Нашиот живот и служба — работни листови
Превод на референци кои ги нема на македонски
3-9 ФЕВРУАРИ
ОД РИЗНИЦАТА НА БОЖЈАТА РЕЧ | 1. МОЈСЕЕВА 12-14
„Сојуз кој има значење и за тебе“
w89-Е 1/7 3, пас. 4
Зошто треба да ја знаеш вистината за Авраам
Ова било неверојатно ветување кое Авраам го слушнал во уште најмалку две прилики (1Мо 18:18; 22:18). За да го исполни, Бог ќе воскресне дури и поединци од семејните лози кои изумреле. Воскреснатите навистина ќе уживаат во животот бидејќи повеќето од нив ќе бидат вратени да живеат на Земјата во прекрасни услови, слични на оние кои постоеле во првобитниот рај. Откако ќе воскреснат, тие ќе бидат поучени што да прават за да можат да живеат засекогаш (1Мо 2:8, 9, 15-17; 3:17-23).
it-2-Е 213, пас. 3
Закон
На темел на историски докази, некои изучувачи сметаат дека, пред да продаде парче земја на некој купувач, сопственикот го водел на една височинка од која можел да го види земјиштето чии меѓи биле јасно утврдени. Со тоа што ќе рекол „Гледам“, купувачот законски потврдувал дека го зема тоа парче земја. Кога Јехова му дал на Авраам ветување дека ќе му ја даде земјата Ханаан во наследство, тој најпрво му рекол да погледне на север, на југ, на исток и на запад. Авраам не рекол „Гледам“, можеби затоа што Јехова му кажал дека дури подоцна ќе им ја даде Ветената земја на неговите потомци (1Мо 13:14, 15). На Мојсеј, како законски претставник на израелскиот народ, му било кажано да ја „погледне“ земјата. Ако гледиштето на изучувачите е точно, тоа укажувало дека таа земја ќе стане законска сопственост на Израелците, кои требало да ја заземат под водство на Исус Навин (5Мо 3:27, 28; 34:4; спореди ја и понудата што Сатана му ја дал на Исус во Мт 4:8). Друго нешто што се сметало за законска потврда било купувачот да ја изоди земјата во должина и во широчина, или да застане на неа за да ја земе како свој посед (1Мо 13:17; 28:13). Во некои древни купопродажни документи, бил наведен и бројот на дрвјата на парчето земја што се продавало. (Спореди со 1Мо 23:17, 18.)
Најди духовни бисери
it-1-Е 1113, пас. 5
Првосвештеник
Има уште една работа која покажува дека првосвештеничката служба на Исус е позначајна и повозвишена. Кога Авраам му дал десеттина на Мелхиседек, тоа било исто како неговиот иден потомок Леви, од кого потекнувале свештениците во Израел, да го направил тоа. Исто така, кога го благословил Авраам, Мелхиседек, всушност, го благословил и Леви. Со оглед на тоа што поголемиот обично го благословувал помалиот, и Леви му дал десеттина на Мелхиседек, јасно е дека Мелхиседек е поважен од Леви (Ев 7:4-10). Апостол Павле укажал и на тоа дека Мелхиседек бил „без татко, без мајка, без родословие“ и дека „нема ни почеток на неговите денови ни крај на неговиот живот“. Поради тоа, пророчки го претставувал Исус Христос кој засекогаш ќе биде првосвештеник и кој откако воскреснал добил „неуништлив живот“ (Ев 7:3, 15-17).