Тие можат да видат дека ние сме поинакви
1 Минатата година ни се придружија повеќе од 300.000 нови кои се крстија. Што виделе овие луѓе во Јеховините сведоци што ги натерало да посакаат да бидат дел од Божјата организација? Зошто се издвојуваме како поинакви од сите други религии? Еве некои јасни одговори:
— Ние се придржуваме за Библијата, а не за нечии лични мислења: Го обожаваме Јехова Бог „со дух и вистина“, токму како што Исус Христос рекол да правиме. Тоа значи да ги отфрлиме религиозните лаги и да се подложиме на Божјата пишана Реч (Јован 4:23, 24; 2. Тим. 3:15—17).
— Ние одиме кај луѓето, а не чекаме тие да дојдат кај нас: Сме го прифатиле Христовиот налог да проповедаме и да поучуваме и го имитираме неговиот пример во барањето на оние кои се со искрени срца. Ги бараме во нивните домови, на улица и секаде каде што може да се најдат (Мат. 9:35; 10:11; 28:19, 20; Дела 10:42).
— Ние му даваме библиска поука на секого без да наплатуваме: Бесплатно ги трошиме нашите средства и енергија, посветувајќи преку една милијарда часови годишно во службата за Бог. Без предрасуди ја проучуваме Библијата со сите видови луѓе (Мат. 10:8; Дела 10:34, 35; Откр. 22:17).
— Добро сме обучени за духовно да им помагаме на луѓето: Преку нашата лична студија на Библијата и поуките кои се дадени на собраниските состаноци, собири и конгреси, ние добиваме непроценливо, постојано теократско образование, кое ни овозможува духовно да ги просветлуваме другите (Иса. 54:13; 2. Тим. 2:15; 1. Петр. 3:15).
— Сериозно ја сфаќаме вистината, применувајќи ја во нашиот секојдневен живот: Поради нашата љубов кон Бог, ние правиме промени, доведувајќи го својот живот во склад со неговата волја. Нашата нова личност слична на Христовата ги привлекува другите кон вистината (Кол. 3:9, 10; Јак. 1:22, 25; 1. Јов. 5:3).
— Настојуваме да живееме и да работиме во мир со другите: Негувањето божествени особини ни помага да внимаваме на нашите постапки и говор. Со сите лица ние ‚бараме мир и се стремиме кон него‘ (1. Петр. 3:10, 11; Ефеш. 4:1—3).
2 Примерите на христијански живот кои луѓето ги гледаат во Јеховината организација мотивираат многумина да ја прифатат вистината. И нашиот личен пример нека има исто такво влијание врз оние кои нѐ познаваат и нѐ гледаат.