ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА Watchtower
ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА
Watchtower
македонски
ѐ
  • Ѐ
  • ѐ
  • Ѝ
  • ѝ
  • БИБЛИЈА
  • ПУБЛИКАЦИИ
  • СОСТАНОЦИ
  • w23 Мај стр. 20-25
  • Одржувај го пламенот што го дава Јехова

За овој материјал нема видео.

Се појави проблем. Видеото не може да се отвори.

  • Одржувај го пламенот што го дава Јехова
  • Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство (за проучување) 2023
  • Поднаслови
  • Сличен материјал
  • ПРОДОЛЖИ ДА ГО ЗАЈАКНУВАШ СВОЈОТ ОДНОС СО ЈЕХОВА
  • ПОМИНУВАЈТЕ ВРЕМЕ ЗАЕДНО
  • ПОКАЖУВАЈТЕ ПОЧИТ ЕДЕН КОН ДРУГ
  • Цени го бракот како дар од Бог
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2011
  • Зајакни го својот брак со добра комуникација
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2013
  • Два клуча за траен брак
    Тајната на семејната среќа
  • Како може твоето семејство да биде среќно? (прв дел)
    Радувај му се на животот засекогаш — интерактивен библиски курс
Повеќе
Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство (за проучување) 2023
w23 Мај стр. 20-25

СТАТИЈА ЗА ПРОУЧУВАЊЕ 23

Одржувај го пламенот што го дава Јехова

Жарот на љубовта е жар огнен, пламен што го дава Јах (ПЕСНА 8:6)

ПЕСНА 131 „Двајцата ќе бидат едно тело“

КРАТОК ПРЕГЛЕДa

1. Како Библијата ја опишува вистинската љубов?

„ЖАРОТ [на љубовта] е жар огнен, пламен што го дава Јах. Многу води не можат да ја угаснат љубовта и реките не можат да ја однесат“b (Песна 8:6, 7). Колку убав опис за вистинската љубов! Овие зборови се големо охрабрување за оние што се во брак — сопружниците можат да имаат силна љубов еден кон друг.

2. Што мора да прават брачните партнери за љубовта меѓу нив да не олади?

2 За да успеат брачните партнери да ја зачуваат нивната љубов силна сѐ додека се живи, мора да вложат труд. Да го споредиме ова со еден логорски оган — тој ќе може постојано да гори само ако некој постојано му додава дрва. Ако никој не додава дрва, огнот ќе згасне. На сличен начин, љубовта меѓу мажот и жената ќе може да остане силна само ако прават нешто за да си ја зајакнуваат љубовта. Понекогаш, љубовта меѓу брачните парови може да олади, особено кога се соочуваат со финансиски проблеми, здравствени проблеми или имаат потешкотии околу одгледувањето на децата. Затоа, што можеш да правиш за во твојот брак, пламенот што го дава Јах да остане силен? Во оваа статија ќе разгледаме три начини што ќе ви помогнат вашата брачна врска да остане цврста и да имате среќен брак.c

ПРОДОЛЖИ ДА ГО ЗАЈАКНУВАШ СВОЈОТ ОДНОС СО ЈЕХОВА

Еден сопруг и една сопруга се држат за рака додека се молат. На вметнатата сликичка прикажани се Јосиф и Марија кои се држат за рака додека се молат.

Исто како Јосиф и Марија, сопрузите и сопругите мора да имаат близок однос со Јехова (види во пасус 3)

3. Како блискиот однос со Јехова ќе им помогне на брачните партнери да имаат силна љубов еден кон друг? (Проповедник 4:12; види ја и сликата).

3 За да може пламенот што го дава Јах постојано да гори, и мажот и жената треба да се трудат да имаат добар однос со Јехова. Како тоа што ќе се блиски со Јехова ќе им помогне во бракот? Кога брачните партнери го ценат пријателството што го имаат со својот небесен Татко, тие спремно ќе ги применуваат неговите совети, а тоа пак ќе им помогне да избегнат или да надминат некои проблеми поради кои нивната љубов би можела да олади. (Прочитај Проповедник 4:12.) Исто така, една духовна личност се труди да го следи примерот на Јехова и да ги покажува неговите особини, како на пример милостивост, стрпливост и спремност за простување (Еф. 4:32 — 5:1). Кога брачните партнери ги покажуваат овие особини, љубовта меѓу нив уште повеќе расте. Една сестра по име Лена, која е во брак повеќе од 25 години, вели: „Не е тешко да сакаш и да почитуваш една духовна личност“.

4. Зошто Јехова ги избрал Јосиф и Марија за да му бидат родители на идниот Месија?

4 Да разгледаме еден пример од Библијата. Кога Јехова требало да избере родители за идниот Месија, од многуте потомци на Давид тој ги избрал Јосиф и Марија. Зошто? Јехова знаел дека тој ќе биде на прво место во нивниот брак бидејќи и двајцата имале добар личен однос со него. Што можат да научат брачните парови од Јосиф и Марија?

5. Што можат да научат сопрузите од Јосиф?

5 Јосиф спремно го следел Јеховиното водство, и поради тоа бил добар сопруг. Најмалку во три прилики тој добил упатства од Јехова во врска со неговото семејство. Во секоја од тие прилики, тој послушно го направил она што Јехова му го кажал, дури и кога тоа значело дека ќе треба да направи големи промени (Мат. 1:20, 24; 2:13-15, 19-21). Поради тоа што го следел Јеховиното водство, Јосиф можел да ја штити Марија, да ја поддржува и да се грижи за неа. Замисли си колку се продлабочиле љубовта и почитта на Марија кон Јосиф поради сето она што тој го правел! Сопрузи, вие можете да го следите примерот на Јосиф така што ќе барате совети во Библијата за тоа како да се грижите за вашето семејство.d Ако ги применувате тие совети, дури и ако тоа значи дека треба да направите некои промени, на тој начин ќе покажете дека ја сакате вашата сопруга и ќе си го зајакнете бракот. Една сестра од Вануату, која е во брак повеќе од 20 години, вели: „Кога маж ми бара водство од Јехова и го следи, повеќе го почитувам. Се чувствувам сигурно, и имам доверба во одлуките што ќе ги донесе“.

6. Што можат да научат сопругите од Марија?

6 Марија имала близок личен однос со Јехова. Нејзината вера не зависела од она што го правел Јосиф. Таа добро ги познавала светите списи.e Исто така, таа си одвојувала време за длабоко да размислува (Лука 2:19, 51). Без сомнение, тоа што Марија била духовна личност ѝ помогнало да биде одлична сопруга. Денес, многу сопруги се трудат да постапуваат како Марија. На пример, една сестра по име Емико, вели: „Пред да стапам во брак, си имав свој план за духовните активности. Но откако се омажив, сфатив дека мојата вера почна да зависи од она што го правеше мојот сопруг бидејќи тој се молеше за нас и предводеше во духовните активности. Сфатив дека самата морам да се погрижам да останам блиска со Јехова. Затоа, сега си одвојувам време за да бидам насамо со мојот Бог — да се молам, да ја читам Библијата и длабоко да размислувам за она што го читам“ (Гал. 6:5). Сопруги, ако продолжите да си го зајакнувате своето пријателство со Јехова, вашиот сопруг ќе има уште повеќе причини да ве фали и да ве сака (Изр. 31:30).

7. Што можат брачните парови да научат од Јосиф и Марија во врска со тоа колку е важно да го обожаваат Јехова заедно?

7 Освен тоа, Јосиф и Марија заеднички се труделе да останат блиски со Јехова. Тие сфатиле колку е важно да го обожаваат Јехова заедно како семејство (Лука 2:22-24, 41; 4:16). Тоа сигурно не било лесно, особено кога имале повеќе деца, но сепак успеале. Колку убав пример за брачните парови денес! Ако и вие имате деца, исто како Јосиф и Марија, можеби не ви е лесно да присуствувате на состаноците или да одвоите време за Семејната вечер посветена на Јехова. А можеби ви е уште потешко да одвоите време за да проучувате или да се молите како брачен пар. Сепак, имајте на ум дека ако заедно го обожавате Јехова, ќе станете поблиски со него, а ќе се зближите и еден со друг. Затоа, обожавањето на Јехова нека ви биде најважното нешто.

8. Како може да извлече поголема корист од Семејната вечер еден брачен пар кој има проблеми во бракот?

8 Но, што ако имате проблеми во вашиот брак? Тогаш можеби не ви е баш пријатно заедно да ја одржувате Семејната вечер. Ако е така, за почеток разгледајте нешто кратко во кое и двајцата уживате. Тоа ќе ви помогне да си го подобрите односот меѓу себе и ќе ви ја зголеми желбата заедно да учествувате во духовните активности.

ПОМИНУВАЈТЕ ВРЕМЕ ЗАЕДНО

9. Зошто сопружниците мора да поминуваат време заедно?

9 Друга работа што ќе им помогне на брачните парови да ја сочуваат љубовта во бракот е тоа што ќе минуваат време заедно. Ако го прават тоа, помала е веројатноста да се оддалечат еден од друг (1. Мој. 2:24). Забележи што сфатиле Лилија и Руслан кратко откако стапиле во брак пред повеќе од 15 години. Таа вели: „Сфативме дека нема да имаме толку многу време колку што си мислевме. Бевме многу зафатени со работата, со домашните обврски, а подоцна и со нашите деца. Сфативме дека ако не си одвојуваме време за нас како брачен пар, ќе се оддалечиме еден од друг“.

10. Како можат брачните парови да го применат начелото од Ефешаните 5:15, 16?

10 Што може да прават брачните парови за да минуваат време заедно? Мора однапред да испланираат кога ќе бидат заедно. (Прочитај Ефешаните 5:15, 16.) Еден брат од Нигерија, по име Узонду, вели: „Кога ги планирам моите активности, една од најважните работи ми е да одвојам време за да бидам заедно со жена ми“ (Фил. 1:10). Размисли како Анастасија, сопругата на еден покраински надгледник во Молдавија, се труди најдобро да го искористи своето време. Таа вели: „Се трудам да ги завршам моите лични работи додека мојот сопруг е зафатен со своите одговорности. На тој начин, подоцна можеме да поминеме време заедно“. Но што ако имате толку многу обврски што ви е тешко да најдете време за да бидете заедно?

Еден сопруг и една сопруга се среќни додека работат заедно во градина. На вметнатата сликичка прикажани се Акила и Прискила кои со радост заедно изработуваат шатори.

Кои работи можете да ги правите заедно како брачен пар? (види во пасуси 11-12)

11. Кои активности ги извршувале заедно Акила и Прискила?

11 Брачните парови можат многу да научат од примерот на Акила и Прискила, еден брачен пар кој бил почитуван од многу христијани во првиот век (Рим. 16:3, 4). Иако во Библијата нема многу детали за нивниот брак, сепак од неа дознаваме дека тие работеле заедно, проповедале заедно и им помагале на другите заедно (Дела 18:2, 3, 24-26). Всушност, секаде во Библијата, Акила и Прискила се спомнати заедно.

12. Што може да направи еден брачен пар за да поминува повеќе време заедно? (Види ја и сликата.)

12 Како може брачните парови да го следат примерот на Акила и Прискила? Размисли за многуте обврски што ги имате ти и твојот сопружник. Дали би можеле некои од тие обврски да ги завршите заедно како пар наместо поединечно? На пример, Акила и Прискила проповедале заедно. Дали и вие имате план редовно да одите заедно во служба? Исто така, Акила и Прискила работеле заедно. Можеби ти и твојот сопружник немате исто работно место, но дали можете заедно да ги вршите домашните обврски? (Проп. 4:9). Кога си помагате еден на друг додека извршувате некоја обврска, имате повеќе можности да соработувате како тим и да разговарате. Роберт и Линда се во брак повеќе од 50 години. Роберт вели: „Искрено, немаме многу време за заедно да се рекреираме. Но кога јас ги мијам садовите а жена ми ги брише, или пак кога јас работам во градината а таа доаѓа да ми помогне, многу сум радосен. Тоа што заедно ги вршиме работите нѐ зближува, а нашата љубов и понатаму расте“.

13. Што треба да прават сопружниците за да бидат вистински блиски?

13 Но, имајте на ум дека самото тоа што ќе сте заедно не значи дека вистински ќе се зближите. Една сопруга, која живее во Бразил, вели: „Денес има толку многу работи што можат да ни го одвлечат вниманието, што лесно можеме да паднеме во стапица да си мислиме дека минуваме време заедно само затоа што живееме под ист кров. Но, сфатив дека не е доволно само да бидеме заедно туку треба да правиме и нешто повеќе. Сфатив дека треба да му го дадам на мојот сопружник и вниманието што му е потребно“. Забележи што прават Бруно и неговата жена Тајс за вистински да си обрнат внимание еден на друг. Тој вели: „Додека го минуваме слободното време заедно, ги тргаме нашите мобилни телефони настрана и го користиме тоа време за да уживаме како брачен пар“.

14. Што можат да прават сопружниците ако не уживаат да поминуваат време заедно?

14 Но, што ако ти и твојот сопружник не уживате кога сте заедно? Можеби не ве интересираат исти работи, или можеби си одите на нерви? Што може да правите тогаш? Размисли за логорскиот оган што го спомнавме претходно. На почеток, пламенот е мал. Треба постојано да се додаваат поголеми парчиња дрва за огнот силно да гори. Слично на тоа, на почеток би можеле заедно да поминувате по неколку кратки моменти секој ден. Правете нешто во кое и двајцата уживате, а не нешто поради кое би можеле да почнете да се карате (Јак. 3:18). Така, малку по малку, вашата љубов повторно ќе се разгори.

ПОКАЖУВАЈТЕ ПОЧИТ ЕДЕН КОН ДРУГ

15. Зошто почитта е неопходна за брачните партнери да ја зачуваат љубовта меѓу себе?

15 Почитта е неопходна особина во бракот. Таа е како кислород. Кога има кислород, огнот може силно да гори. Но, ако нема кислород, огнот брзо ќе згасне. На сличен начин, доколку во бракот нема почит, љубовта меѓу брачните партнери може брзо да олади. Од друга страна, кога брачните партнери даваат сѐ од себе за да си покажуваат почит, придонесуваат да се зачува љубовта меѓу нив. Но, имај на ум дека не е важно што мислиш ти за тоа дали се однесуваш со почит кон твојот сопружник, туку дали твојот сопружник се чувствува почитувано. Пени и Арет се во брак повеќе од 25 години. Таа вели: „Бидејќи и јас и Арет си покажуваме почит, во нашиот дом има топла атмосфера. Слободно ги изразуваме нашите мислења бидејќи знаеме дека секој од нас го цени мислењето на другиот“. Тогаш, што можеш да правиш за твојот сопружник навистина да чувствува дека го почитуваш? Да го разгледаме примерот на Авраам и Сара.

Еден сопруг внимателно ја слуша својата сопруга додека таа ги изразува нејзините чувства. На вметнатата сликичка прикажано е како Авраам внимателно ја слуша Сара додека таа ги изразува нејзините чувства.

Сопругот треба да покажува почит кон чувствата на својата сопруга така што внимателно ќе ја слуша (види во пасус 16)

16. Што можат да научат сопрузите од Авраам? (1. Петрово 3:7; види ја и сликата).

16 Авраам покажувал почит кон Сара. Тој ја слушал Сара кога ги изразувала своите мислења и ги земал предвид нејзините чувства. Во една прилика, таа била многу вознемирена и отворено му кажала на Авраам како се чувствува, па дури и го обвинила. Дали Авраам се разгневил и зборувал грубо со неа? Не. Тој знаел дека Сара го почитува и дека ги поддржува неговите одлуки. Авраам ја сослушал и се обидел да го реши проблемот (1. Мој. 16:5, 6). Што учиме од ова? Сопрузи, вие имате авторитет да носите одлуки за вашето семејство (1. Кор. 11:3). Сепак, ќе покажете љубов кон вашата сопруга со тоа што ќе го земете предвид нејзиното мислење пред да донесете некоја одлука, особено ако таа одлука влијае и врз неа (1. Кор. 13:4, 5). Понекогаш, вашата сопруга можеби ќе биде под стрес и можеби ќе има потреба да си каже како се чувствува. Дали ќе покажете почит кон нејзините чувства така што ќе ја слушате внимателно? (Прочитај 1. Петрово 3:7.) Ангела и Дмитриј се во брак скоро 30 години. Ангела објаснува на кој начин нејзиниот сопруг придонесува таа да се чувствува почитувано: „Кога сум вознемирена или кога едноставно имам потреба да зборувам, Дмитриј е секогаш спремен да ме сослуша. Тој е стрплив со мене, дури и кога не ги изразувам моите чувства на смирен начин“.

17. Што можат да научат сопругите од примерот на Сара? (1. Петрово 3:5, 6).

17 Сара покажувала почит кон Авраам така што ги поддржувала неговите одлуки (1. Мој. 12:5). Во една прилика, Авраам решил да им покаже гостопримство на едни неочекувани гости. Тој ѝ рекол на Сара да ја остави работата што ја правела во моментот и да подготви голема количина леб (1. Мој. 18:6). Сара веднаш го направила она што Авраам ѝ го рекол и со тоа ја поддржала неговата одлука. Сопруги, вие можете да го следите примерот на Сара така што ќе ги поддржувате одлуките на вашиот сопруг. Ако го правите тоа, ќе си го зајакнете вашиот брак. (Прочитај 1. Петрово 3:5, 6.) Дмитриј, кој беше спомнат во претходниот пасус, кажува што прави неговата сопруга за тој да се чувствува почитувано. Тој вели: „Многу го ценам тоа што Ангела се труди да ги поддржува моите одлуки, дури и кога немаме исто мислење за одредена работа. Ако работите не испаднат баш најдобро, таа не ме критикува“. Колку е лесно да сакаш некој што те почитува!

18. Кој ќе биде резултатот ако брачните партнери прават сѐ што можат за да ја зачуваат љубовта меѓу нив?

18 Денес, Сатана сака да ја уништи љубовта која постои во браковите на христијаните. Тој знае дека, ако љубовта меѓу брачните партнери олади, тие можат полека да почнат да се оддалечуваат од Јехова. Но, вистинската љубов никогаш не може да згасне! Затоа, љубовта во вашиот брак нека биде како љубовта што е опишана во Песна над песните. Бидете решени во вашиот брак Јехова да биде на прво место, одвојувајте си време еден за друг и покажувајте почит кон чувствата и потребите на вашиот сопружник. Ако го правите тоа, вашиот брак ќе му носи слава на Јехова — изворот на вистинската љубов, а вашата љубов ќе биде како оган кој силно ќе гори во сета вечност.

КАКО БИ ОДГОВОРИЛ?

  • На кој начин блискиот однос со Јехова ќе им помогне на брачните партнери да имаат среќен брак?

  • Што можат да прават брачните парови за да минуваат време заедно?

  • На кои начини брачните партнери можат да си покажуваат почит еден на друг?

ПЕСНА 132 Сега сме едно

a Бракот, кој е дар од Јехова, им овозможува на мажот и жената да си покажуваат љубов на еден посебен начин. Но, понекогаш, таквата љубов може да олади. Оваа статија ќе им помогне на оние што се во брак нивната љубов да не згасне и да имаат среќен брак.

b Вистинската љубов, која не се менува и не престанува, е наречена „пламен што го дава Јах“ бидејќи Јехова е изворот на таквата љубов.

c Дури и ако твојот брачен партнер не му служи на Јехова, предлозите од оваа статија можат да ти помогнат да ја зајакнеш твојата брачна врска (1. Кор. 7:12-14; 1. Пет. 3:1, 2).

d На пример, разгледај ги корисните совети во рубриката „Совети за семејствата“, која е достапна на jw.org и на JW Library®.

e Види во Угледајте се на нивната вера, погл. 17, пас. 15.

    Публикации на македонски јазик (1991 — 2025)
    Одјави се
    Најави се
    • македонски
    • Сподели
    • Подесување
    • Copyright © 2025 Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania
    • Услови за користење
    • Полиса за приватност
    • Поставки за приватност
    • JW.ORG
    • Најави се
    Сподели