Близу е Јеховиниот ден
1 Христијаните со нетрпение го очекуваат Јеховиниот ден, преку кој ќе биде уништен сегашниов систем на уредување и ќе биде воведен еден нов свет на праведност (2. Петр. 3:12, 13). Бидејќи не знаеме кога точно ќе дојде тој ден, мораме да останеме будни и да им помагаме на другите да го прават истото (Езек. 33:7-9; Мат. 24:42-44). Ако длабоко размислуваме за Божјата пророчка реч, тогаш ќе се зајакне нашата увереност дека е ‚близу големиот ден на Јехова‘ (Соф. 1:14, NW).
2 Маршот на светските сили: Како што е запишано во Откровение 17:9-11, апостол Јован спомнува „седум цареви“, кои ги претставуваат седумте светските сили наредени една по друга. Јован исто така зборува и за „осми цар“ кој денес ги претставува Обединетите нации. Дали треба да очекуваме на сцената да стапат други светски сили? Не, пророштвото кажува дека овој осми цар „оди во уништување“, а после него не се спомнуваат други земни цареви. Дали ова пророштво ти помага да видиш каде се наоѓаме во струјата на времето?
3 Даниел 2:31-45 ни помага да го разбереме доаѓањето на Јеховиниот ден. Во тоа пророштво, огромниот лик што во сон го видел Навуходоносор, ги претставува светските сили една по една. Секоја од нив веќе се има појавено. Во кој дел од историјата се наоѓаме ние денес? Во времето што е претставено со стапалата на ликот. Пророштвото живо опишува што ќе се случи потоа. Човечкото владетелство ќе биде потполно уништено, отстапувајќи му место на едно „Царство кое никогаш нема да пропадне“. Дали гледаш како сето ова покажува дека Јеховиниот ден е близу?
4 Други докази: Ние сме очевидци и на други докази дека Јеховиниот ден е близу. Го гледаме исполнувањето на она што апостол Павле го прорекол во врска со тоа какви ќе бидат луѓето „во последните денови“ (2. Тим. 3:1-5). Исто така учествуваме во глобалното сведочење кое мора да се заврши пред да дојде крајот (Мат. 24:14). Во нашата јавна служба и понатаму нека се гледа итноста од објавата на ангелот: „Плашете се од Бог и оддајте му слава, зашто дојде часот на неговиот суд“ (Откр. 14:6, 7).