Дешифрирање на човечката генетика
ОД ДОПИСНИКОТ НА РАЗБУДЕТЕ СЕ! ВО БРИТАНИЈА
„ПРВИОТ ‚голем научен‘ проект“ на биологијата, шесто од „седумте чуда на современиот свет“ — овие два израза се опис на проектот познат како Човечки геном, меѓународен обид за дешифрирање на човекот! Што е геном? Тоа е вкупниот збир на твојот генетски состав — еден дел наследен од татко ти, а друг од мајка ти, но сега единствено твој.
Генетичарите Сер Валтер Бодмер и Робин Мекки, го нарекуваат проектот геном „Книга на човекот“. Но, не е така едноставно да се чита таа книга. „Луѓето никогаш нема да најдат позначајна збирка на учебници“, тврди Џемс Вотсон, еден од научниците кому му се припишува откривањето на структурата на сега прочуената молекула на ДНК. „Кога на крајот ќе биде прочитана“, вели тој, „генетските пораки што се наоѓаат во молекулите на ДНК ќе ги дадат конечните одговори на хемиските столбови на човековото постоење.“
Како што е случај со секој голем и скап научен проект, проектот Човечки геном има свои приврзаници, но и скептици. „Проектот геном би можел да биде најголемото нарушување на приватноста“, предупредува научниот писател Џоел Дејвис, „или, пак, би можел да биде чудесна порта кон еден обновен живот, здравје и оздравување.“ Но што и да постигне, Џоел мисли дека тој проект „во потполност ќе го промени полето на генетиката“ и дека „целосно би можело да ја преобрази природата на Homo sapiens“. Уште во 1989, Џорџ Кахил — потпретседател на Медицинскиот институт Хауард Хјуз — имал позитивен став. „Тоа ќе ни каже сѐ“, рекол тој. „Еволуцијата, болеста и сѐ друго ќе се темели врз она што се наоѓа на таа величествена лента наречена ДНК.“
Огромна задача
Во 1988, една меѓународна група научници го основаа HUGO (Организација на Човечки геном) со цел да се координира работата на геномските истражувачи од земјите учеснички. Со буџет од околу 3,5 милијарди долари, HUGO ги пренесува нивните резултати во компјутерска база на податоци. Иако компјутерите сега се во состојба секојдневно да обработуваат илјадници компоненти на геномот, тој е толку сложен што научниците не очекуваат да го довршат неговото дешифрирање сѐ до XXI век. Списанието Scientific American проценува дека, доколку геномот би бил издаден во облик на книга, би била потребна „една третина од животот“ за да се прочита целиот.
По многу дебати, научниците се одлучиле за следнава стратегија. Прво, имаат намера да го утврдат распоредот на геномот во хромозомот за да ја одредат положбата на 100-те илјади гени. Потоа, преку еден процес наречен утврдување на редоследот на хемиските состојки на геномот, тие се надеваат дека ќе го откријат редоследот на градежните блокови од кои се составени сите тие гени. Нивната крајна цел е да ги стават во ред другите 95 до 98 проценти од нашиот генетски материјал.
Ако се постигне сето ова, дали ќе се открие сѐ што треба да се знае за човечкиот живот? Дали геномот ја содржи ‚најважната збирка на учебници‘ што човекот некогаш ги пронашол? Дали проектот Човечки геном ќе ги соопшти лековите за сите човечки болести? Следниве статии ги разгледуваат овие прашања.