Проповедај без престан
1 Понекогаш, можеби си мислиме дека нашето подрачје е многу често обработувано, но без значајни резултати. Сепак, постојат големи причини да продолжиме да проповедаме (Мат. 28:19, 20).
2 Се дава сведоштво: Исус прорекол дека проповедањето за Царството ќе биде значаен дел од комбинираниот знак за „свршетокот на овој поредок“ и дека тоа ќе се прави „за сведоштво на сите народи“ (Мат. 24:3, 14). Кога луѓето нѐ гледаат додека ја проповедаме добрата вест за Царството, даваме големо сведоштво. Откако ќе заминеме од подрачјето, некои од нив можеби ќе зборуваат за нашата посета со часови или со денови, дури и ако не сакале да ја сослушаат библиската порака. Тоа што знаеме зошто проповедаме ни помага да истраеме. Кога сведочиме и ги предупредуваме луѓето, ние учествуваме во исполнувањето на библиските пророштва, а со тоа го радуваме Јехова (2. Сол. 1:6-9).
3 Потребна е истрајност: Денес луѓето немаат многу време бидејќи се зафатени со разни обврски. Затоа, треба да бидеме истрајни за да ги поттикнеме да се заинтересираат за вистината. Сведоците посетувале една жена секоја седмица во текот на цела година пред таа да реши да ги покани дома за да разговараат за Библијата. Многу ѝ се допаднало тоа што го слушнала, па почнала да ја проучува Библијата, да доаѓа на состаноците и, по кратко време, сакала да се крсти.
4 Состојбата во светот брзо се менува, а исто така и ставовите на луѓето. Мнозина од оние што порано нѐ одбиле, можеби сега ќе ја прифатат прекрасната надеж што ја објавуваме. Нашата истрајност ќе се исплати дури и ако само еден човек позитивно реагира на пораката за Царството.
5 Сѐ повеќе луѓе во светот „тажат и плачат поради сите гадости што се прават“ (Езек. 9:4). Резултатите од нашето проповедање покажуваат дека оние што ја сакаат праведноста ја прифаќаат пораката за Царството (Иса. 2:2, 3). Затоа, да продолжиме да проповедаме без престан така што истрајно и со љубов ќе им носиме на луѓето „добра вест за нешто подобро“ (Иса. 52:7; Дела 5:42).