Читателите прашуваат
Дали Бог ги зема децата за да бидат ангели на небото?
Кога ќе умре некое дете, пријателите можеби ќе се обидат да ја утешат ужалената фамилија со зборовите: „Сигурно на Бог му требало уште едно ангелче на небото“. Дали ова ти звучи логично?
Ако е точно дека Бог ја предизвикува смртта на децата затоа што му требаат уште ангели на небото, тоа би значело дека е бесчувствителен, па дури и суров. Но, Библијата го вели спротивното (Јов 34:10). Еден сочувствителен татко не би им го одзел детето на родителите само за да си ја зголеми својата фамилија. Сепак, ниеден татко на Земјата не е посочувствителен од Јехова, чија главна особина е љубовта (1. Јованово 4:8). Неговата голема љубов никогаш не би му дозволила да постапи толку сурово.
Размисли: ‚Дали на Бог му требаат уште ангели на небото?‘ Библијата вели дека сѐ што прави Бог е добро и совршено (5. Мојсеева 32:4). Тоа што директно создал милиони ангели било совршено дело и немало никаква маана (Даниел 7:10). Дали Бог на некој начин погрешил во бројот на ангели што му требале? Такво нешто е невозможно! Семоќниот Бог никогаш не би направил таква грешка. Точно е дека Јехова избрал некои луѓе да станат духовни суштества во неговото небесно Царство, но тие не требало да бидат мали деца кога ќе умрат (Откровение 5:9, 10).
Друга причина зошто Бог не би земал деца од Земјата за да бидат ангели на небото е затоа што тоа не би било во склад со неговата првобитна намера со децата. Во еденската градина, Бог им рекол на Адам и Ева: „Плодете се и множете се, наполнете ја земјата и потчинете ја“ (1. Мојсеева 1:28). Децата се дар од Бог, и без нив не би било можно да се исполни неговата првобитна намера — да се наполни Земјата со праведни луѓе. Тој никогаш немал намера животот на децата да биде прекинат за да станат духовни суштества. Библијата јасно вели дека децата се „наследство од Јехова“ (Псалм 127:3). Дали Јехова, Богот на љубовта, би си го зел назад подарокот што им го дал на родителите? Секако дека не!
Предвремената смрт на едно дете носи огромна тага и болка. Тогаш, каква надеж имаат ужалените родители? Библијата ветува дека Бог ќе воскресне безброј милиони лица во рај овде на Земјата. Замисли си ги децата повторно со своите сакани — откако оживеале со едно здраво тело (Јован 5:28, 29). Бог сака младите да пораснат, да уживаат во животот и да го запознаат Него и Неговата намера со Земјата. Значи, децата што умреле не се ангелчиња на небото, туку чекаат воскресение на една рајска Земја. Тогаш, под грижата на нашиот Творец, и младите и старите ќе се радуваат што ќе можат вечно да му служат на Јехова Бог.