Мојата горлива желба да му служам на Бог
Имав само пет години, а веќе бев позната како страв и трепет на игралиштето. Училиштето во кое одев се викаше Перкинс училиште за слепи.
Поминав 13 години од мојот живот во ова училиште во Вотертаун (Масачусетс, САД). Знаев дека сите деца во училиштето беа слепи, но мислев дека јас можам да гледам. Моите родители никогаш не се однесуваа кон мене поинаку отколку спрема моите пет сестри. Што и да правеа тие, истото го правев и јас — секојдневни куќни работи, возење со ролшуи, пливање, качување по дрвја, што сѐ не. Никогаш не се однесуваа кон мене како спрема слепа, па затоа и јас самата не се сметав за слепа.
Имав силна желба за животот, сакав авантури и бев желна за забава. Ги бодрев и другите деца да се спуштаме по слизгалица, да се луламе на лулашки и да се нишаме на чамец кој го нишав толку силно што децата врескаа, а јас пеев колку што можев посилно и ги терав да се забавуваат. Мислам дека претерував, зашто звончето ќе звонеше и домаќинката ќе ме повикаше внатре. Ќе си го добиев своето со четка за коса, и уште морав да седам на магарешка клупа што стоеше до скалите по кои поминуваа сите наставници. Кога ќе ме видеа, се потсмевнуваа и прашуваа: „Пак си тука?“
Да се вратам малку наназад за да објаснам како се случи да дојдам во училиштето за слепи. Родена сум во 1941, и кога имав две години, на моите родители им било речено дека имам тумор на очниот нерв на едното око. Окото мораше да се извади. Во текот на операцијата, открија дека туморот се проширил на очниот нерв од другата страна и се ширел кон мозокот. Тоа значеше или да ми ги отстранат очите или да ме остават да умрам. Во тоа време, во 1943, слепилото се сметаше за нешто полошо отколку смртта. Еден очен специјалист рече: „Да беше мое детево, ќе го оставев да умре“. Другиот специјалист не се сложи со тоа. „Не, оставете го девојчето да живее“. За среќа, родителите одлучија да ме остават на живот. Три години подоцна станав страв и трепет на игралиштето.
Секое од децата добиваше религиозна поука за религијата што ќе ја избереше. Бидејќи мајка ми беше католичка, секоја недела од соседниот манастир доаѓаа калуѓерки кои ме поучуваа. Ми раскажуваа приказни за „светци“ кои ги дале своите животи за Бог, па поради тоа уште на млади години бев исполнета со горлива желба да бидам како тие светци. Сакав да го вложам сиот живот во службата за Бог, но калуѓерките ми велеа дека за мене нема надеж. „Ти си премногу лоша“, ми рекоа. „Бог не би те примил!“ Тоа беше само затоа што си играв со протестантски и еврејски деца, иако ни беше речено да се дружиме само со католички деца.
Понатаму, ги нервирав калуѓерките кога ги прашував за Јеховиното име. Во тоа време мајка ми повремено студираше со Јеховините сведоци, и еднаш месечно кога ќе дојдев дома за викенд, слушав дека Божјето име е Јехова. Кога ќе ги прашав калуѓерките зошто ништо не ни раскажуваат за Јехова, тие ќе се разбеснеа и ќе ме истераа да стојам во ходникот. Мислам дека половина од младоста ја поминав стоејќи во ходникот или седејќи на магарешка клупа.
Со оглед на тоа дека мајка ми беше добра католичка, како дојде до тоа таа да проучава со Јеховини сведоци? Откако ме оперираа, во посета дошол свештеникот кој ѝ рекол дека веројатно сторила некое големо зло со кое го разгневила Бог и затоа јас сум станала слепа. Наместо да ја утеши во тие тешки моменти на голема тага којашто ја поднесувала, тој ѝ наметнал чувство на вина. Освен тоа, тој го обвинил Бог заради моето слепило. Така овој свештеник им го отвори патот на Јеховините сведоци кога тие ја посетиле — што се случило набргу после тоа.
Тие ѝ ја пренеле прекрасната добра вест за Царството и ѝ објасниле дека Бог не нанесува штета, туку дека тој е Бог на љубов. Така мајка ми почнала да студира со Сведоците. Сепак, ѝ било потребно долго време за да му се предаде на Јехова и да му служи. Лажните науки на католицизмот беа длабоко всадени во неа, но библиските вистини кои таа ги учеше беа ‚со помошта Божја силни да разрушат тврдини‘, и така во 1954 мајка ми се крсти како Јеховин сведок (2. Коринтјаните 10:4).
Така, кога одев дома еднаш месечно за време на викендите, татко ми сакаше да одиме во баптистичката црква, некои од моите сестри одеа во методистичката црква, мајка ми ме носеше во Царската сала, а на училиште добивав засилени поуки од католицизмот. Четири различни религии истовремено во едно семејство! Поради тоа вистински бев збунета околу тоа кој е правиот начин за обожавање на Бог.
Во меѓувреме наполнив 16 години и имав силна, сѐ поголема горлива желба да му служам на Бог на исправен начин. Му се молев на Јехова дека кога ќе се мажам, ќе земам маж кој е од вистинската религија, сеедно која е. Така, дојде денот кога тој наизглед прекрасен човек се појави и ме побара за жена. Со оглед на тоа што беше католик и се чинеше дека Бог ми го испратил како одговор на мојата молитва, заклучив дека католицизмот мора да е вистинска религиа. Оттогаш решив навистина да бидам строг католик и добра сопруга и мајка.
За жал, мојот брак се покажа разочарувачки. По десет месеци бевме благословени со ќерка, а по 22 месеци и со син. Но за сето тоа време бракот се повеќе се распаѓаше. Мислам дека ситуацијата не можеше да биде полоша.
Не се лажев; дојде уште полошо. Имавме обичај да одиме на музика секоја сабота навечер, а после тоа друштвото ќе дојдеше дома кај нас на кафе и пијалок. Но, една сабота бевме поканети кај едни други пријатели. Додека бевме таму, случајно чув како маж ми прави планови за измена на брачните партнери. Таму беше еден странец кој го праша која ќе ја земе тој, а мојот сопруг рече: „Ти земи ја жена ми“. Ужасена, во паничен страв излетав од куќата. Во раните утрински часови ја платив цената за бегањето. Тоа скапо ме чинеше, зашто кога мажот ми си дојде дома, немилосрдно ме истепа. Причината, рече, била ‚поради тоа што сум го направила будала‘.
Цел ден во неделата сесрдно му се молев на Јехова ако постои правата религија, вистинскиот начин да му служам нему, нека ми го покаже. Инаку, сакав да умрам. Единственото нешто кое ме воздржуваше да не се самоубијам беа моите две малечки деца. Кој ќе се грижи за нив ако јас умрам?
Следното утро босонога ја косев тревата, така можев подобро да осетам каде е повисока за да ја искосам. Поминаа двајца Јеховини сведоци, маж и жена. Нема никогаш да го заборавам благиот и мек глас на човекот. Тој имаше една посебна статија на Брајово писмо, издадена од Друштвото Стражарска кула. Ми го даде и праша дали би можеле да навратат следната недела. Додуша не бев спремна на такво нешто, но тие беа толку срдечни и љубезни што не можев да ги одбијам. Уште се сеќавам како, враќајќи се назад дома, си мислев: „О Боже, не, не нив, Јеховини сведоци! Зарем не може да биде некоја друга религија?“
Тие навистина дојдоа пак, и започнавме секоја седмица да ја студираме Библијата. Подоцна почнаа да доаѓаат две жени, Џуди и Пени. Тие беа полновремени слуги (наречени посебни пионери) и беа голем благослов од Јехова. Џуди беше пожива и отворена личност, но исто така марлива и многу вешта во пронаоѓањето на цитатите во Библијата. Пени беше помолчелива, но со цврста дисциплина која ми беше потребна. Тие двете целиот свој живот го беа посветиле во Јеховината служба, и со текот на времето и јас посакав да бидам како нив, наместо како оние „светци“ за кои ми зборуваа калуѓерките.
Кога подоцна ми спомнаа и јас да одам во проповедање од куќа до куќа, како што правеа тие, си помислив: „О не, такво нешто не можат да очекуваат од мене! Јас сум слепа!“ Никогаш порано не сметав дека мојата слепост е причина да одбијам нешто, но овој пат си помислив: „Јас не, нема да одам во служба од куќа до куќа“. Така и реков: „Како ќе ги читам цитатите пред вратите?“ Пени мирно рече: „Ти можеш напамет да научиш цитати, зарем не?“ Таа знаеше дека можам, бидејќи веќе ми даваа да учам по два нови цитата секоја недела. Моите изговори едноставно пред нив не користеа воопшто.
Во 1968, откако две години проучував, одлучив да одам на Спомен–свеченоста по повод Христовата смрт. Се молев пред да му го речам тоа на мојот сопруг. Знаев дека ќе се разбесни, и така и беше. Викаше дека повеќе би сакал да ме види мртва отколку јас да бидам Јеховин сведок. Дограби нож и ми го стави под грлото. „Речи дека нема да одиш и нема да те убијам!“ Тивко му се помолив на Јехова: ‚Помогни ми да останам верна дури и ако морам да умрам‘. Бев вчудовидена кога го почувствував внатрешниот мир кој ме обзеде. Низ главата ми мина мислата: ‚Каква смисла би имал мојот живот ако не му служам на Јехова?‘ Се чинеше дека тоа трае цела вечност, но најпосле тој го фрли ножот на под. „Не можам да те убијам“, силно викаше. „Сакам, но едноставно не можам. Не знам зошто“.
Во текот на Спомен–вечерата, ми се врати внатрешниот мир и ја почувствував блискоста до Јехова. Кога се вратив дома, ја најдов вратата заклучена и моите работи на скалите. Ноќта ја поминав кај родителите. После тоа продолжија заканите со нож под грло, како и тепањето. Често пати ја наоѓав вратата заклучена кога ќе си дојдев од состаноците. Маж ми велеше: „Ако му служиш на Јехова, нека се грижи тој за тебе“. Престана да ги плаќа сметките. Имавме сѐ помалку храна, ни ги исклучија плинот и струјата и ни ја зедоа куќата. Но Јехова секогаш беше со мене и со моите деца.
Во јули 1969, во Њујорк се одржа голем конгрес на Јеховините сведоци. Еден час пред да се качам на возот, мажот ми ме притисна в ќош, и по обичај, ми се закануваше и повторно ми држеше нож под грло. Но веќе бев свикната на тоа и не давав да се поколебам. На тој конгрес, на 11. јули 1969, го симболизирав своето предание на Јехова. Заедно со уште 3.000 други конгресни делегати, бев крстена во океанот.
Барем два пати годишно поминував по 75 саати месечно, иако маж ми ми забрануваше да одам во служба. Јас знаев дека заповедта да се проповеда е од Исус Христос, и морав него да го слушам (Матеј 24:14; 28:19, 20). Сепак, во куќата секогаш марливо работев и ја одржував чиста. Оброците секогаш беа на време сервирани. Во деновите кога се одржуваа состаноците ги правев неговите омилени јадења. Кога ќе дојдев дома, му приготвував некој посебен десерт. Дури и со тоа, тој беше прилично зловолен. Тешко е кога некој и понатаму ти вика дури и тогаш кога му го приготвуваш неговиот омилен десерт!
Во 1975 мојот сопруг го пресели семејството во Калифорнија. Во ноември 1976 нашиот брак, после 17 години, заврши. Не беше моја желба да се разведам, бидејќи сум против развод. Во Малахија 2:16 (NW), Јехова вели дека тој ‚го мрази разводот‘. Тоа беше ужасно искуство низ кое мораше да се помине. Да биде уште пожално, децата останаа со татко им во Калифорнија. Јас се вратив назад на Истокот каде што живеев и порано.
Таму беа моите родители кои толку топло и со многу љубов се грижеа за моето детство. (Татко ми во меѓувреме почина, но мајка ми е сѐ уште жива, има преку 80 години и е верен Сведок скоро 40 години). Сепак живеам сама, а Јехова се грижеше за сите мои потреби: стан, храна, облека, пари, работа кога ќе требаше и многу прекрасни браќа кои ми беа и сѐ уште ми се од голема помош и охрабрување. Џуди Коул, моја долгогодишна пријателка, иако сега живее далеку од мене, често пати ми се јавува по телефон, ми чита статии од Стражарска кула и ме храбри. Таа е мојата најдобра пријателка — се разбира после Јехова, зашто неговото пријателство го ценам повеќе од било кое друго!
На 1. октомври 1986 во единаесет часот навечер, ме повика ќерка ми Линда од Сан Диего (Калифорнија). Ми рече дека мојот 23-годишен син Стивен бил во болница на интензивна нега и дека се мали шансите да преживее. Со својот мотор удрил во дрво на еден вијугав планински превој, и паднал од карпа висока 45 метри во еден кањон. Во близина имало само една куќа. Било два часот изутрина, но човекот кој живеел таму случајно бил буден и читал. Кога слушнал бучава излегол надвор, видел што се случило и веднаш повикал итна помош.
Стивен бил онесвестен, обете нозе му биле скршени, здробено колено и повеќе отоци на мозокот. Кога стигнав таму, лекарите ми рекоа дека нема да преживее. Во кома беше седум дена. Бев таму кога тој се освести. „Здраво, мамо“ — ми рече. Тоа беа најубавите зборови што некогаш сум ги чула! Ќе преживее! За уште поголема радост, една година подоцна, во јули 1988 Стивен се крсти како Јеховин сведок.
Сега има уште нешто што ми го развеселува животот: Друштвото Стражарска кула сега издава толку многу литература на Брајово писмо! За мене тоа е прекрасен, прекрасен дар! Кога ја запознав вистината, практично не постоеше ништо на писмо за слепи. Но сега ги имаме книгите Да се слуша Големиот Учител, Моја книга со библиски приказни, Прашања од младите — делотворни одговори и најновата книга Најголемиот човек кој некогаш живеел.
На крајот би сакала да кажам дека сите мои искушенија само ме приближија кон Јехова. Сето тоа ми ја зацврснуваше верата. Навистина никогаш не ми недостигаше видот, бидејќи не знам како изгледа кога човек може да гледа. Секако, можев да гледам до двегодишна возраст, но на тоа повеќе не можам да се сетам. Сепак, еден од моите омилени Библиски стихови е Псалми 144:16, кој вели: „Ти ја отвори раката Твоја и исполнуваш сѐ што е живо со сите негови потреби“. Сите желби кои сега не се задоволени, ќе бидат исполнети во неговиот ветен земски рај, каде што ќе создаде сѐ ново (Откровение 21:3-5). Дури ќе можам и да гледам, како што ме потсети една сестра во верата.
Денес сум пресреќна зашто пред мене стои изгледот засекогаш да ми се исполни горливата желба да му служам на Јехова! (Раскажала Колет Нуниш).
[Истакната мисла на страница 27]
„Да беше мое детево, ќе го оставев да умре“
[Истакната мисла на страница 27]
„Ти си премногу лоша“, рекоа. „Бог не би те примил!“
[Истакната мисла на страница 28]
Свештеникот го обвинуваше Бог заради моето слепило
[Истакната мисла на страница 28]
Случајно го слушнав мојот сопруг како прави планови за измена на брачните партнери
[Истакната мисла на страница 29]
Дограби нож и ми го стави под грлото. „Речи дека нема да одиш и нема да те убијам!“
[Слика на страница 25]
Колет со нејзиниот пес водич
[Слики на страница 26]
Колет на 17 и на двегодишна возраст (кога сѐ уште можела да гледа)