Благослови кои уследуваат кога работиме со другите
1 Сметаш ли дека има корист кога работиш со другите во службата? Исус сметал. Иако жетвата била голема, а работниците малку, тој испратил на подрачјето 70 ученици „по двајца“. Колку пријатно го поминале времето сите додека проповедале во ‚секој град и место, каде што и Сам сакал да оди‘! (Лука 10:1, 17; Мат. 9:37).
2 Поттикнувачки е да се работи со другите. Некои од нас се срамежливи и тешко им е да пристапат на непознати. Кога имаме некого покрај нас, поодлучни сме да ја зборуваме Речта Божја со храброст. Ако имаме некого покрај нас, можеби ќе ни биде полесно да го вршиме делото на начин на кој сме поучени (Изр. 27:17). Мудриот човек рекол: „Подобро им е на двајца, отколку на еден“ (Проп. 4:9).
3 Добро е да се работи со различни објавители и пионери. Меѓу оние кои го придружувале апостол Павле во службата биле Варнава, Сила, Тимотеј и Јован Марко, а тие се радувале на многу благослови додека проповедале заедно. Истото може да биде случај и денес. Си работел ли со некого кој е долго време во вистината? Откако си ја посматрал неговата вештина во давањето сведоштво, веројатно си добил некои добри идеи кои ти помогнале да се подобриш. Си придружувал ли објавители кои се релативно нови? Тогаш, можеби си бил во можност да им пренесеш дел од она што си го научил и така си им помогнал да бидат поделотворни и да најдат поголема радост во нивната служба.
4 Дали моментално водиш библиска студија? Ако водиш, зошто да не поканиш еден од старешините или, пак, покраинскиот надгледник да те придружува? Корисно е за нашите библиски ученици да се запознаат со надгледниците. Ако се колебаш да ја водиш студијата во присуство на старешина, можеби тој ќе биде спремен да ја води, а ти да посматраш. После тоа, чувствувај се слободен да го замолиш за предлози како да му помогнеш на ученикот побрзо да напредува.
5 Додека работиш со другите, биди придружник кој охрабрува. Биди позитивен во коментарите за подрачјето. Никогаш не оговарај ги другите и не жали се на собраниските подготовки. Биди сконцентриран на службата и на благословите од Јехова. Ако го правиш тоа, и ти и твоите придружници ќе се враќате дома духовно освежени.
6 Околностите можеби ти отежнуваат да работиш редовно со различни браќа и сестри. Меѓутоа, ако е можно, зошто да не уредиш да поминеш барем малку време, работејќи со некој друг објавител? И обајцата ќе бидете благословени! (Рим. 1:11, 12).