СТАТИЈА ЗА ПРОУЧУВАЊЕ 27
ПЕСНА 79 Да ги учиме да бидат непоколебливи
Помогни им на интересентите да почнат да му служат на Јехова
Бидете непоколебливи во верата... бидете јаки (1. КОР. 16:13)
ЦЕЛ НА СТАТИЈАТА
Како можеме да им помогнеме на оние со кои ја проучуваме Библијата да ги развијат верата и храброста што им се потребни за да направат промени и да почнат да му служат на Јехова.
1-2. а) Зошто некои интересенти се колебаат да почнат да му служат на Јехова? б) Што ќе разгледаме во оваа статија?
ДАЛИ имаше некои работи поради кои се колебаше да станеш Јеховин сведок? Можеби се плашеше дека твоите колеги, пријатели или семејство ќе се свртат против тебе. Или можеби мислеше дека никогаш нема да можеш да живееш во склад со Божјите мерила. Ако е така, тогаш можеш да ги разбереш интересентите кои се колебаат да почнат да му служат на Јехова.
2 Исус знаел дека таквите стравови лесно можат да спречат некого духовно да напредува (Мат. 13:20-22). Но, не се откажал од оние кои се колебале да го следат. Наместо тоа, со она што го правел, ни оставил пример како да им помогнеме на таквите лица 1) да препознаат што ги спречува да напредуваат, 2) да ја продлабочат својата љубов кон Јехова, 3) да си постават исправни приоритети и 4) да ги надминат предизвиците. Како да го примениме она што Исус им го кажал на своите ученици додека ја користиме книгата Радувај му се на животот засекогаш за да му помогнеме на некој интересент да почне да му служи на Јехова?
ПОМОГНИ МУ ДА ПРЕПОЗНАЕ ШТО ГО СПРЕЧУВА ДУХОВНО ДА НАПРЕДУВА
3. Што можеби го спречувало Никодим да стане ученик на Исус?
3 Никодим, еден угледен еврејски поглавар, се соочил со нешто што го спречувало да стане ученик на Исус. Само шест месеци откако Исус започнал со својата служба, Никодим сфатил дека Исус бил испратен од Бог (Јован 3:1, 2). Но, поради страв од Евреите, одлучил тајно да дојде кај Исус (Јован 7:13; 12:42). Можеби се плашел дека ќе изгуби премногу работи ако стане негов ученик.a
4. Како Исус му помогнал на Никодим да разбере што очекува Бог од него?
4 Никодим го знаел Законот, но му требала помош за да разбере што очекува Јехова од него. Како Исус му помогнал? Исус бил спремен да одвои време и да разговара со него дури и ноќе. Јасно му кажал на Никодим што треба да прави за да стане ученик: да се покае за гревовите, да се крсти во вода и да покаже вера во Синот Божји (Јован 3:5, 14-21).
5. Како можеме да му помогнеме на еден интересент да препознае што го спречува духовно да напредува?
5 Дури и ако еден интересент има добро познавање за Библијата, можеби му е потребна помош да препознае што го спречува да му служи на Јехова. Можеби не напредува духовно поради работата или противење од семејството. Затоа, одвојувај време за твојот интересент. Можеш да го викнеш да одите на кафе или на прошетка. Во таква опуштена атмосфера, можеби ќе биде поспремен отворено да зборува за предизвиците со кои се соочува. Поттикни го да ги направи потребните промени, не за да ти угоди тебе, туку за да ја покаже својата љубов кон Јехова.
6. Како можеш да му помогнеш на еден интересент да собере храброст да го применува она што го учи? (1. Коринќаните 16:13).
6 Кога еден интересент е уверен дека Јехова ќе му помага да живее според библиските мерила, ќе има храброст да го применува она што го учи. (Прочитај 1. Коринќаните 16:13.) Кога ја проучуваш Библијата со некого, твојата улога може да се спореди со улогата на еден наставник. Кога одеше на училиште, кои ти беа омилени наставници? Веројатно оние кои стрпливо ти помагаа да изградиш доверба во твоите способности. На сличен начин, добро ќе ја исполниш својата улога ако освен што ќе го поучуваш интересентот за тоа што бара Бог од нас, ќе го увериш дека со Јеховина помош може да ги направи потребните промени во животот. Како можеш да успееш во тоа?
ПОМОГНИ МУ ДА ЈА ПРОДЛАБОЧИ СВОЈАТА ЉУБОВ КОН ЈЕХОВА
7. Како Исус им помогнал на оние што го слушале уште повеќе да го сакаат Јехова?
7 Исус знаел дека љубовта кон Бог ќе ги мотивира неговите ученици да го применуваат она што го учат. Тој честопати ги поучувал за работи кои ќе им помогнеле уште повеќе да го сакаат својот небесен Татко. На пример, го споредил Јехова со човек кој им дава добри работи на своите деца (Мат. 7:9-11). Некои од оние што го слушале можеби немале таков грижлив татко. Замисли како сигурно се чувствувале кога Исус ја раскажал приказната за милосрдниот татко кој срдечно го пречекал својот син што имал направено многу лоши работи. Тие можеле да сфатат колку многу Јехова ги сака луѓето (Лука 15:20-24).
8. Како можеш да му помогнеш на еден интересент да ја продлабочи својата љубов кон Јехова?
8 И ти можеш да му помогнеш на оној со кого проучуваш да ја продлабочи својата љубов кон Јехова така што ќе ги истакнуваш Божјите особини додека поучуваш. Секојпат кога проучувате, помагај му да го поврзе она што го учи со Јеховината љубов. Кога разговарате за откупнината, помогни му да сфати како таа се однесува на него лично (Рим. 5:8; 1. Јов. 4:10). Еден интересент веројатно уште повеќе ќе го сака Јехова ако сфати колку многу Јехова го сака него (Гал. 2:20).
9. Што му помогнало на еден човек по име Мајкл да направи промени во својот живот?
9 Да го разгледаме примерот на Мајкл од Индонезија. Тој уште како дете имал контакт со вистината, но не се крстил. На 18 години, отишол во странство за да работи како возач на камион. Подоцна се оженил, но продолжил да работи во странство, далеку од своето семејство. Во меѓувреме, жена му и ќерка му почнале да ја проучуваат Библијата и да напредуваат. Откако мајка му починала, Мајкл се вратил дома за да се грижи за својот татко и се согласил да ја проучува Библијата. Кога стигнал до делот „Дознај повеќе“ во лекција 27 од книгата Радувај му се на животот засекогаш, Мајкл бил длабоко трогнат. Додека размислувал за тоа како сигурно се чувствувал Јехова кога гледал како неговиот Син страда, на Мајкл му се наполниле очите со солзи. Тој развил длабока благодарност за откупнината и тоа го поттикнало да направи промени во својот живот и да се крсти.
ПОМОГНИ МУ ДА СИ ПОСТАВИ ИСПРАВНИ ПРИОРИТЕТИ
10. Како Исус им помогнал на своите први ученици да си постават исправни приоритети? (Лука 5:5-11; види ја и сликата).
10 Првите ученици брзо препознале дека Исус е ветениот Месија, но им била потребна помош за да ја стават службата на прво место. Петар и Андреј веќе некое време биле ученици кога Исус ги повикал постојано да одат со него (Мат. 4:18, 19). Заедно со Јаков и Јован, тие работеле како рибари и биле успешни во тоа (Мар. 1:16-20). Кога го оставиле рибарењето, Петар и Андреј веројатно направиле планови како ќе се грижат за своите семејства додека го следат Исус. Што ги поттикнало да си постават исправни приоритети? Извештајот во Лука ни кажува дека Исус направил чудо кое уште повеќе ги уверило дека Јехова ќе се грижи за нивните потреби. (Прочитај Лука 5:5-11.)
Што може да научиме од начинот на кој Исус им помогнал на своите ученици да си постават исправни приоритети? (види во пасус 10)b
11. Како можеш со своите искуства да му ја зајакнеш верата на еден интересент?
11 Ние не можеме да правиме чуда како Исус, но можеме да раскажеме искуства за тоа како Јехова им помага на оние што го ставаат на прво место во својот живот. На пример, се сеќаваш ли како Јехова ти помогна кога почна да одиш на состаноци? Можеби требаше да разговараш со твојот работодавач и да го замолиш за промена во работното време оние денови кога имаш состанок. Објасни му на твојот интересент како ти се зајакнала верата додека си гледал како Јехова ти помага затоа што си одлучил да го ставиш на прво место.
12. а) Зошто треба да каниме различни објавители на библискиот курс? б) Како можеш да ги користиш видеоклиповите за делотворно да го поучуваш твојот интересент? Наведи пример.
12 На твојот интересент ќе му користи и ако слуша како други Сведоци си поставиле исправни приоритети. Затоа, кани различни објавители да присуствуваат на библискиот курс. Замоли ги да објаснат како ја запознале вистината и што направиле за да ја стават службата за Јехова на прво место во животот. Освен тоа, одвојувај време заедно со интересентот да ги гледате видеоклиповите од делот „Дознај повеќе“ и, кога е соодветно, видеоклиповите од делот „Истражувај“ во книгата Радувај му се на животот засекогаш. На пример, кога ќе разговарате за лекција 37, би можел да истакнеш некои начела од видеоклипот Јехова ќе се грижи за нашите потреби.
ПОМОГНИ МУ ДА ГИ НАДМИНЕ ПРЕДИЗВИЦИТЕ
13. Како Исус ги подготвил своите ученици за противење?
13 Исус повеќепати им кажал на своите следбеници дека ќе се соочат со противење од другите, па дури и од своите роднини (Мат. 5:11; 10:22, 36). Кон крајот на својата служба, Исус ги предупредил своите ученици дека би можеле дури и да бидат убиени (Мат. 24:9; Јован 15:20; 16:2). Ги поттикнал да бидат претпазливи во службата. Тој ги советувал да не се расправаат со оние кои им се противат и да бидат внимателни за да можат да продолжат да проповедаат.
14. Како можеме да му помогнеме на еден интересент да се подготви за противење? (2. Тимотеј 3:12).
14 Можеме да му помогнеме на интересентот да се подготви за противење така што ќе зборуваме со него за тоа што може да очекува од неговите колеги, пријатели и роднини. (Прочитај 2. Тимотеј 3:12.) Некои колеги можеби ќе го исмеваат поради неговиот нов начин на живот. Други, дури и блиски роднини, можеби ќе ги критикуваат неговите верувања кои се темелат на Библијата. Колку порано ги подготвиме нашите интересенти да се справат со противење, толку поспремни ќе бидат кога ќе се соочат со тоа.
15. Што може да му помогне на еден интересент да се справи со противење од семејството?
15 Во врска со противењето од семејството, поттикни го твојот интересент да размисли зошто неговите роднини би можеле да бидат вознемирени. Можеби мислат дека бил заведен, или едноставно имаат предрасуди кон Јеховините сведоци. Дури и Исус се соочил со негативни реакции од неговите најблиски (Мар. 3:21; Јован 7:5). Поучи го твојот интересент да биде стрплив и тактичен со другите, вклучувајќи ги и членовите на семејството.
16. Како можеме да му помогнеме на некој интересент да зборува за своите верувања на тактичен начин?
16 Дури и кога роднините покажуваат интерес, мудро е ако интересентот не се обидува да им објасни сѐ одеднаш. Во спротивно, неговите блиски можеби ќе се чувствуваат презаситено и, како резултат на тоа, нема да сакаат пак да разговараат за вистината. Затоа, охрабри го интересентот да зборува за своите верувања на начин со кој ќе остави простор за идни дискусии (Кол. 4:6). На пример, може да им предложи на своите роднини да ја посетат jw.org. Така ќе можат самите да дознаат нешто повеќе за Јеховините сведоци.
17. Како можеш да обучиш еден интересент да се справи со погрешните гледишта што некои можеби ги имаат за Јеховините сведоци? (Види ја и сликата.)
17 Би можел да ја користиш рубриката „Најчесто поставувани прашања“ на jw.org за да му помогнеш на интересентот да подготви едноставни одговори на прашања кои роднините или колегите би можеле да му ги постават (2. Тим. 2:24, 25). На крајот од секоја лекција, разгледајте го делот „Некои велат“ од книгата Радувај му се на животот засекогаш. Поттикни го интересентот да вежба да одговори со свои зборови. Не колебај се да му даваш предлози како да ги подобри своите одговори. Таквите практични вежби ќе му помогнат со увереност да ја брани својата вера.
Поттикни го твојот интересент да зборува со другите за својата вера така што ќе вежбате однапред (види во пасус 17)c
18. Како можеш да охрабриш еден интересент да стане некрстен објавител? (Матеј 10:27).
18 Исус ги поттикнал своите ученици да им ја проповедаат добрата вест на луѓето. (Прочитај Матеј 10:27.) Колку побрзо еден интересент ќе почне да зборува со другите за својата вера, толку побрзо ќе научи да се потпира на Јехова. Како можеш да му помогнеш на интересентот да си постави таква цел? Кога во собранието ќе биде објавено дека ќе има акција за проповедање, охрабри го твојот интересент да размисли како може да ги исполни условите да стане објавител. Објасни му зошто на многумина им било полесно да проповедаат за време на такви акции. Може да му користи и ако почне да учествува во приказите на состанокот во текот на седмицата. Тоа ќе му помогне да научи да зборува за своите верувања со увереност.
ПОКАЖИ ДОВЕРБА ВО ТВОЈОТ ИНТЕРЕСЕНТ
19. Како Исус покажал доверба во своите ученици, и како можеме да го правиме тоа и ние?
19 Пред да се вознесе на небото, Исус им рекол на своите ученици дека еден ден повторно ќе бидат со него. Тие не сфатиле дека Исус зборува за тоа дека ќе одат на небото. Сепак, тој се фокусирал на нивната верност, а не на нивните сомнежи (Јован 14:1-5, 8). Знаел дека им е потребно време за да разберат некои работи, како што е небесната надеж (Јован 16:12). И ние можеме да покажеме доверба дека нашиот интересент има желба да му угоди на Јехова.
Колку побрзо еден интересент ќе почне да зборува со другите за својата вера, толку побрзо ќе научи да се потпира на Јехова
20. Како една сестра во Малави покажала доверба во нејзината интересентка?
20 Имаме доверба дека нашите интересенти сакаат да го прават она што е исправно. Размисли за примерот на Чифундо, една сестра во Малави. Таа почнала библиски курс со книгата Радувај му се на животот засекогаш со една млада жена по име Алинафе која била католик. Кога завршиле со лекција 14, Чифундо ја прашала што мисли за користењето икони и кипови во обожавањето на Бог. Алинафе се вознемирила и рекла: „Тоа е лична одлука!“ Чифундо си мислела дека тоа ќе биде крај на библискиот курс. Но таа стрпливо продолжила да проучува со Алинафе, надевајќи се дека со тек на време ќе сфати дека тоа е погрешно. По неколку месеци, Чифундо ѝ го поставила прашањето од лекција 34: „Како досега ти користело она што си го научил од Библијата и она што си го дознал за вистинскиот Бог, Јехова?“ Чифундо кажува како одговорила Алинафе: „Таа спомна многу убави мисли, а една од нив беше дека Сведоците не прават работи што Библијата ги осудува“. Кратко потоа, Алинафе престанала да користи икони и кипови и ги исполнила условите за крштавање.
21. Како можеме да му помогнеме на еден интересент да донесе одлука да му служи на Јехова?
21 Иако Јехова е оној „кој дава да расте“, и ние имаме удел во тоа да му помогнеме на еден интересент да напредува (1. Кор. 3:7). Ние го поучуваме за тоа што бара Бог од него, но и му помагаме да развие длабока љубов кон Јехова. Исто така, го поттикнуваме да ја покаже својата љубов така што ќе си поставува исправни приоритети. И, го поучуваме да се потпира на Јехова кога се соочува со предизвици. Со тоа што покажуваме доверба во него, ја зајакнуваме неговата увереност дека и тој може да живее според мерилата на Јехова и му помагаме да донесе одлука да почне да му служи.
ПЕСНА 55 Не плашете се!
a Две и пол години по разговорот со Исус, Никодим сѐ уште бил член на еврејскиот врховен суд (Јован 7:45-52). Еден библиски прирачник наведува дека, според традицијата, Никодим станал ученик дури откако Исус умрел (Јован 19:38-40).
b ОПИС НА СЛИКАТА: Петар и други рибари го оставаат рибарењето за да го следат Исус.
c ОПИС НА СЛИКАТА: Една сестра ѝ помага на својата интересентка да се подготви да сведочи.