Извлечи корист од Теократската школа за проповедање за 1996 — 3. дел
1 Апостол Павле сакал неговите браќа да се молат во негова корист за да може да се здобие со способноста да зборува храбро за добрата вест (Ефеш. 6:18-20). Ние тежнееме да ја негуваме истата таа способност. Затоа, ја цениме помошта која е обезбедена преку Теократската школа за проповедање, во која се охрабрени да се пријават способни лица кои присуствуваат на состаноците.
2 Како ученици, ние добиваме личен совет кој ни помага да ги подобриме нашите говорнички и поучувачки способности (Изр. 9:9). Можеме да извлечеме корист и од советот што го добиваат другите ученици, применувајќи го на себе она што го учиме. Кога подготвуваме некоја задача, би требало внимателно да го проучиме изворниот материјал за да бидеме сигурни дека нашето објаснување на истиот е точно. Главните точки и библиските цитати кои ги користиме би требало да се вклопуваат во тоа со развивање на целокупната тема. Ако задачата вклучува и друго лице, таа треба добро да се извежба доволно рано пред да се прикаже во школата. Додека напредуваме, треба да се напрегаме да зборуваме импровизирано, користејќи забелешки наместо манускрипт.
3 Сите кои имаат задачи во школата треба да дојдат рано, на надгледникот на школата да му го дадат ливчето Совет за говори и да седнат во првите редови во салата. Сестрите треба однапред да го известат надгледникот на школата каква е нивната рамка и дали за време на нивниот дел ќе стојат или ќе седат. Ваквата соработка придонесува за една точна програма, а им помага и на оние кои се грижат за подиумот да подготват сѐ однапред.
4 Подготвување на задача бр. 2: Една цел на Читањето на Библијата е да им помогне на учениците да ја подобрат својата способност на читање. Како може ова најдобро да се постигне? Гласното читање на материјалот секогаш одново е најдобриот начин да се постигне тоа. За да го дознае значењето и исправното изговарање на некои непознати зборови, ученикот треба да ги побара во речник. Ова може исто да бара да се запознаеме со значењето на симболите за изговор кои се користат во речникот.
5 Нов Свет превод на Светото писмо дава помош за изговарање на лични имиња и невообичаени зборови кои се наоѓаат во Библијата. Ова го прави така што ги разделува на слогови и дава ознаки за акцент. (Види „Сето Писмо е инспирирано од Бог и корисно“, страници 325 и 326, пасуси 27 и 28.) Како правило, слогот кој му претходи на знакот за акцент е нагласен. Ако акцентираниот слог завршува со самогласка, самогласката е долга во изговорот. Ако слогот завршува со согласка, самогласката во тој слог е кратка. (Спореди Saʹlu со Salʹlu.) При подготвувањето на нивните задачи за читање на Библијата, некои браќа ги слушаат аудиокасетите од Заедницата.
6 Родителите можат да им помогнат на своите мали деца да ја подготват задачата за читање. Ова може да вклучи слушање кога детето вежба и потоа да му се дадат корисни предлози за подобрување. Определеното време дозволува краток вовед и еден соодветен заклучок кој ја опфаќа примената на клучните точки. Така ученикот ја развива својата способност да зборува импровизирано.
7 Псалмистот молбено барал: „Господи, отвори ја устата моја, и устата моја ќе ја објави похвалата Твоја“ (Псал. 50:15). Нека нашето учество во Теократската школа за проповедање ни помогне да ја задоволиме оваа иста желба.