„Сега остануваат само Миа и Јехова“
ДО МАЈ 1991, телото веќе ми сигнализираше дека нешто не е во ред. После подолго пешачење или долго возење со велосипед чувствував силни болки во рацете и во нозете, а зглобовите ми отекуваа. Кога бев на свадбата на брат ми, во јули 1991, се разболев. После тоа, подолго време бев врзана за кревет, а по лицето и по телото ми се појавија чудни црвени дамки.
Мајка ми ме однесе на лекар кој брзо ме испрати во една болница близу нашиот дом во Аским, Норвешка. Дијагнозата беше: намалена функција на бубрезите и висок крвен притисок. Нивото на хемоглобин ми беше само 7,3 грама на децилитар, во споредба со нормалното ниво од 11,5 до 16. По два дена бев префрлена во поголема болница со специјално одделение за лекување на бубрежни заболувања. Откако ги виде резултатите од повеќе крвни испитувања, лекарот заклучи дека сум болна од еритемски системски лупус и дека имунолошкиот систем создава антитела кои ми ја напаѓаат крвта и бубрежното ткиво. Ми дадоа кортикостероиди и хемотерапија.
Бидејќи и болеста и некои од лековите ја уништуваат крвта, проблем стана прашањето за трансфузија на крв. Собрав сила и реков: „Јас сум предаден и крстен Сведок и не сакам крв“ (1. Мојсеева 9:4; Дела 15:28, 29). Лекарот потоа зборуваше насамо со мајка ми, и таа му објасни дека ние сакаме да користиме замена за трансфузија на крв. Тој рече дека е спремен да го почитува мојот став и дека ќе стори сѐ што може за да ми помогне.
Во описот на историјата на болеста, од кој подоцна добивме копија, стоеше: „Пациентката е полнолетна, со здрав разум и информирана. Затоа, сметаме дека е неопходно да го почитуваме нејзиното гледиште“. Исто така пишуваше: „Медицинското одделение е решено да ја почитува одлуката на пациентката да не прима крв, дури и ако поради тоа настапи смрт“.
Лечење
Следните денови беа испробани разни терапии за да ми се намали крвниот притисок, а со тоа да се намали и напнатоста на бубрезите. Телото не ги поднесуваше лековите, и сѐ што можам да се сетам е дека постојано повраќав. Одвреме навреме се чувствував депресивно, па моите родители и јас често му се молевме на Јехова за помош и сила. После еден месец во болница, ми дозволија да си одам дома за викенд. Подоцна, кога по втор пат ми дозволија да си одам дома, добив голем епилептичен напад проследен со четири помали. Болеста го зафати и мојот централен нервен систем. Повторно итно ме вратија во болница.
Лекарите одлучија да дадат алтернативно лечење. Беше извадена плазма од крвта и на тој начин беа отстранети антителата кои ги напаѓаа крвните клетки и бубрежното ткиво. Потоа ми дадоа инјекции со Рингеров раствор и со албумин. За овој третман разговарав со лекарите и им дадов писмена дозвола да го спроведат.a И покрај ова лекување, мојата состојба се влоши. Исто така им дадов дозвола да ме лечат со имуноглобулини, но во тоа време не ги користеа.b
Работата на бубрезите ми беше многу намалена. Мојот серум креатинин беше 682 во споредба со нормалниот од 55 до 110. Крвниот притисок ми остана висок, а хемоглобинот остана помеѓу 5 и 6 грама на децилитар. Еден ден бројот на крвните плочки изнесуваше 17.000 на кубен милиметар крв (нормалниот број е од 150.000 до 450.000), со што многу се зголеми ризикот од крвавење. За среќа, бројот на крвните плочки веднаш почна да се зголемува. Следниот ден бројот изнесуваше 31.000 и продолжи да расте.
Љубезна поддршка
Болничкиот персонал беше импресиониран од сите цвеќиња, писма, картички и телефонски повици што ги добивав од љубезните христијански браќа и сестри од цела Норвешка. Тие се чудеа од каде една 18-годишна девојка има толку многу пријатели. Тоа ни даде прилика да им кажеме за нашата христијанска надеж и за Јеховината организација полна со љубов (Јован 5:28, 29; Откровение 21:3, 4).
Во меѓувреме, Одборот на Јеховините сведоци за контактирање со болници, работеше напорно за да добие повеќе информации за лекувањето на лупус. Од нашата подружница во Норвешка добивме една статија која беше излезена во некое медицинско списание во Јапонија. Опишуваше два комплицирани случаи на еритемски системски лупус во кои на две млади жени им биле давани имуноглобулини — со добри резултати. За време на една конференција со лекарите, моите родители ги замолија да ја прочитаат статијата за да видат дали информациите би можеле да користат во мојот случај. Лекарите имаа различно мислење околу тоа што да прават. На пример, беа загрижени за ограничениот број на информации во врска со нуспојавите од лечењето со имуноглобулини.
Притисок да се прими крв
До ова време бев во болница скоро осум недели. Една вечер почувствував остра болка во стомакот, столицата ми беше со крв поради внатрешно крвавење. Беше повикан хирург. Тој рече дека ми е потребна итна операција и трансфузија на крв, во спротивно, би умрела за неколку часа. Овој хирург ѝ рече на сестра ми, која седеше до мене, дека би било добро да ме наговори да примам крв инаку таа би била одговорна за мојата смрт. Тоа ме налути затоа што одлуката да не примам трансфузија на крв беше лично моја.
Лекарите сакаа да разговараат со мене насамо за да се уверат дека одлуката е навистина моја и дека сум потполно свесна за она што тие сметаа дека ќе се случи ако не примам крв. После 15 минути беа убедени дека нема да се предомислам. Наместо да ме оперираат, лекарите ми дадоа антибиотици против инфекцијата.
На 30 септември, денот по разговорот со лекарите, бројот на хемоглобинот ми се намали од 6,5 на 3,5. Бев префрлена на одделението за интензивна нега. Бев толку слаба што ми беше потребна оксигенска маска за да примам кислород. Иако горе-долу бев свесна за време на сиот овој критичен период, не можам да се сетам на ништо. Затоа, она што се случи во следните неколку дена, подоцна ми го раскажаа моето семејство и двајца христијански старешини.
Мојот живот во опасност
Тогаш лекарите се согласија да се обидат да ми стават интравенозни инјекции со имуноглобулини. Од 9 до 11 октомври ми даваа по една доза од шест грама имуноглобулини на ден. Не можев да ги контролирам основните физиолошки потреби, па медицинските сестри постојано ја менуваа постелнината. Нивото на хемоглобинот постојано ми опаѓаше. Во историјата на болеста стоеше: „Нејзината најниска измерена стапка на хемоглобин изнесуваше 1,4, а после тоа имаше додатна мелена [столици со крв], и беше одлучено да не правиме дополнителни испитувања на крвта. Во овој стадиум, таа практично беше на умирање“.
Во тие моменти лекарите изгубиле секаква надеж за оздравување, па рекоа дека ако преживеам, ќе имам оштетувања на мозокот и дека можеби делумно ќе бидам парализирана. Беа толку сигурни дека не можат ништо да сторат, што на 12 октомври беше одлучено да се прекине со секакви активни третмани и да ми даваат само течности. Татко ми, кој постојано ме храбреше да се борам, седеше покрај креветот и ми велеше: „Сега остануваат само Миа и Јехова“.
Во тој критичен период, со моето семејство покрај креветот секогаш беше некој од собранието. Еден од нив раскажува: „Во саботата навечер, на 12 октомври, никој не веруваше дека Миа ќе ја преживее ноќта, но во неделата изутрина сѐ уште беше жива. Попладнето дишењето ѝ беше отежнато и сите очекуваа тоа да биде крај. Целото семејство се собра околу нејзиниот кревет. Длабоко вдишуваше, а потоа, што изгледаше како цела вечност, издишуваше. Нејзините родители ја доживеаја најдлабоката болка што можат да ја доживеат родители — да гледаат како нивното драго дете полека умира. Татко ѝ рече дека треба сите во молитва да му се обратиме на Јехова. Потоа зборувавме тивко, надевајќи се дека Миа не ќе мора да страда долго.
Но, Миа не умре. Лекарите и сестрите никогаш не виделе такво нешто — некој да живее со толку лоша крвна слика. Крвавењето престана и состојбата не се влоши. Помина ноќта во неделата а Миа сѐ уште беше жива“.
Пресвртница
Во понеделник наутро, на 14 октомври, еден од лекарите дошол да ме види. Јас сум дремела и не се сеќавам на настанот. Лекарот стоел покрај креветот, а мајка ми рекла: „Лекарот е тука и сака да ти каже добро утро“. Јас сум одговорила со многу чујно „здраво“. Тој не го очекувал тоа и бил изненаден и трогнат.
Мозокот ми беше добар и не бев парализирана. Терапијата продолжи. Интравенозно ми даваа еритропоетин и железен декстран, како и две дози имуноглобулини на ден. Мојата состојба полека се подобри. На 16 октомври, стапката на хемоглобинот се зголеми на 2,6, а на 17-ти на 3,0. Закрепнував. На 12 ноември бев отпуштена од болница, со ниво на хемоглобин од 8,0.
Не знаеме точно зошто престана уништувањето на моите црвени крвни зрнца и зошто крвната слика ми се поправи толку брзо. Инјекциите со имуноглобулини, еритропоетин и железен декстран, очигледно, одиграле клучна улога. До почетокот на мај 1992, нивото на хемоглобинот ми беше нормално — 12,3 — и остана во границите на нормалата.
Моментално сум на рехабилитација за да се контролира мојата состојба и добро се чувствувам. На 28 ноември 1992, се омажив за еден сохристијанин и со него заедно му служиме на Јехова. Мојата болест, како и послушноста спрема Јеховиниот закон за крвта, ме приближија кон Јехова. Сега сум во исчекување да му служам со сета своја сила во сета вечност. (Раскажала Миа Бјорндал.)
[Фусноти]
a Оваа постапка е позната како плазмафереза и вклучува надворешна циркулација на крвта. Одлуката да се користи оваа постапка се остава на совеста на поединецот, како што беше разгледано во Стражарска кула од 1 март 1989, страници 30 и 31 (англ.).
b Одлуката да се користат имуноглобулини, кои содржат мала количина крв, се остава на совеста на поединецот, како што беше разгледано во Стражарска кула од 1 јуни 1990, страници 30 и 31 (англ.).