Писмо од Водечкото тело
СЛЕДЕЈЌИ ГО Исусовиот пример, ние сесрдно го молиме Бог: „Да се свети името твое“. Нашата силна желба да живееме во склад со таа молитва се гледа од начинот на кој живееме како Јеховини сведоци. Се разбира, треба да знаеме многу повеќе отколку само тоа дека Божјето име е Јехова. Мора да ја искористиме секоја прилика за да го славиме тоа име. Навистина, најголемата чест што сите ние можеме да ја имаме е да бидеме наречени Јеховини сведоци (Мат. 6:9; Иса. 43:10).
Во согласност со Псалм 110:3, Јеховиниот народ спремно учествува во делото што Јехова заповедал да се изврши. Зошто луѓе од сите возрасти и од различно потекло напорно работат во проповедничкото дело? Првенствено, тоа го прават затоа што го сакаат Бог и затоа што му се лојални. Во 5. Мојсеева 6:5, 6, заповедано ни е да го сакаме Јехова со „сето свое срце, со сета своја душа и со сета своја сила“. Оваа искрена љубов нѐ поттикнува да ги користиме времето, силата и средствата за да го поддржуваме Божјето Царство, а во тоа е вклучено и да сториме сѐ што можеме за да учествуваме во службата онолку колку што ни дозволуваат околностите.
Љубовта кон луѓето го мотивирала Јехова да даде упатство да се проповеда добрата вест за неговото Царство низ целиот свет. Тој не сака да биде уништен никој туку сака сите да се покаат поради својата бунтовност и да се вратат кај својот Творец за да можат да живеат (2. Пет. 3:9). „Не ми е мило да умре злосторникот“, вели Јехова, „туку злосторникот да се одврати од својот пат и да остане жив“ (Езек. 33:11). Кога учествуваме во службата, ние сме видлив доказ за Јеховината љубов кон другите луѓе. Овој факт, без сомнение, е една од причините за радоста и задоволството што ги чувствуваме кога го извршуваме ова важно дело.
Нашата длабока љубов кон Јехова се гледа и од нашиот став кон неговата вдахновена Реч, Светото писмо. Без Библијата не би го запознале Бог и не би можеле да му се приближиме, на што сме повикани во Јаков 4:8. Ниту би можеле да знаеме зошто сме тука и што ќе се случи во иднина. Не би знаеле дека нашиот заеднички предок Адам е причината за нашите проблеми (Рим. 5:12). Исто така, не би знаеле дека, затоа што многу нѐ сака, Бог го дал својот единороден Син како откупнина за нас. На многу други начини, Јехова ни дава дел од своето знаење, мудрост и разбирање. Навистина многу го цениме дарот што ни го дал, неговата Реч која тој ја вдахновил со својот дух! Нашето ценење за овој прекрасен дар нѐ поттикнува да си ‚откупуваме време‘ да ја читаме, да ја проучуваме и длабоко да размислуваме за она што таа ни го вели (Еф. 5:15, 16; Пс. 1:1-3). Никогаш не треба да жалиме за времето што треба да го издвоиме за секојдневно да ја читаме Божјата реч. Напротив, нашата љубов кон Бог треба да нѐ привлече кон неговата Реч, а тоа ќе ни помогне подобро да го разбираме и уште повеќе да го сакаме.
Од Библијата дознавме дека, кога Адам згрешил против Јехова, ги довел сите свои идни потомци, вклучувајќи го и секој од нас, во една жалосна, безнадежна ситуација. Меѓутоа, Бог можел и обезбедил спас за луѓето, така што презел чекори за да го осигура исполнувањето на неговата намера во врска со планетата Земја (1. Мој. 3:15).
Без сомнение, секој од нас има силна желба да го посвети прекрасното име на нашиот Бог. Додека се зголемува нашето знаење за тоа колку прекрасен Бог е Јехова, поттикнати сме да соработуваме со него и со неговата организација во објавувањето на неговото големо име и намера. Сѐ повеќе сме уверени дека Јехова нѐ одобрува и нѐ благословува уште сега, и дека нѐ очекува бескрајна иднина во новиот свет.
Ние, членовите на Водечкото тело, многу ве сакаме вас, драги браќа и сестри. Исто така, многу го цениме тоа што се трудите да го користите времето што преостанува до „големата неволја“ за да им ја пренесете добрата вест на што е можно повеќе луѓе (Отк. 7:14). На тој начин, им ја давате истата можност што сте ја добиле и самите, а тоа е да ги запознаат Бог и Христос, за да можат и тие да добијат вечен живот (Јован 17:3).
Вашите браќа
Водечкото тело на Јеховините сведоци