Дали ја согледуваш потребата?
1 Јехова е опишан како Помошник и Прибежиште. Ние знаеме дека можеме да отидеме кај него во време на тешкотија и тој ќе ни помогне (Пс. 17:2; 45:1). Можеме да ја имитираме оваа сочувствителна особина со тоа што ќе им понудиме помош на другите кога ќе видиме дека им е потребна.
2 Што го мотивира еден човек да направи посебни напори за да помогне некому? Повеќето луѓе сметаат дека тоа е нешто полно со љубов и хумано. Божјата Реч бездруго охрабрува да го правиме тоа (Рим. 15:1). Павле нѐ подбудил ‚да не се грижиме секој само за себе, туку и за другите‘ (Фил. 2:4).
3 Ова е нешто во кое, ако го правиме, можеме да најдеме радост (Дела 20:35). Павле го издвоил младиот Тимотеј како пример на човек кој „искрено би се грижел за“ своите браќа (Фил. 2:20). Добро е што во собранијата денес имаме многу млади луѓе кои имаат сличен став. Но, без оглед на тоа дали сме млади или стари, има работи кои можеме да ги сториме ако видиме дека е потребно.
4 Си почувствувал ли некогаш дека некој има потреба на која треба да ѝ се посвети поголемо внимание? Можеби некој брат или некоја сестра биле во болница и малкумина им биле во посета; или некој станал неспособен, но нема никого што ќе му врши разни услуги или ќе му помага околу куќата. Оние што му служат на Јехова, Исус ги смета за членови на едно семејство, кои искрено се грижат еден за друг (Марко 3:33-35). Во споредбата за овците и за јарците, тој покажал дека оние што стојат на десната страна од Царевата наклоност, таму се поради тоа што им биле од помош на браќата на Царот (Мат. 25:40).
5 Како да помогнам? Што да се стори за да се помогне кога постои очигледна потреба? Можеме ли да ја преземеме иницијативата да помогнеме на некој начин? Можеби има постари на кои им треба охрабрување, а немаат близок другар за да им помогне. Можеби има млади луѓе на кои треба да им се пружи рака. Некое новозаинтересирано семејство со неколку деца можеби ќе се појави во Салата на Царството кога објавителот кој води студија со нив не е присутен. Тие би биле благодарни ако некој доброволно им помогне околу децата.
6 Како што растеме во љубовта кон вистината и кон Јеховината организација, растеме и во ценењето и во грижата за другите во собранието. Павле нѐ охрабрил да се рашириме во тој поглед (2. Кор. 6:11-13). Исус истакнал дека нашето покажување љубов еден кон друг е главниот начин да покажеме дека сме навистина негови следбеници (Јован 13:35).
7 Затоа, кога ќе видиме дека е потребно, искрената љубов кон нашите браќа и кон собранието треба да нѐ мотивира да ја преземеме иницијативата и да помогнеме на некој начин (Гал. 6:9, 10). Оваа грижа за другите нѐ привлекува меѓусебно во блиска врска на љубов и единство (1. Кор. 10:24). На овој начин, ние го даваме својот дел за да помогнеме во задоволувањето на потребата во собранието.