Го набљудуваме светот
Зошто не успеваат обидите за мир
„Во 1994 светот донесе со себе 35 војни, што е доказ за мрачното пророштво на Библијата дека секогаш ќе има војни и гласови за војни“, стои во една статија на Toronto Star. (Оваа изјава не е точна. Всушност, Библијата прорекува дека војните набргу ќе престанат. Види Исаија 2:2-4.) „Сите триесетина војни кои денес беснеат во светот, се борби во рамките на поединечни држави — ниедна не е борба меѓу државите.“ Засилувањето на овие граѓански војни укажува на неспособноста на светските застапништва мирно да ги решаваат споровите. „Сѐ додека ужалените групи знаат дека ООН не може да ги натера своите земји членки да се држат за минималните начела на однесување и човечки права, тие ќе продолжат да прибегнуваат кон насилство за да ги постигнат своите барања“, забележува статијата. „По Втората светска војна практично нема примери за успешно користење на големата воена сила на државите од Северната хемисфера за да се стави крај на меѓудржавните или граѓанските судири во Третиот свет или на некои други места.“ Всушност, парите што сѐ уште се трошат за подготвување на војни меѓу државите, придонесуваат за граѓанските конфликти така што се користат средства кои инаку би можеле да се искористат за подобрување на условите кои водат до граѓански војни.
Вештина или здравје?
„Обично, професионалните спортови се наменети само за подобрување на спортските вештини, а ретко за подобрување на здравјето“, вели ортопедот Виктор Матсудо, цитиран во списанието Veja. „Никој не мора да стане спортист за да си го подобри здравјето.“ Всушност, д-р Матсудо вели дека „оној кој вежба неумерено е склон да умре порано од оној кој седи“. Тој додава: „Многу луѓе сѐ уште мислат дека исправното вежбање треба да биде нешто напорно, нешто што предизвикува потење и мачење. Тоа не е точно. Исправното вежбање е со умерен интензитет и не предизвикува болка, неугодност или грчеви. . . . Првото нешто што се препорачува за оној кој седи и кој сака да почне да работи на тоа да стекне добра физичка кондиција е пешачењето“. Човек кој пешачи по половина час, два или три пати неделно, има 15 отсто помали шанси да умре отколку човек кој седи. Д-р Матсудо предлага пешачењето да се прави по рамно тло и со темпо што дозволува лесно дишење и разговор со некој друг.
„Пушењето жаби“ го наследува „лижењето на жаби“
Наводно, меѓу оние кои користат дрога долго време е познато дека одредени жаби од својата кожа излачуваат една халуциногена хемикалија наречена буфотенин. Меѓутоа, хемикалијата е исто така отровна — толку отровна што понекогаш ги убива кучињата кои ги ловат и ги јадат жабите. Затоа, The Wall Street Journal известува дека некои корисници на дрога се исплашени да „лижат жаби“ и, наместо тоа, прибегнале кон „пушење на жаби“. Тие ја сушат отровната жабечка лигавица и ја пушат, мислејќи дека под дејство на топлина ќе се ослободат отровите. Во секој случај, злоупотребата на жаби сега е илегална. Буфотенинот се наоѓа на листата на опасни и илегални дроги во Соединетите Држави. Најмалку еден дилер е уапсен. Неговите жаби, известува Journal, биле конфискувани.
Кој прв го видел?
Папата Јован Павле II неодамна зборуваше во корист на една традиција според која се претпоставува дека „по воскресението, Исус прво ѝ се појавил на Богородица пред да се појави пред било кој друг, уште пред ангелот да им го објави тоа на другите жени“, изјавува Corriere della Sera. Ова гледиште, кое нема никаква потпора во Евангелијата, предизвикало голема збунетост кај некои луѓе. Коментирајќи за мислењето на папата и за улогата на Марија во католичката традиција, италијанскиот католички писател Серџо Квинцио забележал дека „популарната оддаденост“ на Марија секогаш имала тенденција да ги води католиците „дури и преку она што Светото писмо ни го пренесува“. Оваа најнова „апсолутна формулација“, додал тој, „ги принудува библиските стихови да зборуваат повеќе од она што е запишано“.
Шагасовата болест и трговијата со крв
Шагасовата болест, која е предизвикана од паразит и доведува до попуштање на срцето по многу години на неактивност, моментално погодува околу 18 милиони Латиноамериканци. Често се пренесува преку трансфузија на крв која не била детално испитана. Весникот Bolivian Times неодамна објаснил: „Една од причините зошто во сите случаи крвта не се испитува на исправен начин е поради комерцијализацијата која се одвива на светско ниво. Испитувањето и анализата на крвта за било која болест го намалува профитот што произлегува од тоа“. На 24 декември 1993, El Diario од Ла Паз навел: „Педесет отсто од крвта што се користи за трансфузија во земјата, е заразена од следниве болести: Шагасова болест, маларија, хепатит, сифилис и сида, предупреди Црвениот крст на Боливија“.