Дали сте знаеле?
Што правеле свештениците во првиот век со крвта од жртвуваните животни во храмот?
СЕКОЈА година, свештениците во древниот Израел принесувале илјадници животни како жртва на жртвеникот во храмот. Според еврејскиот историчар од првиот век, Јосиф Флавиј, на Пасхата се принесувале како жртва повеќе од 250.000 јагниња, што значи дека се пролевала голема количина крв (3. Мој. 1:10, 11; 4. Мој. 28:16, 19). Што се правело со сета таа крв?
Археолозите откриле огромен одводен систем во храмот на Ирод, кој се користел сѐ до уништувањето на храмот во 70 год. од. н.е. Очигледно, тој одводен систем се користел за да се отстрани крвта од храмот.
Да разгледаме две карактеристики на тој одводен систем:
Дупки под жртвеникот: Опис на одводниот систем на жртвеникот има во Мишната — збирка од еврејски усни закони и преданија, која е составена на почетокот од третиот век од н.е. Во неа пишува дека имало две дупки во еден агол од жртвеникот. Крвта од жртвите, како и водата што се користела за да се исчисти жртвеникот, истекувале низ дупките и низ еден канал продолжувале да течат сѐ до долината Кедрон.
Оваа древна традиција да се прават дупки во близина на жртвеникот е во склад со пронајдоците на денешните археолози. Едно научно дело потврдува дека бил откриен еден огромен одводен систем во близина на храмот. Во таа книга пишува: „Овој систем веројатно овозможувал водата заедно со крвта од жртвите да истекува од храмот“ (The Cambridge History of Judaism).
Голема количина вода: На свештениците им била потребна голема количина вода за да го измијат подот на жртвеникот и да го исчистат одводниот канал. За да ја извршат таа важна задача, на свештениците постојано им била достапна вода од градот. Водата доаѓала од градот до жртвеникот преку систем од канали, аквадукти, резервоари и езерца. Според археологот Џозеф Патрик, се чини дека ниту еден друг храм во тоа време немал толку сложен начин на снабдување со вода и на отстранување на нечистата вода.