Задржи го Царството на прво место
1 Да се стави Божјето Царство на прво место во животот и да се задржи таму не е лесно кога сме соочени со економски притисоци или со други проблеми. Како го задржуваме Царството на прво место кога ќе се појават тешкотии? Што ако ни се понуди работно место што ќе бара да ги пропуштаме состаноците или ќе ни пречи во службата на теренот? Дали тогаш Царството ќе мора да заземе второ место во животот?
2 Неопходна е цврста вера: Кога нашата вера е ставена на испит под такви околности, не смееме да го изгубиме од вид Јеховиното ветување и Исусовото уверување дека ќе имаме божествена поддршка ако најпрво го бараме Царството (Псал. 37:25; Мат. 6:31—34). Световните влијанија и притисоци би можеле да го замаглат нашето гледиште и да нѐ спречат да го задржиме Царството на најважно место. Некои дозволиле изгледите за престиж на работното место или финансиската добивка да им станат најважни во животот. Меѓутоа, исто како Павле, треба точно да процениме што има вистинска вредност во животот (Фил. 3:7, 8).
3 Дали се потребни преиначувања? Една објавителка рекла: „Срцето ми беше во бизнисот — тој ми беше најголема љубов. Сметав дека сѐ уште можам да бидам Сведок додека истовремено поголемиот дел од времето го посветувам на интересите на бизнисот“. Но, ја измачувало чувството дека може да направи повеќе за да му служи на Јехова. Со текот на времето се откажала од бизнисот што ѝ бил пречка во духовниот напредок. Штом целосно се посветила на делото на Царството, можела да рече: „Сега чувствувам дека мојот живот е успешен во Јеховини очи, а токму тоа е навистина важно“.
4 За пофалба е што мнозина се откажале од световна кариера и од можности за поголема финансиска добивка, го поедноставиле својот живот и стапиле во полновремена служба. Младите, неженети слуги помошници и старешини што присуствувале на Школата за оспособување на слуги го направиле тоа и се радуваат на убави предности во службата. Имитирајќи го одличниот пример на Павле, тие се вистински задоволни со основните материјални работи (1. Кор. 11:1; 1. Тим. 6:6—8; Евр. 13:5).
5 Иако светот можеби ќе се исмејува на нашиот начин на живот, ние имаме благослов од Јехова (1. Кор. 1:26—31). Зарем не нѐ охрабрува сознанието дека ќе нѐ користи колку што е можно поцелосно и ќе ни помогне да го извршиме неговото дело? Приликата што ја имаме сега, да го објавуваме Божјето воспоставено Царство, нема да се повтори никогаш повеќе. Затоа, сега е време да ги задржиме интересите на Царството на прво место во нашиот живот.