ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА Watchtower
ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА
Watchtower
македонски
ѐ
  • Ѐ
  • ѐ
  • Ѝ
  • ѝ
  • БИБЛИЈА
  • ПУБЛИКАЦИИ
  • СОСТАНОЦИ
  • w25 Септември стр. 14-19
  • Покажувај почит кон другите

За овој материјал нема видео.

Се појави проблем. Видеото не може да се отвори.

  • Покажувај почит кон другите
  • Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство (за проучување) 2025
  • Поднаслови
  • Сличен материјал
  • ШТО ЗНАЧИ ДА ГИ ПОЧИТУВАМЕ ДРУГИТЕ?
  • ПОКАЖУВАЈ ПОЧИТ КОН ЧЛЕНОВИТЕ НА СЕМЕЈСТВОТО
  • ПОКАЖУВАЈ ПОЧИТ КОН СОВЕРНИЦИТЕ
  • ПОКАЖУВАЈ ПОЧИТ КОН ОНИЕ ШТО НЕ СЕ ЈЕХОВИНИ СВЕДОЦИ
  • Што се случи со почитта?
    Разбудете се! 2024
  • Дали предводиш во искажувањето почит?
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2008
  • Зошто да ги почитуваме оние што имаат авторитет?
    Како да ја зачуваш Божјата љубов
  • Како да се покаже почит
    Разбудете се! 2016
Повеќе
Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство (за проучување) 2025
w25 Септември стр. 14-19

СТАТИЈА ЗА ПРОУЧУВАЊЕ 38

ПЕСНА 120 Да бидеме благи како Исус

Покажувај почит кон другите

Наклоноста од другите е подобра од среброто и златото (ИЗР. 22:1)

ЦЕЛ НА СТАТИЈАТА

Да дознаеме како можеме да покажуваме почит кон другите и како можеме да го правиме тоа дури и кога не е лесно.

1. Зошто ни е убаво кога другите нѐ почитуваат? (Изреки 22:1).

ДАЛИ ти е убаво кога луѓето те почитуваат? Без сомнение ти е убаво. Почитта е основна човекова потреба. Кога другите нѐ почитуваат, тоа нѐ прави среќни. Токму затоа, Библијата вели дека „наклоноста од другите е подобра од среброто и златото“. (Прочитај Изреки 22:1.)

2-3. Зошто не е секогаш лесно да покажуваме почит кон другите, и кого треба да го почитуваме?

2 Не ни е секогаш лесно да ги почитуваме другите. Една причина е поради тоа што ги гледаме нивните слабости. Исто така, живееме во време кога е вообичаено луѓето да не покажуваат почит. Но, ние мора да бидеме поинакви. Зошто? Бидејќи Јехова ни вели: „Почитувајте го секого“ (1. Пет. 2:17).

3 Во оваа статија ќе видиме што значи да ги почитуваме другите и како можеме да покажуваме почит 1) кон членовите на семејството, 2) кон соверниците и 3) кон оние што не се Јеховини сведоци. Особено ќе обрнеме внимание на тоа како може да покажуваме почит дури и кога тоа не е лесно.

ШТО ЗНАЧИ ДА ГИ ПОЧИТУВАМЕ ДРУГИТЕ?

4. Што значи да ги почитуваме другите?

4 Како би го дефинирал зборот почит? Во некои јазици, вклучувајќи го и нашиот, зборовите „почит“ и „чест“ се сродни по значење. Тие се однесуваат на тоа како гледаме на некого и како постапуваме со него. Кога ќе забележиме дека некој има убави особини, дека постигнал нешто значајно или дека има извесна мера авторитет над нас, со него се однесуваме со почит и правиме да се чувствува вредно и ценето. Се разбира, важно е нашата почит да биде искрена, односно да доаѓа од срце (Мат. 15:8).

5. Што може да нѐ поттикне да ги почитуваме другите?

5 Јехова сака да ги почитуваме другите. На пример, тој ни вели: „Секој човек нека им биде подложен на властите што се над него“ (Рим. 13:1, 7). Но, некои можеби мислат: „Ќе ги почитувам другите само доколку тие го заслужат тоа“. Дали ваквото размислување е исправно? Не. Како слуги на Јехова, сфаќаме дека почитта што ја имаме кон луѓето не треба да зависи само од нивните постапки. Таа треба да се темели на нашата љубов кон Јехова и на нашата желба да го радуваме (1. Пет. 3:15).

6. Дали е можно да почитуваш некого што не те почитува тебе? Објасни. (Види ја и сликата.)

6 Некои можеби се прашуваат: „Дали навистина е можно да почитуваш некого што не те почитува тебе?“ Можно е. Да разгледаме некои примери. Цар Саул го понижил пред други својот син Јонатан (1. Сам. 20:30-34). И покрај тоа, Јонатан покажувал почит кон својот татко кој бил цар, и учествувал во битки заедно со него сѐ додека биле живи (2. Мој. 20:12; 2. Сам. 1:23). Првосвештеникот Илиј ја обвинил Ана дека е пијана (1. Сам. 1:12-14). Сепак, Ана зборувала со него со почит, иако сите во Израел знаеле за неговите пропусти како татко и како првосвештеник (1. Сам. 1:15-18; 2:22-24). Некои филозофи во Атина го навредиле апостол Павле нарекувајќи го „дрдорко“ (Дела 17:18). И покрај тоа, Павле со почит зборувал со нив (Дела 17:22). Овие примери покажуваат дека длабоката љубов кон Јехова и желбата да не го разочараме можат да нѐ поттикнат да ги почитуваме другите не само кога тоа е лесно, туку и кога е тешко. Да разгледаме кого треба да го почитуваме, и зошто?

Јонатан, Саул и израелски војници се борат на бојно поле опремени со мечеви, копја и штитови.

Иако татко му го понижил, Јонатан продолжил да го брани и да го поддржува својот татко како цар (види во пасус 6)


ПОКАЖУВАЈ ПОЧИТ КОН ЧЛЕНОВИТЕ НА СЕМЕЈСТВОТО

7. Зошто не ни е секогаш лесно да ги почитуваме членовите на семејството?

7 Зошто е тешко? Ние минуваме многу време заедно со членовите на семејството. Затоа, добро знаеме кои се нивните убави особини и кои се нивните слабости. Некои можеби имаат болест поради која не ни е лесно да се грижиме за нив или можеби страдаат од претерана вознемиреност и загриженост. Други пак, можеби ќе нѐ повредат со своите зборови и постапки. Ние треба да се чувствуваме убаво кога сме со членовите на семејството. Но, ако некои од нив се однесуваат без почит, тогаш се создава немир во семејството и нема хармонија. Семејството можеме да го споредиме со едно тело. Една болест може да го спречи телото да функционира добро. Слично на тоа, ако членовите на семејството не се почитуваат едни со други, тоа може да ја спречи меѓусебната соработка. Но, исто како што многу од болестите можат да се излечат, членовите на семејството можат да научат да имаат и да покажуваат почит еден кон друг.

8. Зошто е важно да ги почитуваме членовите на нашето семејство? (1. Тимотеј 5:4, 8).

8 Зошто да покажуваме почит? (Прочитај 1. Тимотеј 5:4, 8.) Во своето прво писмо до Тимотеј, Павле зборувал за тоа како членовите на семејството треба да се грижат едни за други. Тој објаснил дека треба да ги почитуваме членовите на семејството, не затоа што мораме туку поради нашата „оддаденост на Бог“. Ова значи дека тоа го правиме од љубов кон Јехова и бидејќи на тоа гледаме како на дел од нашето обожавање на Бог. Јехова го основал семејството (Еф. 3:14, 15). Затоа, кога ги почитуваме членовите на семејството, всушност, го почитуваме Јехова, основачот на семејството (1. Тим. 5:4). Ова е навистина силна причина да ги почитуваме членовите на нашето семејство!

9. Како можат еден сопруг и една сопруга да си покажуваат почит? (Види ги и сликите.)

9 Како да покажуваме почит. Еден сопруг кој ја почитува својата сопруга покажува, и насамо и пред други, дека таа е скапоцена за него (Изр. 31:28; 1. Пет. 3:7). Тој никогаш не ја удира, не ја понижува, ниту пак прави таа да се чувствува безвредно. Ариел,a еден брат кој живее во Аргентина, вели: „Поради болеста што ја има, мојата сопруга понекогаш кажува работи со кои ме повредува. Кога тоа ќе се случи, се трудам да се потсетам дека не го мисли навистина тоа што го вели. Кога ситуацијата е напната, се потсетувам на зборовите од 1. Коринќаните 13:5, и тоа ми помага да зборувам со неа со почит, наместо со гнев“ (Изр. 19:11). Една сопруга го почитува својот сопруг така што зборува добро за него пред другите (Еф. 5:33). Таа не користи сарказам, не го исмејува и не го нарекува со погрдни имиња, бидејќи е свесна дека таквото однесување е како ’рѓа што му наштетува на бракот (Изр. 14:1). Една сестра од Италија, чиј сопруг се бори со анксиозност, вели: „Понекогаш, си мислам дека грижите на мојот сопруг се претерани. Во минатото, од моите зборови и од изразите на моето лице се гледаше дека не го почитувам. Но сфатив дека, колку повеќе време минувам со луѓе кои зборуваат со почит за другите, толку повеќе сум поттикната да покажувам почит кон мојот сопруг“.

Слики: Еден сопруг и една сопруга се однесуваат со почит еден кон друг. 1. Сопругот зборува љубезно со својата сопруга додека заедно готват во кујната. 2. Сопругата го пофалува пред гостите својот сопруг додека тој послужува со храна еден постар брат.

Кога покажуваме почит кон членовите на нашето семејство, ние го почитуваме Јехова, Главата на нашето семејство (види во пасус 9)


10. Како можат младите да покажат дека ги почитуваат своите родители?

10 Млади, бидете им послушни на семејните правила што ви ги поставуваат родителите (Еф. 6:1-3). Зборувајте со нив со почит (2. Мој. 21:17). Како што твоите родители стареат, можеби ќе им биде потребно повеќе твоето внимание. Грижи се за нив најдобро што можеш. Да го разгледаме примерот на Марија чиј татко не е Јеховин сведок. Кога се разболел, тој ѝ отежнувал на Марија да се грижи за него бидејќи ја повредувал со многу груби зборови. Таа вели: „Се молев не само да имам почит кон татко ми, туку и да му го покажам тоа. Размислував за тоа дека, ако Јехова бара од мене да ги почитувам моите родители, тогаш логично е дека тој може да ми даде и сила да го правам тоа. Со текот на времето сфатив дека татко ми не мора да го смени своето однесување за да постапувам со него со почит“. Кога ги почитуваме членовите на нашето семејство и покрај нивните слабости, покажуваме дека го почитуваме Јехова, кој го создал семејството.

ПОКАЖУВАЈ ПОЧИТ КОН СОВЕРНИЦИТЕ

11. Зошто може да ни биде тешко да почитуваме некои соверници?

11 Зошто е тешко? Нашите соверници живеат според библиските мерила. Сепак, понекогаш можеби некои од нив ќе се однесуваат нељубезно со нас, погрешно ќе нѐ проценат или ќе нѐ изнервираат. Ако имаме причина за жалба против некој соверник, можеби нема да ни биде лесно да продолжиме да се однесуваме со него со почит (Кол. 3:13). Сепак, што може да ни помогне и понатаму да го почитуваме?

12. Зошто е важно да ги почитуваме соверниците? (2. Петрово 2:9-12).

12 Зошто да покажуваме почит? (Прочитај 2. Петрово 2:9-12.) Во своето второ писмо, Петар спомнал дека некои христијани од собранието во првиот век зборувале без почит за „славните“, односно за старешините. Како реагирале на тоа верните ангели кои гледале што се случува? Замисли си, „од почит кон Јехова“ тие не кажале ниту еден погрден збор за тие луѓе! Ангелите, кои се совршени, не зборувале навредливо за тие арогантни мажи. Наместо тоа, тие оставиле Јехова да им суди и да ги прекори (Рим. 14:10-12; спореди со Јуда 9). Можеме да учиме од ангелите. Тие не се однесувале без почит дури ни со противниците. Затоа, колку повеќе причини имаме ние да не се однесуваме без почит кон нашите браќа и сестри кои го сакаат Јехова. Всушност, Библијата нѐ поттикнува: „Предводете во искажувањето почит“ (Рим. 12:10). Така ќе покажеме дека го почитуваме Јехова.

13-14. Како можеме да покажуваме почит кон соверниците? Наведи примери. (Види ги и сликите.)

13 Како да покажуваме почит. Старешини, кога ги поучувате другите, секогаш правете го тоа со љубов (Филим. 8, 9). Ако треба некому да дадете совет, тоа правете го на љубезен начин, а не кога сте изнервирани. Сестри, вие можете многу да им помогнете на другите во собранието да се почитуваат едни со други така што нема да зборувате негативно за другите, ниту пак да клеветите (Тит 2:3-5). Сите ние можеме да покажеме дека ги почитуваме собраниските старешини така што ќе соработуваме со нив и ќе им изразуваме благодарност за трудот што го вложуваат за да ги водат состаноците, за да предводат во проповедничкото дело и за да им помагаат на оние кои тргнале во погрешен правец (Гал. 6:1; 1. Тим. 5:17).

14 На една сестра по име Росио ѝ било тешко да почитува еден старешина кој ѝ дал совет. Таа вели: „Бев вознемирена бидејќи сметав дека не зборуваше љубезно со мене. Дома зборував негативно за него. Иако се обидував да не го покажам тоа, длабоко во себе чувствував дека не ми го даде советот од исправен мотив и затоа не го послушав“. Што ѝ помогнало на Росио? Таа објаснува: „Додека ја читав Библијата, наидов на 1. Солуњаните 5:12, 13. Кога сфатив дека не покажувам почит кон тој брат, совеста почна да ме измачува. Му се молев на Јехова и истражував во нашите публикации за да најдам конкретни информации кои би можеле да ми помогнат да си го променам ставот. Ова ми помогна да сфатам дека проблемот не беше во братот туку во мојата гордост. Сега сфаќам дека, ако не сум понизна, ќе ми биде тешко да ги почитувам другите. Сѐ уште се трудам да покажувам повеќе почит кон другите, и знам дека Јехова се радува поради тоа“.

Слики: Една постара сестра ја чита Библијата и размислува за различни начини на кои старешините вложуваат труд. 1. Еден старешина држи говор на еден собраниски состанок. 2. Тој му помага на еден брат кој е во инвалидска количка. 3. Тој со лопата го расчистува снегот пред салата за состаноци.

Сите ние можеме да покажеме дека ги почитуваме собраниските старешини така што ќе соработуваме со нив и ќе им изразуваме благодарност за трудот што го вложуваат (види во пасуси 13-14)


ПОКАЖУВАЈ ПОЧИТ КОН ОНИЕ ШТО НЕ СЕ ЈЕХОВИНИ СВЕДОЦИ

15. Зошто може да ни биде тешко да ги почитуваме оние што не се Јеховини сведоци?

15 Зошто е тешко? Додека проповедаме, честопати среќаваме луѓе кои не ја сакаат библиската вистина (Еф. 4:18). Некои одбиваат да ја слушаат нашата порака бидејќи како деца биле поучувани да веруваат во нешто друго. Некои колеги или соученици можеби се непријателски настроени кон нас. Можеби нашиот шеф или нашиот наставник никогаш не е задоволен со она што го правиме. Со текот на времето, би можеле да изгубиме почит за таквите луѓе и да престанеме да постапуваме со нив онака како што би сакале другите да постапуваат со нас.

16. Зошто е важно да им покажуваме почит на оние што сѐ уште не му служат на Јехова? (1. Петрово 2:12; 3:15).

16 Зошто да покажуваме почит? Имај на ум дека Јехова гледа како постапуваме со оние кои сѐ уште не му служат. Апостол Петар ги потсетил христијаните дека со своето убаво однесување може да поттикнат некои да „го слават Бог“. Од таа причина, тој им кажал да ги објаснуваат своите верувања „благо и со длабока почит“. (Прочитај 1. Петрово 2:12; 3:15.) Без разлика дали треба да ги објаснат своите верувања пред некој судија или пред некој друг, христијаните треба секогаш да ги почитуваат другите, исто како што би правеле доколку се во присуство на Бог. На крајот на краиштата, Јехова гледа и слуша што кажуваме и како го кажуваме тоа. Колку силна причина имаме да се однесуваме со почит со оние што не се Јеховини сведоци!

17. Како можеме да покажуваме почит кон оние што не се Јеховини сведоци?

17 Како да покажуваме почит. Додека проповедаме, никогаш не сакаме да оставиме впечаток дека ги потценуваме оние кои не знаат многу за Библијата. Наместо тоа, имаме на ум дека тие се скапоцени за Бог, и дека се поголеми од нас (Агеј 2:7; Фил. 2:3). Ако некој те навредува поради твоите верувања, спротивстави се на склоноста да вратиш со иста мера, користејќи духовити, но саркастични забелешки (1. Пет. 2:23). Но, ако кажеш нешто за кое подоцна ќе се каеш, веднаш извини се. Како можеш да покажеш почит кон луѓето на работното место? Биди совесен работник и труди се да ги забележуваш добрите работи кај колегите и кај претпоставените (Тит 2:9, 10). Кога си чесен и трудољубив работник, можеби нема секогаш да им угодиш на луѓето, но сигурно ќе му угодиш на Бог (Кол. 3:22, 23).

18. Зошто е важно да развиваме и да покажуваме почит кон другите?

18 Имаме многу причини да развиваме и да покажуваме почит кон другите. Видовме дека, кога ги почитуваме членовите на семејството, всушност го почитуваме Јехова, Главата на нашето семејство. Слично на тоа, кога ги почитуваме нашите духовни браќа и сестри, го почитуваме нашиот небесен Татко. А кога ги почитуваме оние кои не се Јеховини сведоци, им олеснуваме и тие еден ден да почнат да го слават, односно да му оддаваат чест на нашиот величествен Бог. Дури и ако некои луѓе никогаш не покажуваат почит кон нас, важно е ние секогаш да покажуваме почит кон нив. Зошто? Бидејќи Јехова ќе нѐ благослови. Тој ни ветува: „Јас им укажувам чест на оние што мене ми укажуваат чест“ (1. Сам. 2:30).

КАКО БИ ОДГОВОРИЛ?

  • Како можеме да покажуваме почит кон членовите на семејството?

  • Како можеме да покажуваме почит кон соверниците?

  • Како можеме да покажуваме почит кон оние што не се Јеховини сведоци?

ПЕСНА 129 Да истраеме до крајот!

a Некои имиња се сменети.

    Публикации на македонски јазик (1991 — 2025)
    Одјави се
    Најави се
    • македонски
    • Сподели
    • Подесување
    • Copyright © 2025 Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania
    • Услови за користење
    • Полиса за приватност
    • Поставки за приватност
    • JW.ORG
    • Најави се
    Сподели