ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА Watchtower
ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА
Watchtower
македонски
ѐ
  • Ѐ
  • ѐ
  • Ѝ
  • ѝ
  • БИБЛИЈА
  • ПУБЛИКАЦИИ
  • СОСТАНОЦИ
  • g04 8/3 стр. 12-15
  • Го прифатив Божјето гледиште за крвта

За овој материјал нема видео.

Се појави проблем. Видеото не може да се отвори.

  • Го прифатив Божјето гледиште за крвта
  • Разбудете се! 2004
  • Поднаслови
  • Сличен материјал
  • Навлегувам во патологијата
  • Нема да има болести и смрт
  • Го прифаќам Божјето гледиште за крвта
  • Го бранам Божјето гледиште за крвта
  • Почитта кон крвта ставена на испит
  • И понатаму учам од најголемиот Лекар
  • Да се спаси животот со крв — како?
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 1991
  • Квалитетни алтернативи за трансфузијата
    Како може крвта да ти го спаси животот?
  • Трансфузија на крв — колку е безбедна?
    Како може крвта да ти го спаси животот?
  • Значајна конференција за бескрвна хирургија во Москва
    Разбудете се! 1999
Повеќе
Разбудете се! 2004
g04 8/3 стр. 12-15

Го прифатив Божјето гледиште за крвта

Еден доктор ја раскажува својата приказна

СТОЕВ во амфитеатарот на болницата и пред група доктори изнесував резиме во врска со резултатите од една аутопсија. Пациентот што умре имаше малиген тумор, и јас реков: „Можеме да заклучиме дека директна причина за смртта на овој пациент е хемолизата [разградување на црвените крвни клетки] и акутното откажување на бубрезите како резултат на обилна трансфузија на крв“.

Еден професор стана и налутено викна: „Да не сакате да кажете дека сме извршиле трансфузија на погрешна крвна група?“ Јас одговорив: „Не го реков тоа“. Додека им покажував некои дијапозитиви на мали делови од бубрегот на пациентот, додадов: „Може да се види лиза [распаѓање] на повеќе црвени крвни клетки во бубрегот и оттаму можеме да заклучиме дека тоа предизвикало акутно откажување на бубрезите.a Атмосферата стана напната, а мене устата ми се сушеше. Иако јас бев млад доктор а тој беше професор, чувствував дека не можам да се повлечам.

Во тоа време јас не бев Јеховин сведок. Роден сум во 1943 во Сендај, град во северна Јапонија. Бидејќи татко ми беше патолог и психијатар, одлучив да студирам медицина. Кога бев втора година на факултетот по медицина, во 1970, се оженив со една млада девојка, која се викаше Масуко.

Навлегувам во патологијата

Масуко работеше за да се издржуваме додека да го завршам моето школување. Медицината ме фасцинираше. Бев исполнет со страхопочит од тоа колку прекрасно е создадено човечкото тело! Па сепак, никогаш не ми падна на ум дека постои Творец. Сметав дека медицинските истражувања би можеле да му дадат смисла на мојот живот. Затоа, откако станав доктор, одлучив да продолжам со студиите по медицина и се запишав на одделот за патологија, која ги изучува карактеристиките, причините и последиците од болестите.

Додека вршев аутопсии на пациенти што умреле од рак, кај мене почнаа да се јавуваат сомневања во врска со ефикасноста на трансфузијата на крв. Пациентите што имаат рак во напредна фаза можат да станат анемични поради крвавењето. Бидејќи хемотерапијата ја влошува анемијата, докторите често препишуваат трансфузија на крв. Меѓутоа, кај мене се јавија сомневања дека трансфузиите би можеле едноставно да предизвикаат ракот да се шири. Како и да е, денес е познато дека трансфузиите на крв водат до имуносупресија (намалување на имунолошката реакција), поради што може да се зголеми веројатноста од повторна појава на туморот и да се намали стапката на преживеани пациенти што имаат рак.b

Во 1975 го имав случајот што го опишав во почетокот. Тој професор беше одговорен за случајот и беше специјалист по хематологија. Затоа, не беше воопшто чудно што се разбесни кога реков дека некој пациент умрел поради трансфузија на крв! Меѓутоа, јас продолжив со моето излагање и на крајот тој се смири.

Нема да има болести и смрт

Отприлика во тоа време една постара госпоѓа, Јеховин сведок, ја посетила жена ми. Во својата презентација го употребила зборот „Јехова“ и жена ми прашала што значи тоа. Постарата госпоѓа одговорила: „Јехова е името на вистинскиот Бог“. Масуко ја читала Библијата уште од дете, но во нејзината Библија името Бог било заменето со „ГОСПОД“. Сега дознала дека Бог е личност што има име!

Масуко веднаш почнала да ја проучува Библијата со постарата госпоѓа. Кога се вратив од болницата, некаде околу 1.00 часот по полноќ, жена ми возбудено ми рече: „Во Библијата пишува дека болеста и смртта ќе бидат отстранети!“ Јас одговорив: „Тоа би било прекрасно!“ Таа продолжи: „Бидејќи наскоро ќе дојде новиот свет, не сакам да си го губиш времето“. Си помислив дека сака да ми каже да не бидам повеќе доктор, па затоа се налутив и односите меѓу нас прилично се затегнаа.

Но, жена ми не се откажа од мене. Таа се молела и барала соодветни библиски стихови што потоа ми ги покажа. Особено ме допреа до срце зборовите од Проповедник 2:22, 23: „Што добива човекот за својот напор и труд што ги поднесува под сонцето? . . Ни ноќе не мирува неговото срце. И тоа е суета“. Ова се однесуваше на она што го правев јас — ден и ноќ ѝ се посветував на медицината без да најдам вистинско задоволство.

Едно неделно утро во јули 1975, кога жена ми отиде во Салата на Царството на Јеховините сведоци, се решив да појдам и јас. Жена ми многу се изненади кога ме виде, а Сведоците срдечно ме поздравија. Оттогаш присуствував на секој состанок што се одржуваше во недела. Отприлика по месец дена, еден Сведок започна библиска студија со мене. Жена ми се крсти по три месеци откако Јеховините сведоци првпат ја посетија.

Го прифаќам Божјето гледиште за крвта

Наскоро дознав дека Библијата им вели на христијаните ,да се воздржуваат од крв‘ (Дела 15:28, 29; Битие 9:4). Бидејќи веќе имав сомневања во врска со ефикасноста на трансфузиите на крв, не ми беше тешко да го прифатам Божјето гледиште за крвта.c Си мислев: ,Ако постои Творец и ако тој вели така, тогаш мора да е во право‘.

Исто така, дознав дека причината за болестите и смртта е гревот на Адам (Римјаните 5:12). Во тоа време вршев истражувања на артериосклерозата. Додека старееме, артериите се стврднуваат и се стеснуваат, што води до срцеви болести, цереброваскуларни болести и заболувања на бубрезите. Ми беше логично дека причина за тоа е несовршеноста што сме ја наследиле. Потоа, мојот жар за медицината почна да гасне. Само Јехова Бог може да ги отстрани болестите и смртта!

Во март 1976, седум месеци откако почнав да ја проучувам Библијата, престанав со мојата специјализација во универзитетската болница. Се плашев дека нема да можам повторно да работам како доктор, но најдов работа во една друга болница. Се крстив во мај 1976. Заклучив дека најдобриот начин на кој можам да го користам мојот живот е да служам како полновремен евангелизатор, односно пионер. Со пионерска служба започнав во јули 1977.

Го бранам Божјето гледиште за крвта

Во ноември 1979, Масуко и јас се префрливме во едно собрание во префектурата Чиба, каде што имаше голема потреба од проповедници. Најдов болница каде што можев да работам со скратено работно време. Првиот ден кога појдов на работа, околу мене се собра група хирурзи кои упорно ме прашуваа: „Бидејќи си Јеховин сведок, што ќе направиш ако донесат пациент на кој му треба трансфузија на крв?“

Учтиво им објаснив дека ќе постапам во склад со она што го вели Бог во врска со крвта. Објаснив дека постојат алтернативи за трансфузијата на крв и дека би сторил сѐ што можам за да им помогнам на моите пациенти. Откако дискутиравме околу еден час, шефот на хируршкото одделение одговори: „Те сфаќам. Но, ако донесат некој пациент што изгубил многу крв, ние ќе го преземеме случајот“. Шефот беше познат како тежок човек, но по таа дискусија изградивме добри односи и тој секогаш ги почитуваше моите верувања.

Почитта кон крвта ставена на испит

Додека служевме во Чиба, во Ебина почна да се гради ново седиште на Јеховините сведоци во Јапонија. Заедно со сопругата патував со автомобилот еднаш неделно за да се грижам за здравјето на Сведоците што доброволно работеа на изградбата на тој објект, наречен Бетел. По неколку месеци бевме повикани да служиме полновремено во Бетелот во Ебина. Така, во март 1981, почнавме да живееме во привремените објекти што се користеа за да се сместат преку 500 доброволци. Наутро помагав да се чистат бањите и тоалетите на градилиштето, а попладне вршев медицински прегледи.

Една од моите пациенти беше Илма Излоб, која во 1949 дошла од Австралија за да служи како мисионер во Јапонија. Таа имаше леукемија и докторите ѝ рекле дека ќе живее само уште неколку месеци. Илма не сакаше да прими трансфузија на крв за да си го продолжи животот и одлучи да ги мине своите последни денови во Бетел. Во тоа време сѐ уште немаше лекови што го стимулираат создавањето на црвени крвни клетки, како што е еритропоетинот. Затоа, понекогаш хемоглобинот ѝ паѓаше на 3 или 4 грама! (Нормалната вредност е 12 до 15.) Но, јас правев сѐ што можев за да ја лекувам. Илма покажуваше непоколеблива доверба во Божјата реч сѐ до својата смрт, во јануари 1988 — околу седум години подоцна!

Низ годините, на неколку доброволци во канцеларијата на подружницата на Јеховините сведоци во Јапонија им требаше хируршка интервенција. Докторите во блиските болници беа за пофалба што соработуваа и вршеа бескрвни операции. Честопати ме викаа во операционата сала за да ги следам интервенциите, а понекогаш дури и помагав при операцијата. Благодарен сум им на тие доктори што покажуваат почит кон ставот на Јеховините сведоци во врска со крвта. Додека работев со нив имав многу прилики да им зборувам за моите верувања. Еден од нив неодамна стана крстен Сведок.

Интересно, докторите дадоа голем придонес во медицината додека вложуваа напори да ги лекуваат Јеховините сведоци без крв. Бескрвните операции докажаа кои се користите од избегнувањето трансфузија на крв. Истражувањата покажуваат дека пациентите во тие случаи побрзо закрепнуваат и има помалку компликации по операцијата.

И понатаму учам од најголемиот Лекар

Се трудам да бидам во чекор со најновите достигнувања во медицината. Сепак, и понатаму учам од Јехова, најголемиот Лекар. Тој не гледа само на површината туку нѐ гледа како личности во целина (1. Самоил 16:7). Како лекар, се трудам да го лекувам секој пациент како личност, а не само да се сосредоточам на болеста. Ова ми овозможува да му дадам на пациентот подобра медицинска нега.

И понатаму служам во Бетел, а тоа што им помагам на другите да го запознаат Јехова — вклучувајќи го и неговото гледиште за крвта — сѐ уште ми причинува најголема радост. Се молам Големиот Лекар, Јехова Бог, наскоро да им стави крај на сите болести и на смртта (Раскажал Јасуши Ајзава.)

[Фусноти]

a Според учебникот Modern Blood Banking and Transfusion Practices (Современо складирање на крв и постапки при трансфузија) од д-р Дениз М. Харменинг, може да дојде до „задоцнета хемолитичка реакција на трансфузија кај пациент што претходно станал преосетлив поради трансфузија, бременост или трансплантација“. Во такви случаи, антителата што предизвикуваат негативна реакција на трансфузијата кај пациентот „не можат да се откријат со стандардните методи што се применуваат пред да се даде трансфузија“. Според Dailey’s Notes on Blood, хемолиза ,може да настапи дури и кога ќе се прими само мало количество некомпатибилна крв. Кога ќе откажат бубрезите, кај пациентот постепено доаѓа до труење затоа што бубрезите не можат да ги отстранат нечистотиите од крвта‘.

b Во списанието Journal of Clinical Oncology од август 1988 стои: „Пациентите што примаат трансфузија на крв кога треба да се изврши операцијата имаат значително полоша прогноза отколку пациентите од рак кои се оперираат без да им се даде трансфузија“.

c За повеќе информации за библиските учења во врска со крвта, видете ја брошурата Како може крвта да ти го спаси животот? издадена од Јеховините сведоци.

[Истакната мисла на страница 14]

„Објаснив дека постојат алтернативи за трансфузијата на крв и дека би сторил сѐ што можам за да им помогнам на моите пациенти“

[Истакната мисла на страница 15]

„Бескрвните операции докажаа кои се користите од избегнувањето трансфузија на крв“

[Слики на страница 15]

Горе: Држам библиско предавање

Десно: Со жена ми, Масуко, денес

    Публикации на македонски јазик (1991 — 2025)
    Одјави се
    Најави се
    • македонски
    • Сподели
    • Подесување
    • Copyright © 2025 Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania
    • Услови за користење
    • Полиса за приватност
    • Поставки за приватност
    • JW.ORG
    • Најави се
    Сподели