Утеха за возрасните кои преживеале траума во детството
БИЛЕ дружељубива млада двојка, многу почитувана во собранието. Но во тонот на неговиот глас имало итност кога го замолил старешината да наврати кај нив, а таа имала солзи во очите. Таа страдала од периоди на тешка депресија и самоомраза, па дури и помисли на самоубиство. Била сексуално малтретирана како девојче. Благодарен што Јеховината организација дала упатства за помош на жртвите од таквите злосторства, старешината ги проучил писмата од Заедницата до старешините, како и статиите од Разбудете се! од 8. јануари 1991 и статијата од Стражарска кула од 1. октомври 1983 (англ.), кои ја имаат разработено таа тема. Еве неколку корисни мисли земени од тие извори.
1. Слушај, слушај, слушај. Кога едно дете ќе се удри на коленото, првиот нагон е да отрча до мама или тато за утеха. Но едно злоупотребено дете можеби никогаш ја немало таквата прилика. Затоа, како возрасен човек, сѐ уште ја има истата потреба — да зборува, да разговара за тоа, да биде утешен од некој сочувствителен слушач. (Спореди Јов 10:1; 32:20.) Кога старешината ја посетил гореспоменатата двојка, сопругот се изненадил колку малку старешината зборувал, а колку многу слушал. Сопругот, многу практичен и пресретлив човек, открил дека тој се обидувал да го реши проблемот така што на емоциите одговарал со логика, обидувајќи се да ги исправи чувствата кои нему му изгледале ирационални. Сфатил дека на неговата сопруга ѝ било потребно повеќе сочувство отколку одговори. (Спореди Римјаните 12:15.) Ѝ било потребно да чуе дека има оправдани причини да се чувствува така.
2. Да се откријат лагите. Злоупотребата ги прави децата да се чувствуваат валкани, недостојни за љубов, безвредни. Како во случајот на лажните религиозни доктрини, тие идеи можат многу да го отежнат здравиот однос со Јехова. Затоа откријте ги лагите и заменете ги со вистината — нежно, постојано и стрпливо. Просудувајте со помош на Библијата (2. Коринтјаните 10:4, 5). На пример: „Сфаќам дека се чувствуваш валкано. Но што мисли Јехова за тебе? Ако тој дозволил неговиот Син да умре и даде откупнина за тебе, зарем тоа не значи дека те сака? [Јован 3:16]. Дали во Негови очи злоупотребата те направила валкан тебе или силеџијата? Запомни, Исус рекол: ‚Ништо, што влегува во устата на човекот однадвор, не може да го оскверни; освен она што излегува од него, тоа го осквернува човекот‘ [Марко 7:15]. Дали стварно злоупотребата произлегла од тебе, малечко детенце? Или ја смислил силеџијата во сопствените мисли?“
3. Зборувајте утешно. Секој поединец е единствен и затоа Павловиот совет да се ‚утешуваат малодушните‘ различно се применува од случај до случај (1. Солунјаните 5:14). Празното зборување, меѓутоа, се чини дека ретко утешува. На пример, само да ѝ се каже на преживеаната жртва повеќе да ја чита Библијата, повеќе да проповеда или ‚само да го фрли своето бреме на Јехова‘ — иако овие предлози во одредени прилики се корисни — можеби нема да донесе резултати (Псалм 55:22, (НС); спореди Галатјаните 6:2). Многумина веќе ги прават тие работи колку што можат најдобро и самите безмилосно си префрлуваат себеси затоа што не прават повеќе. (Спореди 1. Јованово 3:19, 20.)
На сличен начин, да им се кажува на жртвите на малтретирањето едноставно да го заборават минатото може да нанесе повеќе штета отколку корист. Кога би можеле тоа да го сторат, веројатно самите би го сториле — и не би им била потребна помош за да дојдат до такво едноставно решение.a Запомнете, нивната емоционална траума е тешка. За споредба, замислете си дека наидувате на жртва од сообраќајна несреќа како лежи и стенка среде остатоците. Дали би му рекле едноставно да не мисли на болката? Јасно дека е потребно повеќе.
Ако не сте сигурни дека она што го кажувате е утешно и корисно, зошто не го прашате оној кој е во депресија? Пред сѐ, дури и советот кој е вистинит и библиски треба да биде навремен, а и во прикладно време. (Спореди Изреки 25:11.)
По неколку посети, сестрата почнала да забележува некои подобрувања во својот став, а нејзиниот сопруг бил во подобра состојба да ѝ помогне во тие тешки времиња. Оттогаш обајцата се во можност да им зборуваат утешно на другите кои поминале низ слични трауми. Колку ја зајакнува верата кога се гледа како Јехова, ‚Богот на секоја утеха‘, делува преку неговата Реч и неговиот народ за да ги ‚завива ранетите во срцето‘ (ДК) во овие немирни времиња (2. Коринтјаните 1:3; Исаија 61:1).
[Фуснота]
a Точно е дека апостолот Павле ги советувал христијаните да ‚го заборават она што е зад нив‘. Но Павле овде мислел на својот поранешен углед и световен успех, кои сега за него биле „отпад“. Тој не мислел на своите минати неволји за кои отворено зборувал (Филипјаните 3:4-6, 8, 13; спореди 2. Коринтјаните 11:23-27).