Можеш ли да сториш повеќе за да му оддаваш чест на Јехова?
1 Тоа е битно прашање што треба да го разгледа секој од нас. Како верни имитатори на нашиот Господар, Исус Христос, денес на Бог му оддаваме чест така што јавно го објавуваме неговото име. Ова е одговорност која мораме да ја поддржуваме ако сакаме да стекнеме Божја наклоност (Мар. 13:10; Лука 4:18; Дела 4:20; Евр. 13:15). Каква неопислива предност — да, чест — да им ја носиме оваа добра вест на преостанатите растурени „овци“ кои сѐ уште не станале дел од Јеховиното универзално трло (Јован 10:16).
2 Можете ли вие и вашите деца да сторите повеќе за да му оддавате чест на Јехова така што ќе ја зголемите вашата активност во службата? Ширум светот, во сѐ поголем број, вашите браќа и сестри стапуваат во пионерската служба. Во текот на април 1992, во САД, во специјалната, општата и помошната пионерска служба учествуваше највисок број од 172.145 поединци. Дали вие самите сериозно сте размислиле за пионерската служба? Дали сте ги охрабриле вашите деца да тежнеат кон кариера во полновремената сужба?
3 Зошто да не анализираш како ти лично гледаш на пионерската служба? Кога ќе се спомене таа тема, дали брзо заклучуваш дека твоите околности едноставно не ти дозволуваат да служиш како пионер? Вистина е дека не е возможно секој да биде пионер. Библиските одговорности и други ограничувања спречуваат многумина да служат полновремено (1. Тим. 5:8). Но, дали во последно време си размислувал во молитва за таа работа? Дали сте разговарале на таа тема како семејство за да видите дали барем еден член може да биде пионер? Стражарска кула од 1. март 1983, на 41. страница ја наведе следнава изјава која тера на размислување: „Секој христијански слуга треба во молитва да размисли дали може да биде пионер или не. Еден брачен пар од Јужна Африка, кој 15 години е во пионерската служба, рекол: ‚Зошто сме во пионерската служба? Дали би можеле да се оправдаме пред Јехова зошто не сме пионери?‘ Добро е многу кои не се пионери да си постават лично прашање: ‚Можам ли навистина да се оправдам пред Јехова зошто не сум пионер?‘“
4 Една друга статија од Стражарска кула на таа тема го даде овој нагласен коментар: „Секој од нас треба да биде чесен со себе. Дали велиш: ‚Духот е спремен, но телото е слабо‘? Но дали духот е навистина спремен? Да не дозволиме слабоста на телото да ни биде изговор за неспремноста на духот“ (wE 15.8.78, стр. 23).
5 Родители кои сакаат нивните деца да успеат: Изреки 15:20 нѐ уверуваат: „Мудар син го радува татка си“. Богобојазливите родители, без сомнение, се радуваат кога нивните синови и ќерки тежнеат кон живот исполнет со предадена служба за Јехова. Меѓутоа, вашите деца нема автоматски да го изберат мудриот пат. Привлечноста на овој свет е мошне моќна. Родители, вредностите на вашите деца во голема мера се изоструваат преку вашите. Ако секогаш зборувате позитивно за користите од полновремената служба, ако ги охрабрувате вашите млади да го бараат друштвото на оддадени пионери, ако сте навистина уверени дека полновремената служба е најчесната кариера која вашите деца некогаш можат да ја прифатат, тогаш овој позитивен став несомнено силно ќе повлијае на вашите деца. Помогнете им да сфатат колку е вредно да стекнуваат добро име кај Јехова наместо кај луѓето.
6 Млади, Изреки 22:1 го истакнуваат изборот кој треба да го направите: „Подобро е добро име, отколку големо богатство, и подобро е добра слава [наклоност, NW], отколку сребро и злато“. Какво име си стекнувате? Размислете за мажите и жените за кои читаме во Библијата, а кои стекнале име кај Бог преку оддадена служба. Тука биле Лука, омилениот лекар, и Енох, кој одел со вистинскиот Бог. Самуил го добил најдоброто можно образование, почнувајќи ја својата служба во Јеховиниот храм на рана возраст. Мислите ли дека овие верни слуги некогаш се покајале заради изборот што го направиле? Зошто би го сториле тоа? Сите тие воделе среќен, продуктивен и возбудлив живот. А добиле и трајна наклоност кај Јехова! (Пс. 109:3; 148:12, 13; Изр. 20:29а; 1. Тим. 4:8б).
7 Кога децата ќе успеат во животот, родителите имаат чувство на гордост. Она што го инвестирале во воспитување, поучување и образование на ова ‚наследство Господово‘ им се исплатило повеќекратно (Пс. 126:3). Што може да го направи родителот толку горд колку синот или ќерката која прави сѐ што може за да му оддаде чест на Јехова? Многу млади луѓе во денешни времиња ги следат стапките на Лука, Енох и Самуил, а тоа го илустрира едно писмо: „Имам 16 години. Со општата пионерска служба започнав . . . девет месеци по своето крштение и оттогаш наваму добивам благослови од Јехова. . . . Пионерењето ти помага и на училиште. Порано, соучениците ми додеваа затоа што бев Сведок. Сега, откако морам многу повеќе лично да проучувам, во состојба сум да ‚им одговорам на оние што ме клеветат‘“.
8 Образование кое опремува за службата: На ова место можеме да го разгледаме прашањето за световно образование. Ова е подрачје каде што особено е потребно урамнотежено гледиште. Стражарска кула од 1. ноември 1992 ја донесе статијата „Образование со цел“. Под поднасловот „Соодветно образование“ наведена е оваа мисла: „Христијаните треба да бидат во состојба сами да се издржуваат, па и ако се полновремени пионерски слуги (2. Сол. 3:10-12). . . . Колкаво образование му е потребно на еден млад христијанин за да ги почитува овие библиски начела и да ги задоволи своите христијански обврски? . . . [Која плата може] да се нарече ‚пристојна‘ . . . за оние кои сакаат да бидат пионерски слуги на добрата вест? На таквите обично им треба работа со скратено работно време за да избегнат да им наметнат ‚скап товар‘ (NW) на своите браќа или на своето семејство (1. Сол. 2:9)“.
9 Доколку се чини дека на идниот пионер му е неопходно дополнително образование кое ќе му помогне да ја извршува пионерската служба, Стражарска кула од 1. ноември 1992 препорачува: „Младиот Сведок добро ќе постапи, ако воопшто е можно, тоа да го стори додека живее дома, и на тој начин да може да ги одржи нормалните христијански навики за проучување, присуствување на состаноци и активноста на проповедање“.
10 Од Африка доаѓа искуството на еден 22-годишен младич кој морал да оди на трговски факултет, иако неговото срце било за пионерската служба. Додека бил на трговскиот факултет, стапил во помошна пионерска служба. Врсниците му се исмејувале така што велеле дека сигурно ќе падне на испитите. Тој секојпат им одговарал: „Барајте го најнапред царството на Бога и Неговата правда“. Вежбајќи самодисциплина, секое утро станувал прилично рано и два часа се подготвувал за часовите, а попладне, по завршувањето на наставата, учествувал во службата на проповедање. Целото училиште било вчудовидено кога овој младич се нашол на третото место на посебниот испит кој бил наменет да се изберат најдобрите три студента за посебна стипендија. Студентот кој бил втор бил интересент со кого нашиот брат пионер ја проучувал Библијата на факултетот. Првопласираниот студент бил друг ревен млад Сведок од тој факултет.
11 Старешините го прават својот дел: Собраниските старешини, кои се гордеат со делото што го вршат пионерите, им пружаат големо охрабрување на овие млади слуги. Старешините со задоволство го вршат ова бидејќи знаат дека марливите, продуктивни пионери се благослов за секое собрание. Откако ќе поминат околу една година во општата пионерска служба, таквите поединци исполнуваат услови за додатно оспособување во Школата за пионерска служба. Курсот се покажал како непроценливо средство за подобрување на делотворноста на пионерите. Иако пионерите се на првата линија во делото, ним исто така им треба љубезно охрабрување, а старешните треба да бидат будни за да ја задоволат оваа потреба (1. Петр. 5:1-3).
12 Како можат старешините да го поттикнат пионерското дело? Добра почетна точка би била повремено да се процени кој е можеби во состојба да посегне по оваа предност. Старешините можат да им пријдат на поединците кои изгледа дека се во поволна положба да бидат пионери, вклучувајќи голем број од оние кои се редовно помошни пионери, пензионери, домаќинки и студенти. Иако никој не треба да се почувствува дека мора да се пријави, оние кои имаат желба а се колебаат можат, со мало практично охрабрување, да сфатат дека пионерската служба им е на дофат.
13 Додека ги охрабруваат оние кои сакаат да се пријават, старешините треба да задржат на ум дека не е неопходно кандидатот да помине неколку месеци во помошната пионерска служба пред да се пријави за општ пионер (km 9/86, додаток пас. 24-26). Секако, старешините ќе сакаат до разумна мера да бидат уверени дека кандидатот може да го исполни барањето за часови.
14 Откако Службениот одбор на собранието ќе ја разгледа, а секретарот внимателно ќе провери дали се одговорени сите прашања, молбата треба без одлагање да се испрати до Заедницата.
15 Секретарот треба да ги информира старешините за секој проблем кој пионерите можеби го доживуваат. Ова особено е важно во собранијата каде што има многу пионери. Освен тоа што активноста на пионерите ќе биде разгледана на крајот од службената година, како што се бара со извештајот Собраниска анализа (S-10), секретарот треба да му предложи на надгледникот за служба да се состанат заедно на почетокот на март за да видат кој можеби заостанува во исполнувањето на квотата и кому треба лично да му се посвети внимание. (Види Известувања во Наша служба за Царството од февруари 1993.) Ако се пружи помош без одлагање, пионерот можеби ќе биде во состојба успешно да ја заврши службената година.
16 Голем број од новите пионери се млади по години и релативно нови во вистината. Нивниот спремен дух сигурно нѐ радува! Но, на овие нови сѐ уште им треба оспособување за да развијат вештина во работата од куќа до куќа, во правење повторни посети и да поучуваат на библиски студии. Ако не се добие такво оспособување, новите може да се обесхрабрат по околу една година и на крајот да престанат со пионерската служба затоа што не постигнале добри резултати во службата. Будните старешини ќе бидат во состојба да откријат најмали проблеми или забавување во активностите. Ако непосредно му се обрне внимание и му се помогне во проблемите, пионерот може да се радува на долгогодишна продуктивна служба.
17 Можеш ли да ловиш во далечни води? Некои ученици на Исус биле рибари. Понекогаш, и после цела ноќ рибарење, мрежите им останувале празни (Јован 21:3). Во извесни делови на оваа земја каде што ‚ловењето на луѓе‘ трае со години, некои пионери можат да заклучат дека во собраниските „води“ останале само неколку „риби“ (Мат. 4:19). Наспроти тоа, зарем не сме возбудени кога читаме извештаи кои доаѓаат од други земји каде што објавителите и пионерите водат многу библиски студии? Радоста што ја доживуваат пионерите и мисионерите во овие земји е јасно видлива (w 1.9.92, пас. 15). Затоа, ако околностите на некои марливи пионери им дозволуваат да се преместат во земја каде што има поголема потреба, треба да го разгледаат тоа со нивната подружница пред да направат таква преселба.
18 Отпрво, некои можеби почнале со пионерската служба затоа што знаеле дека тоа е она што е исправно, но се прашувале дали ќе можат да успеат во неа. Можеби се пријавиле со извесна мера на сомнеж и резервираност. На крајот, можеби на подрачјето имале минимални резултати. Меѓутоа, со текот на времето пораснала нивната вештина, а било и очигледно дека Јехова ја благословува нивната работа. Постепено растела нивната радост и доверба. За некои, пионерската служба се покажала дури како отскочна даска за Бетелска служба, оспособување во Гилеад и мисионерска работа, Школа за оспособување на слуги, па дури и за патувачко дело.
19 Можеби нема да биде можно да се преселиш во друга земја или да ја искористиш предноста на оспособувањето во Гилеад, но и понатаму постојат можности да одиш во други води во рамките на оваа земја, ако твоето сегашно подрачје не е особено продуктивно. Таквата преселба можеби ќе бара прилагодување во твојот начин на живот, но духовните награди навистина ќе бидат многу големи (Мат. 6:19-21).
20 Ако ти дозволуваат околностите, можеби ќе можеш да му помагаш на некое блиско собрание во твојата покраина. Ако си оспособен за тоа, твојот покраински надгледник ќе биде среќен да ти предложи собранија во покраината кои би имале корист од уште еден пионер.
21 Некои пионери и објавители биле во состојба да служат на потребите на нивното подрачје, а останале да живеат дома. Можеби знаат друг јазик. Дали согледуваш дека на вашето подрачје прилично голем дел од населението зборува на друг јазик? Дали постојат луѓе кои треба да ја примат пораката на Царството од некој кој користи јазик за глувонеми? Таквото познавање на друг јазик може да биде од голема помош да се достигнат со пораката на Царството сите видови луѓе. Иако ова може да биде вистински предизвик, може да се покаже и како мошне наградувачко (1. Тим. 2:4; Тит 2:11).
22 Ако уште сега правиш сѐ што можеш за да му оддаваш чест на Јехова, радувај се на моменталните предности на службата. Ако мислиш дека можеш да сториш повеќе, во молитва изнеси ја пред Јехова таа работа. Реално анализирај какви промени би ти дозволиле твоите околности. Поразговарај за своите планови со некој старешина кој има пионерски дух или со покраинскиот надгледник. Кога преку молитви ќе донесеш практична одлука, проследи ја без одлагање, сигурен во Јеховиното ветување дека ќе им оддаде чест на сите кои му оддаваат чест (Евр. 13:5, 6; 1. Цар. 2:30).