СТАТИЈА ЗА ПРОУЧУВАЊЕ 51
Можеш да имаш мир и покрај неволјите
Нека не се вознемирува вашето срце и нека не се плаши! (ЈОВАН 14:27)
ПЕСНА 112 Јехова — Богот што дава мир
КРАТОК ПРЕГЛЕДa
1. Што е „мирот Божји“, и како ни користи? (Филипјаните 4:6, 7).
„МИРОТ БОЖЈИ“ е нешто што им е потполно непознато на луѓето во овој свет. Тој е резултат на нашето скапоцено пријателство со Јехова. Кога го имаме мирот Божји, се чувствуваме сигурно. (Прочитај Филипјаните 4:6, 7.) Тогаш имаме блиски пријателства со оние кои го сакаат. Исто така, имаме близок личен однос со „самиот Бог на мирот“ (1. Сол. 5:23). Кога го познаваме нашиот небесен Татко и кога имаме доверба во него и сме му послушни, мирот Божји може да го смири нашето вознемирено срце дури и ако се соочуваме со тешка ситуација.
2. Зошто може да бидеме сигурни дека е можно да го имаме мирот Божји?
2 Дали навистина е можно да го имаме мирот Божји ако се соочуваме со некоја неволја, како на пример заразна болест, катастрофа, граѓански немири или прогонство? Која и да било од овие неволји би можела да нѐ исполни со страв. Сепак, Исус им го дал следниов совет на своите следбеници: „Нека не се вознемирува вашето срце и нека не се плаши!“ (Јован 14:27). Колку убаво што многу браќа и сестри биле послушни на овој совет. Со Јеховина помош тие успеале да најдат мир иако се соочиле со сериозни неволји.
МОЖЕШ ДА ИМАШ МИР КОГА ЌЕ СЕ ПОЈАВИ ЗАРАЗНА БОЛЕСТ
3. Како некоја епидемија или пандемија може да ни го одземе мирот?
3 Кога ќе избие епидемија или пандемија, тоа може драстично да влијае врз речиси секој аспект од нашиот живот. Да разгледаме какво влијание имаше КОВИД-19 врз многу луѓе. Според едно истражување, повеќе од половина од испитаниците изјавиле дека за време на оваа пандемија имале тешкотии во спиењето. Поради пандемијата, дошло до драстично зголемување на појавата на анксиозност и депресија, злоупотребата на алкохол и дрога, семејното насилство и обидите за самоубиство. Доколку избила заразна болест во местото каде што живееш, што ќе ти помогне да не бидеш премногу вознемирен и да го имаш мирот Божји?
4. Како тоа што го знаеме пророштвото на Исус за последните денови ни помага да чувствуваме мир?
4 Исус прорекол дека во текот на последните денови „на разни места ќе има смртоносни зарази“ (Лука 21:11). Како тоа што го знаеме ова ни помага да чувствуваме мир? Не сме изненадени што има толку многу заразни болести — сфаќаме дека настаните се одвиваат токму онака како што прорекол Исус. Затоа можеме да го следиме следниов совет што Исус го дал за оние што ќе живеат во времето на крајот: „Гледајте да не се уплашите“ (Мат. 24:6).
Слушањето аудиоснимки од читањето на Библијата може да ти помогне да имаш мир ако се раширила заразна болест (види во пасус 5)
5. а) Во склад со Филипјаните 4:8, 9, за што треба да се молиме кога ќе се појави заразна болест? б) Како ѝ користело на една сестра тоа што слушала аудиоснимки од читањето на Библијата, и што може да научиме од нејзиниот пример?
5 Кога ќе се рашири некоја заразна болест, тоа лесно може да предизвика неизвесност, па дури и паника. Тоа ѝ се случило на една сестра по име Деси.b Откако нејзиниот чичко, братучед и лекар починале од КОВИД-19, Деси се уплашила дека и таа ќе се зарази и дека ќе ѝ го пренесе вирусот на својата остарена мајка. Таа била загрижена дека поради пандемијата ќе ја изгуби работата и се прашувала од каде ќе најде пари за храна и за кирија. Толку била загрижена поради овие работи што не можела да спие. Но, Деси успеала да си го врати мирот. Што ѝ помогнало во тоа? Таа конкретно му се молела на Јехова да ѝ помогне да биде смирена и да размислува позитивно. (Прочитај Филипјаните 4:8, 9.) Деси слушала како Јехова ѝ „зборува“ така што слушала аудиоснимки од читањето на Библијата. Таа рекла: „Пријатните гласови што ги слушав на овие снимки ме смируваа и ме потсетуваа дека Јехова се грижи за мене“ (Пс. 94:19).
6. Како ќе ти користи тоа што нема да ги запоставиш личното проучување и собраниските состаноци?
6 Кога ќе избие заразна болест, без сомнение ќе се наруши твојата секојдневна рутина. Но, не дозволувај тоа лошо да се одрази врз твоето лично проучување и присуството на состаноците. Искуствата кои се спомнуваат во нашите публикации и видеоклипови ќе те потсетат дека браќата и сестрите продолжуваат верно да му служат на Јехова иако се соочуваат со слични тешкотии (1. Пет. 5:9). Состаноците ќе ти помогнат твојот ум да биде исполнет со позитивни мисли од Библијата. Исто така, на нив ќе имаш прилика да ги храбриш другите, а и самиот да добиеш охрабрување (Рим. 1:11, 12). Ако размислуваш за тоа како Јехова им помагал на своите верни слуги кога биле болни, исплашени или осамени, твојата вера ќе се зајакне и ќе бидеш уверен дека Тој ќе ти помага и тебе.
7. Што можеш да научиш од апостол Јован?
7 Вложи труд за да комуницираш со браќата и сестрите. Кога ќе се рашири некоја заразна болест, можеби ќе треба да одржуваме физичка дистанца дури и кога сме со соверниците. Во такви моменти, можеби ќе се чувствуваш исто како апостол Јован. Тој сакал да се види со својот пријател Гај „лице в лице“ (3. Јов. 13, 14). Сепак, бил свесен дека некое време нема да може да се види со него. Затоа го направил она што можел — му напишал писмо на Гај. Ако некогаш не е можно да се видиш лично со браќата и сестрите, пробај да останеш во контакт со нив преку телефон, видеоповик или преку пораки. Ако одржуваш комуникација со соверниците, нема да се чувствуваш толку осамено и ќе имаш поголем мир. А ако се чувствуваш многу вознемирено, побарај помош од старешините и прифати го охрабрувањето кое со љубов ќе ти го дадат (Иса. 32:1, 2).
МОЖЕШ ДА ИМАШ МИР ЗА ВРЕМЕ НА КАТАСТРОФА
8. Како може некоја катастрофа да ти го наруши мирот?
8 Ако си доживеал поплава, земјотрес или пожар, можеби ќе се чувствуваш вознемирено долго време по катастрофата. Ако си изгубил некој од најблиските, или пак ако ти бил уништен домот или некои други материјални работи, можеби си почувствувал голема тага, очај, па дури и гнев. Тоа не значи дека си материјалист или дека ти недостасува вера. Си доживеал тежок испит, и можеби некои дури ќе очекуваат да реагираш негативно (Јов 1:11). Но, и покрај тој стресен период, можеш да најдеш мир. Како?
9. Како Исус ни помогнал да бидеме подготвени дека ќе се соочуваме со катастрофи?
9 Сети се кои работи ги прорекол Исус. Некои луѓе мислат дека тие лично никогаш нема да доживеат катастрофа. Но, ние знаеме дека во времето во кое живееме ќе има сѐ повеќе катастрофи и дека можеби и ние ќе бидеме погодени од некоја од нив. Исус им рекол на своите следбеници дека, пред да дојде крајот, „ќе има силни земјотреси“ и разни други неволји (Лука 21:11). Тој прорекол и дека „беззаконието ќе се зголеми“, и тоа навистина се случува. На пример, во светот има многу криминал, насилство и терористички напади (Мат. 24:12). Исус не рекол дека, ако доживуваме вакви неволји, тоа значи дека Јехова ни свртел грб. Всушност, голем број верни слуги на Јехова доживеале некаква катастрофа (Иса. 57:1; 2. Кор. 11:25). Јехова нема со чудо да нѐ заштити од секоја катастрофа, но ќе ни го даде она што ни е потребно за да чувствуваме мир и спокој.
10. Како тоа што ќе бидеме подготвени за катастрофа покажува дека имаме вера? (Изреки 22:3).
10 Ќе ни биде полесно да реагираме смирено во итен случај ако однапред сме се подготвиле за тоа. Но дали тоа што ќе бидеме подготвени значи дека немаме доволно вера во Јехова? Воопшто не. Всушност, тоа што ќе се подготвиме за катастрофа покажува дека имаме вера во неговата способност да се грижи за нас. На кој начин? Божјата Реч нѐ советува да се подготвиме за можни катастрофи. (Прочитај Изреки 22:3.) Освен тоа, преку статии во списанијата, преку собраниските состаноци и преку навремените известувања, Божјата организација одново и одново нѐ поттикнува да се подготвиме за итен случај.c Дали имаме доверба во Јехова? Ако да, ќе бидеме послушни на тој совет уште сега, пред да настане катастрофа.
Навремената подготовка може да ти помогне да преживееш катастрофа (види во пасус 11)d
11. Што учиш од она што ѝ се случило на Маргарет?
11 Да разгледаме што ѝ се случило на една сестра по име Маргарет. Откако во нејзината област имало повик за евакуација поради шумски пожар, таа морала да го напушти својот дом. Бидејќи во исто време имало толку многу луѓе кои се обидувале да го напуштат тоа место, патиштата биле блокирани и сообраќајот бил во застој. Имало многу густ чад, и некое време Маргарет била заробена во своето возило. Сепак, таа преживеала бидејќи била подготвена. Во чантата имала мапа со чија помош можела да најде друг пат за евакуација. Таа претходно дури возела по тој пат за да може лесно да го следи доколку настане итен случај. Тоа што Маргарет била подготвена ѝ го спасило животот.
12. Зошто треба да ги следиме упатствата и мерките за безбедност?
12 За да ни пружат заштита и да има ред, можеби властите ќе воведат полициски час, ќе побараат да се евакуираме или ќе преземат други практични мерки. Некои луѓе не им се послушни на ваквите упатства бидејќи не сакаат да го остават зад себе она што го поседуваат. А како е со Божјите слуги? Библијата вели: „Заради Господарот, подложете се на секоја човечка власт: било на царот како на повисок, било на управителите како на такви кои тој ги праќа“ (1. Пет. 2:13, 14). И Божјата организација ни дава упатства за да бидеме безбедни. Редовно сме потсетувани да им ги дадеме нашите најнови контакт-информации на старешините за да можат да нѐ контактираат во итен случај. Дали си го направил тоа? Исто така, може да добиеме упатства во врска со тоа дали да се засолниме дома или да се евакуираме, како да набавиме некои основни работи и како и кога да им помогнеме на другите. Ако не сме послушни на упатствата, би можеле да го доведеме во опасност нашиот живот, а и животите на старешините. Не заборавај дека овие верни мажи имаат задача да бдеат над нас (Евр. 13:17). Маргарет рекла: „Потполно сум уверена дека тоа што ги следев упатствата од старешините и од организацијата ми го спаси животот“.
13. Што им помогнало на многу христијани кои требало да го напуштат својот дом да чувствуваат радост и мир?
13 Многу браќа и сестри кои морале да го напуштат својот дом поради некоја катастрофа, војна или граѓански немири дале сѐ од себе да се приспособат на новата ситуација и не престанале да ги извршуваат теократските активности. Исто како првите христијани, кои се распрснале поради прогонство, и тие продолжуваат да ја објавуваат „добрата вест“ (Дела 8:4). Проповедањето им помага да се концентрираат на Царството, а не на отежнатите околности. Благодарение на тоа, тие останале радосни и си го зачувале мирот.
МОЖЕШ ДА ИМАШ МИР ЗА ВРЕМЕ НА ПРОГОНСТВО
14. Како може прогонството да ни го наруши мирот?
14 Поради прогонство, може да изгубиме многу работи кои обично ни помагаат да чувствуваме мир. Радосни сме кога можеме слободно да одиме на состаноците и да проповедаме, како и да ги извршуваме нашите секојдневни работи без да се плашиме дека ќе бидеме уапсени. Ако не можеме слободно да го правиме сето тоа, можеби ќе бидеме загрижени и уплашени поради она што би можело да се случи. Нормално е човек да се чувствува така. Но, мора да бидеме внимателни. Исус укажал дека прогонството би можело да предизвика неговите следбеници да се поколебаат во верата (Јован 16:1, 2). Што може да ни помогне да го зачуваме мирот кога сме прогонувани?
15. Зошто не треба да се плашиме од прогонство? (Јован 15:20; 16:33).
15 Божјата Реч ни вели: „Сите што сакаат да живеат оддадено на Бог во единство со Христос Исус, ќе бидат прогонувани“ (2. Тим. 3:12). На еден брат по име Андреј му било тешко да го прифати тој факт откако делото за Царството било забрането во неговата земја. Тој си размислувал: „Овде има толку многу Сведоци. Не е можно да нѐ уапсат сите нас“. Но, наместо да чувствува мир, поради ваквото размислување Андреј постојано бил вознемирен. Други браќа, пак, ги оставиле работите во Јеховини раце и не си мислеле дека тие нема да бидат уапсени. Иако биле свесни дека може да се случи такво нешто, сепак не биле толку вознемирени како Андреј. Затоа, тој одлучил да го усвои нивниот став и да има целосна доверба во Јехова. Кратко потоа почувствувал мир, и сега е радосен и покрај сите предизвици. Истото може да биде случај и со нас. Исус ни кажал дека треба да очекуваме прогонство, но нѐ уверил и дека можеме да останеме верни. (Прочитај Јован 15:20; 16:33.)
16. На кои упатства мора да им бидеме послушни кога сме под прогонство?
16 Ако нашето дело е забрането или е ограничено во голема мера, можеби ќе добиеме упатства од подружницата и од старешините. Таквите упатства ни помагаат да бидеме заштитени, да продолжиме да добиваме духовна храна и да продолжиме да проповедаме колку што можеме во склад со околностите. Дај сѐ од себе да бидеш послушен на упатствата, дури и ако не разбираш во потполност зошто се дадени (Јак. 3:17). Исто така, никогаш немој да им откриваш информации за нашите браќа и сестри или за собраниските активности на оние кои немаат право да го знаат тоа (Проп. 3:7).
Што ќе ти помогне да имаш мир кога минуваш низ тежок период? (види во пасус 17)e
17. По примерот на апостолите од првиот век, што сме решени да правиме?
17 Една од најважните причини зошто Сатана води војна против Божјите слуги е затоа што ним „им е доверено да сведочат за Исус“ (Отк. 12:17). Не дозволувај Сатана и светот кој е под негова власт да те заплашат. Ако продолжиме со делото на проповедање и поучување и покрај прогонството, ќе чувствуваме радост и мир. Кога апостолите во првиот век добиле заповед од еврејските власти да престанат со проповедањето, овие верни мажи избрале да му бидат послушни на Бог. Тие продолжиле да проповедаат, и тоа им донело голема радост (Дела 5:27-29, 41, 42). Се разбира, кога нашето дело е ограничено, мора да бидеме претпазливи додека проповедаме (Мат. 10:16). Но ако го даваме нашето најдобро, ќе чувствуваме мир, бидејќи знаеме дека го радуваме Јехова и пренесуваме порака која спасува животи.
„БОГОТ НА МИРОТ ЌЕ БИДЕ СО ВАС“
18. Кој може да ни даде вистински мир?
18 Биди уверен дека можеш да имаш мир дури и кога е најтешко. Во таквите моменти, мора да имаме на ум дека ни е потребен мирот Божји, односно мирот кој само Јехова може да ни го даде. Потпирај се на него ако се раширила заразна болест, ако настанала катастрофа или ако доживуваш прогонство. Остани близу до неговата организација и размислувај за прекрасната иднина која те очекува. Ако го правиш тоа, „Богот на мирот ќе биде со [тебе]“ (Фил. 4:9). Во следната статија ќе видиме како може да им помогнеме на соверниците кои доживеале некаква неволја да го имаат мирот Божји.
ПЕСНА 38 Тој ќе те зајакне
a Јехова ветил дека ќе им дава мир на оние кои го сакаат. Каков е мирот што го дава Бог и како можеме да го добиеме? Како може да ни помогне „мирот Божји“ ако се раширила заразна болест, ако настанала катастрофа или ако сме прогонувани? Одговорот на овие прашања ќе го добиеме во оваа статија.
b Некои имиња се сменети.
c Види ја статијата „Заштитни мерки во случај на катастрофа“, која излезе во Разбудете се! бр. 5, 2017.
d ОПИС НА СЛИКАТА: Една сестра однапред се подготвила за евакуација.
e ОПИС НА СЛИКАТА: Еден брат кој живее во земја каде што проповедничкото дело е ограничено продолжува претпазливо да сведочи.