‚Без страв да ја зборуваме речта Божја‘
1 Дали некогаш се колебаш да зборуваш за твојата вера кога ќе ти се пружи прилика на училиште или на работа? Дали ти е тешко да им сведочиш неформално на роднините и соседите или можеби на луѓе што не ги познаваш? Што ќе ни помогне на сите нас да ги искористиме погодните прилики за ‚да ја зборуваме речта Божја без страв‘? (Фил. 1:14).
2 Не колебај се: Дали би се колебал да одбраниш некој близок пријател или некој роднина кој бил лажно обвинет за нешто? Јехова, нашиот најблизок Пријател, со илјадници години е сосема погрешно прикажуван. Ние ја имаме посебната чест да сведочиме во корист на нашиот величествен Бог! (Иса. 43:10-12). Длабоката љубов кон Јехова ќе ни помогне да ги надминеме срамежливоста или стравот што можеби ги чувствуваме и може да нѐ поттикне смело да сведочиме за вистината без да се колебаме (Дела 4:26, 29, 31).
3 Запомни дека нашата порака е добра вест. Таа ќе им донесе трајна корист на оние што ќе постапат во склад со неа. Кога размислуваме за вредноста на проповедничкото дело наместо за нас самите или за нашите противници, тоа ни помага да проповедаме со смелост.
4 Примери од другите: Може да нѐ зајакне и верноста што ја покажале други додека без страв ја зборувале речта Божја. На пример, Енох храбро ги објавил Јеховините осуди против безбожните грешници (Јуда 14, 15). Ное верно им проповедал на луѓе што биле незаинтересирани (Мат. 24:37-39). Христијаните од првиот век, кои биле „неуки и обични“, продолжиле да проповедаат и покрај сурово противење (Дела 4:13, 18-20). Во Стражарска кула и Разбудете се! честопати се наоѓаат современи животни приказни за оние што со вера во Јехова го надминале стравот од човек и станале ревносни проповедници.
5 Многу ќе се охрабриме ако размислуваме за животот на верните слуги од минатото што се соочиле со тешки ситуации (1. Цар. 19:2, 3; Мар. 14:66-71). Тие ‚собрале смелост со помош на нашиот Бог‘ и зборувале без страв. Можеме и ние! (1. Сол. 2:2).