Образец кој треба внимателно да се следи
1 Исус неоспорно бил најголемиот човек кој некогаш живеел. Тој служи како совршен пример за неговите ученици. Иако не сме дораснати на неговото мерило за совршеност, поттикнати сме „да врвиме по Неговите стапки“ (1. Петр. 2:21). Треба да сакаме да бидеме колку што е можно послични на Исус, ревно делејќи ја вистината со другите.
2 Исус не бил само проповедник; тој бил ненадминлив учител. „Народот беше зачуден на начинот на кој поучуваше“ (Мат. 7:28, НС). Зошто бил толку делотворен? Да го разгледаме одблиску неговиот ‚начин на поучување‘.
3 Како да го следиме Исус: Исус бил поучен од неговиот Татко (Јован 8:28). Неговиот мотив бил да му оддава чест на Јехова и да го прослави Неговото име (Јован 17:4, 26). Во нашето проповедање и поучување, и нам мотив треба да ни биде да му оддаваме чест на Јехова, а не да го привлекуваме вниманието на себе.
4 Сето она што Исус го поучувал се темелело на Божјата Реч. Тој постојано се осврнувал на она што било запишано во инспирираното Свето писмо (Мат. 4:4, 7; 19:4; 22:31). Сакаме вниманието на нашите слушатели да го насочиме на Библијата; така им дозволуваме да видат дека она што го проповедаме и поучуваме се темели на највисокиот авторитет.
5 Исус користел кратки, практични, некомплицирани изрази. На пример, кога објаснувал како можеме да добиеме Божје простување, тој нѐ охрабрил самите да им простуваме на другите (Мат. 6:14, 15). Треба да се обидеме да им ја објасниме пораката за Царството со едноставни, реални поими.
6 Исус вешто користел илустрации и прашања за да ги подбуди другите на размислување (Мат. 13:34, 35; 22:20-22). Илустрациите за обичните, секојдневни работи можеле да им помогнат на луѓето да разберат сложени библиски доктрини. Ние треба да поставуваме прашања што ќе ги охрабрат нашите слушатели да размислат за она што го слушаат. Целните прашања можат да им помогнат да дојдат до исправни заклучоци.
7 Исус одвоил време за да им ги објасни тешките работи на оние кои барале повеќе информации. Тие кои вистински се интересирале, како што биле неговите ученици, можеле да ја сфатат смислата на она што Исус го поучувал (Мат. 13:36). И ние треба да бидеме од помош кога ни се поставени искрени прашања. Ако не ги знаеме одговорите, треба да ја истражиме таа тема и во некоја друга прилика да се вратиме со пронајдените информации.
8 За да поучува, Исус користел школски примери. Еден таков пример е миењето на нозете на неговите ученици, и покрај тоа што им бил Господ (Јован 13:2-16). Ако покажуваме понизен дух, оние што ги поучуваме ќе бидат мотивирани да го применат она што го учат.
9 Исус апелирал на срцата на луѓето и на нивната љубов кон праведноста. И ние сакаме да ги достигнеме срцата. Се трудиме да апелираме на вродената желба на целото човештво да обожава повисока личност и да живее во мир и среќа со другите.
10 Во текот на декември можеме да ги делиме со другите работите што сме ги научиле за Исус на тој начин што ќе ја нудиме книгата Најголемиот човек кој некогаш живеел. Нашето имитирање на Исусовите учителски одлики може да ги мотивира искрените да слушаат додека им објаснуваме што поучувал тој (Мат. 10:40).