„Како ќе чујат?“
1 Исус јасно рекол: „Во сите нации најпрво мора да биде проповедана добрата вест“ (Марко 13:10). И покрај нашите марливи напори, има уште стотици милиони луѓе на кои не им било посведочено лично. Некои влади го ограничуваат нашето дело. Во многу земји има огромно население чиј број брзо расте. Според тоа, „како ќе чујат“ тие? (Рим. 10:14).
2 Имај доверба во Јехова: Не смееме да заборавиме дека Јехова ја знае состојбата на срцето на сите луѓе. Без оглед на тоа каква е ситуацијата на една личност, ако искрено ја бара вистината за Бог, ќе ја најде (1. Лет. 28:9).
3 Авраам бил загрижен за жителите на Содом и Гомор. Но, Бог го уверил дека Содом нема да биде уништен дури и ако во него се најдат само десет праведни луѓе (Бит. 18:20, 23, 25, 32). Јехова никогаш не ги уништил праведните заедно со злобните, како што може да се види од избавувањето на Лот и неговите ќерки (2. Пет. 2:6—9).
4 Во една прилика Илија мислел дека му служи на вистинскиот Бог сосема сам. Меѓутоа, Јехова го уверил дека воопшто не е сам и дека делото што го започнал ќе биде завршено (1. Цар. 19:14—18). Каква е ситуацијата во нашево време?
5 Остани зафатен во Божјата служба: Уште во колку голем обем треба да се изврши делото на сведочење, не знаеме. Јехова е одговорен за ова дело и ги користи своите ангели за да го надгледуваат (Откр. 14:6, 7). Тој треба да одреди во кој обем треба да им се даде сведоштво на сите нации. Ако одлучи Јехова, тој може да се погрижи пораката за Царството да се рашири на начини што сѐ уште не можеме да си ги замислиме за да можат уште многу луѓе „да ја чујат речта на добрата вест и да поверуваат“ (Дела 15:7). Она што го прави Јехова ќе биде во потполна хармонија со неговата личност — Бог полн со љубов, мудар и праведен.
6 Имаме предност да работиме во склад со Јеховината волја, давајќи сѐ од себе за секој да ја чуе добрата вест (1. Кор. 9:16).