Како изгледаат венчавките на Јеховините сведоци?
Венчавките на Јеховините сведоци честопати се едноставни, достоинствени свечености во кои е вклучен краток говор кој се темели на Библијата. Потоа, може да следи прослава која може да вклучува оброк.a На почетокот од својата служба на Земјата, Исус присуствувал на една свадба во градот Кана (Јован 2:1-11).
Што се случува за време на венчавката?
Главен дел од венчавката е говорот за венчавање. Тој трае околу 30 минути и го изнесува еден Јеховин сведок. Говорникот им се обраќа на младенците со топли и срдечни зборови и истакнува како може Библијата да им помогне да имаат траен и среќен брак, полн со љубов (Ефешаните 5:33).
Во многу земји, државата овластува еден Јеховин сведок да го изврши венчавањето. Во тој случај, при крајот на говорот, младенците си ги кажуваат заветите. Исто така, тие може да си разменат прстени. Потоа, лицето кое го врши венчавањето ги прогласува за маж и жена.
Во други земји, законот бара парот да се венча во државна установа. Парот го прави ова кратко пред говорот за венчавање. Ако не кажале завети пред матичарот, младенците може да го направат тоа при крајот на говорот. Но, доколку веќе ги кажале, можеби ќе одлучат да ги повторат. Тогаш, изјавите ќе ги кажат во минато време. Говорот завршува со молитва во која се бара од Бог да го благослови новиот брачен пар.
Каде се одржуваат венчавките на Јеховините сведоци?
Многу Сведоци избираат говорот за венчавање да се одржи во една сала на Јеховините сведоци, доколку тоа е можно.b Ако одлучат потоа да имаат прослава, младенците треба да изберат друга локација за прославата.
Кој може да присуствува?
Доколку венчавката се одржува во една сала на Јеховините сведоци, обично секој може да присуствува, без оглед на тоа дали е Сведок или не. Ако има свадбена прослава, парот одлучува кого ќе покани.
Како треба да бидат облечени гостите?
Иако не постојат конкретни правила на облекување во врска со венчавките што се одржуваат во салите на Јеховините сведоци, Сведоците се трудат да се облекуваат пристојно и достоинствено, во склад со библиските начела. Тие ценат кога и другите го прават истото (1. Тимотеј 2:9). Се разбира, истите начела важат и за прославата, доколку парот одлучи да ја има.
Треба ли гостите да дадат подарок?
Библијата поттикнува на дарежливост (Псалм 37:21). Јеховините сведоци се радосни кога даваат и добиваат подароци (Лука 6:38). Сепак, Сведоците не им наметнуваат чувство на гостите дека мора да дадат подарок, ниту пак јавно ги изјавуваат имињата на оние што дале подарок (Матеј 6:3, 4; 2. Коринќаните 9:7; 1. Петрово 3:8). Тоа не само што е спротивно на она што го вели Библијата туку и може да направи гостите да се чувствуваат непријатно.
Дали ќе има наздравување?
Библијата не забранува наздравување или чукање со чаши, но некои парови можеби ќе замолат да не се кажува здравица пред гостите со цел некој да не се спрепне (Римјаните 14:21).
Ќе се фрла ли ориз или конфети?
Не. Во некои места, луѓето фрлаат ориз, конфети или нешто слично врз парот кој штотуку се венчал. Тие веруваат дека тоа ќе им донесе среќа и долг живот. Но Јеховините сведоци не прават обичаи поврзани со суеверие, како што се обичаи со кои се посакува среќа, бидејќи се во спротивност со библиските начела (Исаија 65:11).
Дали ќе се служат храна и пијалаци?
При венчавањето во салата на Јеховините сведоци не се служи храна или пијалаци. Некои парови одлучуваат потоа да има свадбена прослава на која можеби ќе има храна или пијалаци (Проповедник 9:7). Ако одлучат да има алкохол, тие ќе се погрижат да се служи во умерена количина и само на оние што се полнолетни (Лука 21:34; Римјаните 13:1, 13).
Ќе има ли музика или танцување?
Ако има свадбена прослава, парот можеби ќе одлучи да има музика и танцување (Проповедник 3:4). Изборот на музика зависи од личниот вкус и културата, но сепак, таа треба да биде пристојна. Честопати, на венчавките кои се одржуваат во салите на Јеховините сведоци се пушта музика од нашата организација.
Дали Јеховините сведоци слават годишнина од брак?
Бидејќи Библијата ниту одобрува ниту забранува славење годишнина од брак, брачните парови сами одлучуваат дали ќе ја одбележуваат. Ако одлучат да одбележат годишнина, можеби тоа ќе го направат сами или со пријателите и семејството.
a Обичаите и законските барања може да се разликуваат од место до место.
b Јеховините сведоци што ги држат говорите за венчавање не се платени за тоа, а не се наплаќа ниту користењето на салата на Јеховините сведоци.