Барања и за новите и за искусните слуги
1 Псалмистот Давид прашал: „Господи, кој може да престојува во Твоето живеалиште? Кој може да се настани во Твојата Света Гора?“ Со неколку добро избрани зборови, Давид одговорил: „Оној, што оди непорочно, што врши правда и . . . говори вистина“ (Пс. 14:1, 2). Тие барања не се промениле. Сите кои денес доаѓаат во христијанското собрание заради обожавање мораат да напуштат неморални навики и пијанство. Меѓу Јеховиниот народ нема место за кавгаџии, за луѓе со насилен темперамент или за лажливци. Било да сме нови или искусни слуги, мораме верно да ги одржуваме високите мерила кои се изнесени во Божјата Реч (Гал. 5:19-21).
2 Голем број нови се поврзуваат со Јеховината организација. Како млади така и стари го промениле својот начин на размислување за да го усогласат начинот на живот со Божјите барања. Едно момче од Јужна Америка растело без родителско водство, па кај него се развиле сериозни проблеми со личноста. До својата 18-та година станал зависник од дроги и веќе бил во затвор затоа што крадел за да ја поддржи својата навика. Со помош на библиската студија престанал да се дружи со поранешните другари, нашол нови пријатели меѓу Јеховините сведоци и на крајот му го предал својот живот на Бог.
3 Исто и ние мораме да бидеме решени да му угодиме на Бог со сето наше однесување „во вистинска праведност и лојалност“ (Ефеш. 4:24, NW). Ја имаме обврската да ‚го соблечеме стариот човек со неговите дела‘ и да ‚се облечеме во новиот, кој се обновува во познанието‘ ако сакаме да останеме во Божјата организација слична на планина (Кол. 3:9, 10).
4 Божјата Реч моќно влијае: Јеховината личност, таква каква што ни е откриена преку Библијата, може моќно да влијае на нашето размислување и постапки на позитивен начин (Рим. 12:2). Неговата Реч ја има моќта да менува умови и да испитува срца (Евр. 4:12). Вдахновените Писма нѐ учат дека Јеховината волја бара да водиме морално чесен живот, потполно да учествуваме во јавната служба и да не ги занемаруваме христијанските состаноци.
5 Во овие времиња со кои тешко се излегува на крај, сѐ поголемите притисоци можат да повлијаат христијанинот да ги прекрши Божјите закони. Ако ја занемари личната, семејната студија, собраниските состаноци или службата, дури и некогаш јакиот христијанин може да одлута од верата, можеби така што ќе упадне во лошо однесување. Токму затоа Павле му напишал на Тимотеј: „[Постојано, „NW“] пази на себе и на учењето“ и „постојано мисли на она што ти го велам“ (1. Тим. 4:16; 2. Тим. 2:7, NW).
6 Било да сме нови или зрели преку долгогодишно искуство, мораме да ги држиме Божјите барања јасно во фокусот, да бидеме потполно урамнотежени во службата и да ја одржиме цврста нашата надеж ако сакаме да ни бидат зачувани животите (1. Петр. 1:13-16). Секојдневното придржување кон Божјите праведни барања е апсолутно неопходно.
7 Нека ти биде цел да одиш во служба на подрачјето во текот на овој последен месец од 1993 службена година. Биди решен да им помагаш на другите да растат во верата и да ја зголемат продуктивноста во службата на проповедање (Рим. 1:12). Задржи ги своите мисли на исправни работи така што ќе бидеш редовен во личната, во семејната студија и на состаноците (Фил. 4:8). Твоите напори да му угодиш на Бог така што ќе живееш според неговите барања, нема да останат незабележени (Кол. 3:23, 24).