Нашиот свет се менува — каде оди?
НЕКОИ промени имаат големо и долготрајно влијание врз животот на милиони луѓе, па дури и врз целото светско население, како и врз идните генерации. Порастот на криминалот, злоупотребата на дрога, ширењето на СИДА-та, загадувањето на водата и воздухот и сечењето на шумите се само некои од настаните кои влијаат врз сите нас. Крајот на студената војна и ширењето на демократијата по примерот на Западот со неговата пазарна економија исто така го менуваат животот и влијаат врз иднината. Да испитаме некои од тие фактори.
Како криминалот го променил нашиот живот
Какви се улиците во вашето соседство? Дали се чувствувате безбедни да шетате сами навечер? Само до пред 30 или 40 години многу луѓе можеле своите домови да ги остават дури незаклучени. Но времињата се промениле. Сега, некои врати имаат по две или три брави, а прозорците се со решетки.
Луѓето денес се плашат да ја носат по улица својата најдобра облека и накит. Некои граѓани биле убиени заради кожна веторвка или крзнен капут. Други загинале при вооружени судири на банди кои тргуваат со дрога. Скоро секој ден има ранети или убиени невини посматрачи, вклучувајќи и многу деца. Автомобилите не можат безбедно да се остават на улица без некоја вградена досетлива направа за да ги спречи паразитските крадци. Во оваа расипана светска клима, се промениле и луѓето. Чесноста и правдивоста се скоро заборавени вредности. Довербата исчезнала.
Криминалот и насилството се светски феномени. За тоа сведочат следниве новински наслови од различни извори: „Цајкани и гангстери, банди и пороци; Москва открива дека го има сето тоа“; „Нова ера проследена со криминал доаѓа во Кореја“; „Уличниот криминал го погодува секојдневниот живот на Прага“; „Јапонија се бори со банди, а бандите возвраќаат“; „Стисокот на октоподот — главниот борец против мафијата во Италија — разнесен во експлозија“. Криминалот е универзален проблем.
Денешниот криминал е и понасилен. Животот станал ефтин. Во Рио де Жанеиро (Бразил), еден сиромашен предел на периферијата на градот „официјално е оценет од Обединетите нации како најнасилно место во светот. Секоја година овде се убиени по повеќе од 2.500 луѓе“ (World Press Review). Во Колумбија, моќните луѓе во бизнисот со дрогата ги испраќаат своите малолетни сикариоси, или платени убијци на моторцикли, да ги средат сметките со конкуренцијата и должниците преку нивниот посебен вид на брза смртна казна. И, тешко вам ако сте сведок на некој криминал — било во Колумбија или на друго место. Лесно можете да бидете следната жртва.
Друга голема промена е што сѐ повеќе криминалци носат смртоносно автоматско оружје и што сѐ повеќе обични граѓани имаат обичај да носат пиштоли за самоодбрана. Овој пораст на оружјето автоматски значи пораст на смртни случаи и ранети, сеедно дали по пат на криминал или поради несреќен случај. Јасно е како на дланка дека пиштолот во џебот или во куќата може секого да го направи потенцијален убиец.
Криминалот и дрогата
Кој би помислил пред педесет години дека дрогата ќе стане светски проблем? Сега таа е една од главните причини за криминал и насилство. Во својата книга Terrorism, Drugs and Crime in Europe After 1992, Ричард Клатербак предвидува дека „на крајот, порастот на трговијата со дрога би можел да се покаже како најголемата од сите закани за човечката цивилизација. . . . Профитите не само што им даваат огромна економска и политичка моќ на бароните на дрогата [Колумбија е јасен пример] туку финансираат и ужасен број криминални дела по целиот свет“. Тој исто така наведува: „Еден од најголемите мотори на тероризам и криминално насилство во светот е трговијата со кокаин, од полињата со кока во Колумбија до зависниците од дрога во Европа и САД“.
Сегашниот бран на насилство и сѐ поглемиот број на затвореници во светот покажува дека има милиони луѓе со криминалистичка склоност и мала желба да се променат. Премногу од нив виделе дека криминалот донесува добивка. Како резултат на тоа, нашиот свет се променил — на полошо. Станал поопасен.
СИДА — дали предизвикала промена?
Она што во почетокот изгледаше како болест која воглавно ги погодува хомосексуалците, сега стана чума која погодува луѓе од секоја раса и начин на живеење. СИДА-та нема повеќе фаворити. Во некои земји од Африка, таа убива голем дел од хетеросексуалното население. Како резултат на тоа, за некои сексуалниот промискуитет наеднаш стана старомоден, не поради моралот, туку поради стравот од зараза. Сегашната паролата е „сигурен секс“, а употребата на кондоми се препорачува како главна превентива. Воздржувањето од неморалниот секс е на последно место. Но како СИДА-та ќе влијае на човечкото семејство во непосредна иднина?
Списанието Time неодамна објави: „До 2000 година, СИДА-та би можела да стане најголемата епидемија на столетиево и да ја засени чумата на грип од 1918. Таа катастрофа убила 20 милиони луѓе, или 1% од светското население — двапати повеќе од бројот на војниците кои погинале во Првата светска војна“. Како што рекла една жена стручњак: „Оваа епидемија е од историски размери“.
И покрај милионите долари и други валути кои се вложени во истражувањето на СИДА-та, не се гледа никакво решение. На една неодамнешна конференција за СИДА во Амстердам (Холандија), се собраа 11.000 научници и други стручњаци за да го проучат проблемот. „Атмосферата беше мрачна и одразуваше деценија на разочарување, неуспех и растечка трагедија. . . . Откако започна со истражувањето, човештвото можеби ни за чекор се нема приближено до победата над СИДА-та. Нема вакцина, нема лек, па дури ни неоспорно делотворно лекување“ (Time). За оние кои се ХИВ-позитивни и со веројатност дека ќе се заразат со СИДА изгледите се мрачни. И во овој случај, се работи за промена на полошо.
Промена во светската политика
Променетата политичка клима во последниве четири години изненади многу водачи, а можеби најмногу оние од Соединетите Држави. Наеднаш тие се ноѓаат без соодветен соперник на политичко поле. Споредени се со високомотивирана, непобедлива кошаркарска екипа која наеднаш открива дека никој повеќе не сака да игра со неа. Оваа неповолна ситуација накратко ја опишал во една статија во 1990 издавачот на списанието Foreign Policy Чарлс Вилијам Мејнс: „Денес задачата на надворешната политика на САД не е да ја ослободи земјата од катастрофална војна, туку да го институционализира неочекуваниот мир кој изби помеѓу Соединетите Држави и [поранешниот] Советски Сојуз“.
Порастот на нуклеарната технологија предизвикува нови закани, додека војната со конвенционално оружје и понатаму цвета — на задоволство на светските трговци со оружје. Во свет кој копнее по мир, многу политички водачи ги зајакнуваат своите војски и арсенали на оружје. А Обединетите нации кои се на работ да банкротираат, вложуваат големи напори да ги превијат хроничните чиреви на светот.
Непроменливата клетва на национализмот
Кога комунизмот почна да се распаѓа, поранешниот претседател на САД Буш го популаризираше концептот на „нов светски поредок“. Меѓутоа, како што откриле многу политички водачи, лесно е да се измислат досетливи пароли, но многу е потешко да се постигнат позитивни промени. Во својата книга After the Fall—The Pursuit of Democracy in Central Europe, Џефри Голдфарб вели: „По безграничната надеж дека ќе настапи ‚нов светски поредок‘ брзо уследи сфаќањето дека најстарите проблеми сѐ уште се со нас, и понекогаш во уште поголема мера. Еуфоријата на ослободување . . . често е засенета со очај поради политичката напнатост, националнте конфликти, религиозниот фундаментализам и економскиот слом“. Граѓанската војна во некогашната Југославија секако е јасен пример на разделувачкото влијание на политиката, религијата и национализмот.
Голфарб продолжува: „Ксенофобијата [страв од странци] и личната несигурност станаа сурова стварност во Средна Европа. Демократијата автоматски не донесува економски, политички и културни добра, а пазарната економија не само што ветува богатства туку создава и нерешливи проблеми за оние кои не знаат како да работат во неа“.
Очигледно дека тоа не се проблеми само во Средна Европа и во републиките на поранешниот Советски сојуз; ксенофобија и економска несигурност има по целиот свет. Човечкото семејство ја плаќа цената со страдање и смрт. А непосредната иднина не носи надеж за промена на тие длабоко вкоренети ставови кои создаваат омраза и насилство. А зошто? Затоа што образованието кое повеќето го добиваат — сеедно дали од родителите или од националистички ориентираните школски системи — всадува омраза, нетолерантност и ставови на супериорност врз основа на националноста, етничкото или племенското потекло или на јазикот.
Национализмот, кого седмичното списание Asiaweek го нарекува „последниот грд ‚изам‘“, е еден од непроменливите фактори кои и понатаму создаваат омраза и крвопролевање. Тоа списание навело: „Ако гордоста да се биде Србин значи да се мрази Хрватот, ако слободата за еден Ерменец значи да му се одмазди на Турчинот, ако независноста за еден Зулу значи да се потчини еден припадник на Коса и ако демократијата за еден Романец значи да го истера Унгарецот, тогаш национализмот веќе го покажал своето најгрдо лице“.
Тоа нѐ потсетува на она што во една прилика го рекол Алберт Ајнштајн: „Национализмот е детска болест. Тој е сипаница на човештвото“. Порано или подоцна скоро секој го добива, и тој продолжува да се шири. Во 1946, британскиот историчар Арнолд Тојнби напишал: „Патриотизмот . . . во голема мера го заменил христијанството како религијата на западниот свет“.
Постои ли некаква надеж за промена во човечкото однесување под сегашниве околности? Некои велат дека тоа може да се постигне само со радикални промени во образованието. Економистот Џон К. Галбрајт напишал: „Луѓето се тие кои го одредуваат напредокот. Затоа . . . не е можно подобрување ако луѓето не се подобрат, а напредокот е сигурен кога луѓето ќе бидат ослободени и образовани. . . . Најважно е да се победи неписменоста“. Каква надеж постои светските образовни системи некогаш да поучуваат за љубов и толерантност, наместо за омраза и недоверба? Кога длабоко вкоренетите племенски или етнички непријателства ќе се заменат со доверба и разбирање, свесни дека сите ние му припаѓаме на едно човечко семејство?
Јасно е дека е потребна позитивна промена. Сандра Постел во State of the World 1992 пишува: „Остатокот од оваа деценија мора да предизвика уште подлабоки и попроникливи трансформации ако сакаме да имаме реалистични надежи за подобар свет“. И каде одиме? Ричард Клатербак наведува: „Светот, меѓутоа, останува нестабилен и опасен. Националистичкиот и религиозниот жар ќе продолжи. . . . Деведесетите би можеле да бидат или најопасните или најнапредните децении на овој век“ (Terrorism, Drugs and Crime in Europe After 1992).
Нашата средина се менува
Во последниве неколку децении, човештвото станало свесно за фактот дека човечките активности имаат опасно влијание врз средината. Масовното уништување на шумите убива безброј видови животни и растенија. А бидејќи шумите се дел од белодробниот систем на планетава, нивното уништување исто така ја намалува способноста за претворање на јагленородниот диоксид во кислород кој го поддржува животот. Друга последица е што го ослабува површинскиот слој на земјиштето, и на крајот води до процес на претворање во пустина.
Се појавија некои гласови на предупредување по тоа спорно прашање, а еден од нив е оној на американскиот политичар Ал Гор. Во својата книга Earth in the Balance—Ecology and the Human Spirit, тој пишува: „Ако уништувањето на шумите продолжи со досегашново темпо, некаде во следниот век ќе исчезнат практично сите тропски дождовни шуми. Ако дозволиме да се случи тоа уништување, светот ќе го изгуби најбогатото складиште на генетски информации на планетава и, заедно со него, можните лекови за многу болести кои нѐ погодуваат. Всушност, стотици важни лекови кои денес обично се употребуваат се добиваат од растенија и животни од тропските шуми“.
Гор верува дека човековото влијание врз околината претставува вистинска закана за преживувањето. Тој наведува: „Додека и понатаму се шириме во секое замисливо катче на средината, сѐ појасна станува трошливоста на нашата цивилизација. . . . Во текот на само една генерација, се наоѓаме во опасност да го променеме составот на атмосферата на Земјата далеку подраматично од било кој вулкан во историјата, а последиците би можеле да потрајат уште со векови“.
Според Гор и други, не само што ѝ се заканува опасност на нашата атмосфера туку во опасност се наоѓа нашето животоважно снабдување со вода, особено во земјите во развој „каде што последиците од загаденоста на водата најжестоко и најтрагично се чувствуваат преку високата смртност од колера, тифус, дизентерија и пролив“. Потоа Гор го наведува фактот дека „повеќе од 1,7 милијарди луѓе не се соодветно снабдени со чиста пивка вода. Повеќе од 3 милијарди луѓе немаат соодветни санитарни уреди [тоалет и канализација] и затоа се наоѓаат во опасност да им се зарази водата. Во Индија, на пример, сто и четиринаесет места и градови фрлаат човечки измет и други отпадни води директно во Ганг“. А таа река е животна вена за милиони луѓе!
Гаутам С. Каји, потпретседател на Светската банка, предупредил една публика во Банкок дека „снабдувањето со вода во Источна Азија најверојатно би можело да биде кризно прашање во следниот век. . . . И покрај добро познатите користи од безбедната вода за пиење кога се работи за здравје и продуктивност, владите на Источна Азија сега се соочени со јавни системи кои не успеваат да обезбедат пивка вода . . . Тоа е запоставеното спорно прашање на еколошки здравиот развој“. По целиот свет, се запоставува и се запустува еден од основните животни елементи — чистата вода.
Сето ова се аспекти на нашиот свет кој се менува, свет кој во многу области се претвора во опасно буниште и кој му се заканува на идното постоење на човештвото. Главното прашање е: Дали владите и големиот бизнис ја имаат желбата и мотивацијата да преземат чекори за да го запрат масовното црпење на природните резерви на Земјата?
Дали религијата го менува светот?
На полето на религијата го наоѓаме можеби најголемиот неуспех на човештвото. Ако дрвото се суди по неговите плодови, тогаш религијата мора да даде одговор за плодовите на омраза, нетолерантност и војна во сопствените редови. Изгледа дека кај повеќето луѓе религијата е како убавината — само површинска. Таа е фасада која брзо се лупи под притисокот на расизмот, национализмот и економската несигурност.
Бидејќи христијанството е религија на ‚љуби го ближниот и љуби го непријателот‘, што се случило со католиците и православните на поранешна Југославија? Дали нивните свештеници ќе им простат за сите нивни колежи и омраза? Дали вековното „христијанско“ учење во Северна Ирска произвело само омраза и убиства? А што е со нехристијанските религии? Дали тие донеле подобри плодови? Дали хиндуизмот, сикизмот, будизмот, исламот и шинтоизмот можат да укажат на мирољубива историја на меѓусебна толеранција?
Наместо да врши позитивно влијание врз цивилизацијата на човештвото, религијата ја одиграла својата фанатична улога во разгорување на пламените на бесниот патриотизам и во благословувањето на војските во двете светски војни, како и во многу други конфликти. Таа не се покажала како мотивирачка сила за напреден развој.
Затоа, што може да се очекува од религијата во блиска иднина? Всушност, каква иднина можеме да очекуваме за нашиот сегашен светски систем — какви промени ќе настапат? Нашата трета статија ќе ги разгледа овие прашања од единствена гледна точка.
[Слика на страница 7]
Порастот на насилнички криминал е уште еден симптом на промена
[Слики на страница 8]
Национализмот и религиозната омраза и понатаму предизвикуваат крвопролевање
[Извори на слики]
Jana Schneider/Sipa
Malcom Linton/Sipa
[Слики на страница 9]
Преку безобѕирното однесување спрема околината човекот ја менува чувствителната рамнотежа на биосферата
[Извори на слики]
Laif/Sipa
Sipa
[Слика на страница 10]
Папскиот нунцијат Басалјо ди Торегроса го поздравува Хитлер (1933). Низ целата своја историја, религијата се мешала во политиката и го разгорувала национализмот
[Извор на слика]
Bundesarchiv Koblenz