Млади — читајте ја Божјата реч!
1 Младоста е време на предизвици и тешки одлуки. Многумина од вас, христијански младинци, секојдневно се соочуваат со притисок да ги прекршат Божјите мерила на однесување. Кога ќе почнеш да донесуваш лични одлуки во врска со образование, вработување и брак, веќе треба да си имаш поставено духовни цели. Само на тој начин можеш да донесеш други одлуки што ќе го обликуваат остатокот од твојот живот на добро. Конкретните духовни цели ќе ти помогнат да постапуваш мудро и да бидеш успешен. Од читањето и медитирањето за Божјата реч ќе бидеш поттикнат да живееш во склад со нејзиниот инспириран совет, а твоите исправни стремежи ќе успеат (Ис. Нав. 1:8; Псал. 1:2, 3).
2 Како ќе ти користи тоа? Светот на Сатана е полн со искушенија што наведуваат на престап (1. Јов. 2:15, 16). Можеби познаваш соученици или други на твоја возраст кои доживеале несреќа затоа што попуштиле на притисокот од врсниците. Придржувањето за библискиот совет ќе ти даде морална и духовна сила да го отфрлиш грешниот правец. Освен тоа, советот од Божјата реч може да ти помогне да ги избегнеш подмолните замки на Сатана (2. Кор. 2:11; Евр. 5:14). Одењето по Божјите патишта ќе ти донесе вистинска среќа — лично задоволство од твојот начин на живот (Псал. 119:1, 9, 11).
3 Непроменливите начела од Божјата реч ја надминуваат човечката мудрост (Псал. 119:98—100). Тоа што ќе ги знаеш библиските начела и ќе медитираш за намерите на Јехова што тој ни ги открил, заедно со искрена молитва, може да ти помогне да изградиш близок однос со семудриот Автор на Библијата, Јехова Бог. Тој ветува: „Ќе те учам, ќе ти го покажам патот по кој треба да одиш, ќе те советувам, Моето око ќе бдее над тебе“ (Псал. 32:8).
4 Одвој си време за да ја читаш: Една млада христијанка си поставила цел да ја прочита целата Библија и ја завршила за една година. Каква корист извлекла? Таа си спомнува: „Научив толку многу за Јехова — работи што ме зближија со него и поради кои сакам да се плашам од него до крајот на мојот живот“ (Јак. 4:8). Си ја прочитал ли целата Библијата? Ако не, зошто не си го поставиш тоа за цел? Јехова сигурно ќе ги благослови твоите напори и ќе пожнееш богати благослови.