и гарантира дека лечат секакви болести. Лука нѐ очекува. Малку го подрасчистил нередот и наместил три дрвени столчиња. Седнуваме блиску еден до друг и почнуваме да ја проучуваме Библијата.

Коџо го учи Лука. Јас набљудувам и слушам како двајцата млади мажи дискутираат за библискиот одговор на прашањето зошто има толку страдања во светот. Кога Коџо се наведнува за да му помогне на Лука да најде еден библиски стих, гледам како неговите цврсти раце нежно ги вртат тенките страници за да го најдат стихот. И тогаш се присетувам. Не толку одамна тие раце беа раце на каратист. Божјата реч има моќ да ги отстрани вкоренетите негативни црти што се толку вообичаени во овој немилосрден свет и да ги претвори во позитивни особини како што се сочувството и љубовта. Зар има нешто поубаво од тоа?

На патот назад, му пристапуваме на еден човек кој седи во сенката на едно мангово дрво. Мирно слуша додека Коџо ја отвора Библијата и му чита стих од неа. Кога сфаќа дека сме Јеховини сведоци, скокнува на нозе. „Не сакам да чујам за вас!“, гневно ни се развикува. За момент Коџо се вознемирува. Потоа се опушта и се извинува. Двајцата заминуваме.

По патот Коџо ми дошепнува: „Срцето почна силно да ми чука кога човекот се развика. Знаеш ли што можев да му направам?“ „Знам“, му велам со насмевка. И тој ми се насмевнува и продолжуваме по патот.

    Публикации на македонски јазик (1991 — 2025)
    Одјави се
    Најави се
    • македонски
    • Сподели
    • Подесување
    • Copyright © 2025 Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania
    • Услови за користење
    • Полиса за приватност
    • Поставки за приватност
    • JW.ORG
    • Најави се
    Сподели