Пионерите им помагаат на другите
1 Исус рекол: „Жетвата е голема, а работници се малку; затоа молете Го Господарот од жетвата да испрати работници на жетвата Своја“. Бидејќи жетварите од првиот век биле малку по број, а требало да обработат големо подрачје, Исус можел да ги испрати поединечно за да достигнат колку што е можно повеќе луѓе со добрата вест. Наместо тоа, тој ‚ги испратил по двајца‘ (Лука 10:1, 2). Зошто по двајца?
2 Тие ученици биле нови и неискусни. Работејќи заедно, можеле да учат еден од друг и да се охрабруваат. Како што се изразил Соломон, „подобро им е на двајца, отколку на еден“ (Проп. 4:9, 10). Дури и после излевањето на светиот дух на Педесетница 33 н. е., Павле, Варнава и други ги придружувале соверниците во службата (Дела 15:35). Колкава само предност мора да било за некои да бидат лично обучувани од такви способни мажи!
3 Добра програма за обука: Како својот пандан од првиот век, современото христијанско собрание е една проповедничка организација. Таа ни дава и обука. Како поединци, треба да имаме срдечна желба да ја изнесуваме добрата вест колку што е можно поделотворно. На располагање е ставена помош за да можат што повеќе објавители да ја зголемат својата делотворност.
4 На Школата за обучување слуги што се одржа неодамна, Заедницата објави една програма за пионерите да им помогнат на другите во службата на теренот. Има ли потреба од тоа? Да, има. Во изминативе три години се крстени преку еден милион објавители. На многу од нив им е потребна обука за да станат поделотворни во проповедничкото дело. Кој може да биде употребен за да се задоволи таа потреба?
5 Можат да помогнат полновремените пионери. Јеховината организација им дава многу совети и обука. Пионерите добиваат поука прилагодена на нивните потреби во двонеделната Школа за пионерска служба. Од корист им се и состаноците со покраинскиот и со обласниот надгледник, како и водството од старешините. Иако сите пионери не се толку искусни како што биле Павле и Варнава, сепак тие добиле скапоцена обука што ја споделуваат со радост.
6 Кој ќе има корист? Дали учеството во оваа програма е ограничено на новите објавители или на новокрстените? Воопшто не! Има помлади и постари кои со години ја знаат вистината но кои би ценеле да добијат помош во извесни аспекти од службата. Некои извршуваат одлична работа оставајќи литература, но тешко им е да прават повторни посети или да започнуваат библиски студии. Други, пак, можеби лесно започнуваат библиски студии, но забележуваат дека нивните ученици не напредуваат. Што ги спречува? Искусните пионери може да бидат замолени да понудат помош на овие подрачја. Некои пионери се делотворни во негувањето интерес, започнувањето библиски студии и упатувањето на новите студенти кон организацијата. Нивното искуство ќе биде од помош во оваа нова програма.
7 Дали увидуваш дека твојот распоред не ти допушта да ги поддржуваш редовните собраниски состаноци за служба на теренот онолку колку што би сакал? Можеби некој пионер ќе може понекогаш да соработува со тебе кога нема да има други објавители.
8 Потребна е добра соработка: Двапати годишно старешините ќе прават подготовки за објавителите кои сакаат да добијат лична помош да учествуваат во програмата Пионерите им помагаат на другите. Ако се согласуваш да добиеш таква помош, состани се со објавителот пионер кој е доделен да ти помогне, испланирајте практичен распоред за служба и држете се за него. Држете се за секој договор. Додека работите заедно, набљудувај ги неговите делотворни начини на презентирање на добрата вест. Анализирај зошто се делотворни извесни пристапи. Размисли за предлозите што ќе ти ги даде објавителот пионер за да ја подобриш својата презентација. Додека го применуваш она што го учиш, твојот напредок во службата ќе стане очигледен, како за тебе така и за другите. (Види 1. Тимотеј 4:15.) Работете заедно колку што е можно почесто, учествувајќи во сите аспекти на службата, вклучувајќи и неформално сведочење, но сепак сосредоточувајте се на некое посебно подрачје на кое ти е потребна лична помош.
9 Надгледникот за служба е заинтересиран за напредокот што ќе се постигне. Повремено тој ќе проверува кај водителот на Собраниската студија на книга за да види како ти користи програмата. И покраинскиот надгледник ќе ти помогне кога ќе го посети собранието.
10 Јехова сака неговиот народ да биде обучен и „опремен за секое добро дело“ (2. Тим. 3:17, NW). Подготовката Пионерите им помагаат на другите сметај ја како една добра подготовка за да им се помогне на оние кои сакаат да ја подобрат својата способност да ја проповедаат речта. Ако имаш предност да учествуваш во неа, стори го тоа со благодарност, понизност и радост.