‚Бидете спремни за секое добро дело‘
1 Кога започнал една нова проповедничка акција, Исус одвоил време да ги подготви своите ученици за неа (Мат. 10:5-14). Иако сите сме зафатени, доколку одвоиме барем неколку минути за да се подготвиме пред да одиме во служба од куќа до куќа, ќе имаме подобри резултати (2. Кор. 9:6).
2 Како да се подготвиме: Прв чекор е да ги прочитаме публикациите што ќе ги нудиме. Освен тоа, треба да размислиме и за луѓето на подрачјето. Какви грижи имаат? Во што веруваат? Предложените презентации во Нашата служба за Царството и во брошурката Како да се започнат и продолжат библиски дискусии можат да ни дадат идеја како да им сведочиме.
3 Исто така, добро е внимателно да ги слушаме презентациите што се изнесуваат на Состанокот за нашата служба. Ако почесто користиме некој увод, ќе ни треба помалку време за подготовка. Сепак, за да бидеме поделотворни, секогаш пред да одиме во служба ќе биде убаво накратко да се потсетиме што да кажеме и да го подобриме својот увод. Исто така, треба да провериме дали во чантата имаме сѐ што ни е потребно за служба.
4 Што ќе ни помогне да ја запомниме презентацијата? Еден начин е да ја вежбаме на глас. Некои редовно вежбаат презентации кога проучуваат со семејството. Други, пак, си запишуваат на ливче што да кажат и се потсетуваат пред да заѕвонат на следната врата.
5 Зошто е корисно: Кога сме добро подготвени, тогаш сме поуспешни и порадосни во службата. Поопуштени сме и немаме многу трема. Повеќе мислиме на станарот отколку на тоа што да кажеме. Исто така, кога знаеме што пишува во публикациите, ги нудиме со поголемо воодушевување.
6 Библијата нѐ поттикнува да ‚бидеме спремни за секое добро дело‘ (Тит 3:1). Има ли подобро дело од проповедањето на добрата вест? Ако внимателно се подготвуваме, покажуваме почит кон станарот што е спремен да нѐ сослуша и кон Јехова, Богот кого го претставуваме (Иса. 43:10).