Рубрика прашања
◼ Како треба да ги вршиме задачите што ни се доделени во собранието?
Уредното функционирање на едно собрание на Јеховиниот народ е резултат на заеднички напор (1. Кор. 14:33, 40). Размисли што сѐ е вклучено во само еден собраниски состанок. Освен самата програма, се одвиваат многу активности пред и по состанокот додека браќата и сестрите извршуваат различни задачи. И други должности, кои другите не ги ни забележуваат, се исто така важни. Како може секој од нас да го даде својот дел во оваа подготовка?
Стави се на располагање. Оние што имаат спремен дух ќе можат да прават многу работи (Псал. 110:3). Покажи интерес за болните и за постарите. Помогни во чистењето на Салата на Царството. Можеме да направиме многу корисни работи без да мора да ни се каже. Едноставно треба да имаме желба да помогнеме.
Служи скромно. Скромните се среќни додека им служат на другите (Лука 9:48). Скромноста нема да ни даде да се нафатиме на повеќе одговорности од оние што реално можеме да ги носиме. Освен тоа, скромноста ќе нѐ спречи да ги преминеме границите на овластувањето што ни е дадено (Посл. 11:2).
Биди доверлив. Мојсеј бил охрабрен да избере „доверливи луѓе“ за да ги постави на одговорни положби во древниот Израел (Изл. 18:21, NW). Истата оваа особина е потребна и денес. Совесно извршувај ја секоја задача што ти е дадена (Лука 16:10). Ако ти лично не можеш да завршиш некоја задача, погрижи се да се направат соодветни подготовки некој друг да ја изврши додека ти си отсутен.
Дај го најдоброто што можеш. Христијаните се опоменати да работат со цела душа дури и кога станува збор за световни работи (Кол. 3:22—24). Имаме уште посилни причини да го правиме тоа кога станува збор за унапредувањето на вистинското обожавање. Дури и ако некоја задача ни се чини ниска и неважна, собранието извлекува корист кога таа задача ќе биде добро извршена.
Секоја задача ни дава можност да ја покажеме нашата љубов кон Јехова и кон нашите браќа (Мат. 22:37—39). Совесно да ги извршуваме сите должности што ни се доверени.