Благословувај го Јехова „по цел ден“
1 Псалм 145:2 (НС) содржи едно ветување кое цар Давид му го дал на Јехова: „По цел ден ќе те благословувам, и ќе го фалам твоето име до недогледни времиња, дури засекогаш“. И ние имаме причина да го благословуваме и фалиме нашиот небесен Татко! Но, како можеме да го имитираме Давидовиот пример во возвишувањето на Јеховиниот суверенитет „по цел ден“?
2 Да ги исполниме нашите срца со ценење за Јехова: Редовното проучување на Божјата Реч ја продлабочува нашата благодарност за она што Јехова го сторил, што го прави и за она што допрва ќе го стори за нас. Додека растеме во нашето ценење за неговите прекрасни дела, ќе увидиме дека сме пресреќни поради неговата добрина (Псал. 144:7). Ревносно ќе го фалиме Јехова во секоја погодна прилика.
3 Фали го Јехова во секојдневниот разговор: Кога разговараме со соседите, соучениците, колегите на работа и со другите со кои секојдневно контактираме, можеби ќе најдеме прилики да ја споделиме нашата надеж со нив. Некој сосед може да изрази загриженост поради криминалот во општеството; некој соученик може да биде вознемирен поради злоупотребата на дрога или неморалот; некој колега на работа може да изнесе некакво мислење во врска со некое политичко прашање. Ние можеме да укажеме на начелата и ветувањата во Божјата Реч кои го покажуваат исправниот правец што треба сега да се заземе, како и конечниот лек за овие проблеми. Вакви зборови изговорени во „вистинско време“ можат да бидат благослов! (Изр. 15:23, НС).
4 Зборувај за Јехова цело време: Лицето кое има длабоко почитување кон Јехова, сака да ја споделува добрата вест со што е можно повеќе луѓе (Псал. 39:8-10). Во врска со ова би требало да се запрашаме: ‚Дали правам сѐ што ми дозволуваат околностите?‘ Многумина откриле дека со некои разумни приспособувања, можеле да станат општи пионери. Ако сегашните околности не ни го дозволуваат тоа, можеме ли да се пријавиме како помошни пионери? Бидејќи периодот на Споменот е време на зголемена активност, месеците март и април ќе бидат добро време да ја зголемиме нашата служба со тоа што ќе бидеме помошни пионери.
5 Помогни им на новите да ни се придружат во благословувањето на Јехова: Свеченоста за Споменот на Исусовата смрт секогаш нѐ потсетува на причините да му бидеме благодарни на Јехова и да го фалиме Неговото име. Ова е едно особено добро време да ги охрабриме лицата со кои ја проучуваме Библијата да ни се придружат во тоа, да зборуваме јавно за Јеховиното царување. Поттикни ги да размислат во молитва за она што е изнесено во пасусите 7-9, на страници 173-175, во книгата Спознание кое води до вечен живот. Ако ги исполнуваат условите, нема причина да се двоумат само затоа што им недостига искуство. Има способни објавители кои стојат на располагање да им покажат како се врши делото на проповедање на Царството. Ако можат да присоберат храброст да зборуваат за добрата вест, новите можат да бидат сигурни дека Јехова ќе им помогне (Дела 4:31; 1. Сол. 2:2).
6 Кога настојуваме да го благословуваме Јехова по цел ден, тогаш тоа ќе ни донесе вечни благослови како на самите нас, така и на другите.