ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА Watchtower
ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА
Watchtower
македонски
ѐ
  • Ѐ
  • ѐ
  • Ѝ
  • ѝ
  • БИБЛИЈА
  • ПУБЛИКАЦИИ
  • СОСТАНОЦИ
  • g95 8/7 стр. 18-21
  • Разговарањето е уметност

За овој материјал нема видео.

Се појави проблем. Видеото не може да се отвори.

  • Разговарањето е уметност
  • Разбудете се! 1995
  • Поднаслови
  • Сличен материјал
  • Имаме потреба да зборуваме!
  • Бариери за разговарањето
  • ,Што да кажам?‘
  • Биди добар слушател
  • Искрениот интерес наидува на одѕив
  • Сочувството — камена подлога за разговарањето
  • Ти го можеш тоа!
  • Како да ги подобриш вештините за разговор
    Извлечи корист од образованието во Теократската школа за служба
  • Треба ли да го прекинеш разговорот?
    Сакај ги луѓето — поучувај ги за Бог
  • Како да ги подобрам моите комуникациски вештини?
    Младите прашуваат
  • Стани повешт во службата — Започни разговор со цел да сведочиш неформално
    Нашата служба за Царството 2014
Повеќе
Разбудете се! 1995
g95 8/7 стр. 18-21

Разговарањето е уметност

ЈАДЕЊЕТО, спиењето и работата се основни човекови потреби. Но, постои уште една потреба која очајнички бара да биде задоволена. Која е таа?

Размисли за зборовите на еден човек кој поминал пет години во самица, лишен од една од најдрагоцените потреби во животот. „Копнеев по друштво, по некого со кого ќе можам да зборувам, да разговарам“, признава тој. „Почнав да сфаќам дека морам да сторам нешто за да ја отстранам осаменоста. Во мојата самотија и тишина, ќе полудев.“

Да, ние имаме вродена потреба да комуницираме. Разговарањето помага да се задоволи таа потреба. Истражувачите Денис Р. Смит и Л. Кит Вилијамсон коментираат: „Нам ни се потребни луѓе на кои ќе можеме отворено да им се довериме, со кои ќе можеме да ги поделиме своите најголеми радости и највознемирувачките стравови, луѓе со кои ќе можеме да зборуваме“.

Имаме потреба да зборуваме!

Луѓето се надарени со чудесниот дар на говор. Да, ние сме создадени да разговараме. Еден човек го забележал следново: „Бог нѐ создал да бидеме дел од заедница. Ако немаш прилика да зборуваш или некој ти ја одземе способноста да комуницираш, тогаш си како казнет. Кога разговараш, се случува нешто прекрасно. Се чувствуваш подобро и ти користи да знаеш што мислат и што чувствуваат другите“.

Илејн, сопругата на еден патувачки слуга, вели: „Зборовите изразуваат чувства. Ние не можеме само да си претпоставуваме дека нашиот брачен другар знае колку ни е драгоцен. Тоа мора да се каже; ушите мора да чујат зборови. Треба да разговараме“.

Давид, син на еден христијански старешина, се изразува на следниов начин: „Понекогаш сум фрустриран и навистина не знам како се чувствувам. Склон сум прво да замолчам, но тогаш притисокот расте однатре. Увидувам дека зборувањето со некого ми е како вентил кој го испушта тој притисок. Додека зборувам, имам можност да утврдам како навистина се чувствувам, па така можам да се справам со тоа и да најдам решение“.

Бариери за разговарањето

Навистина, разговарањето задоволува една потреба. Меѓутоа, постојат и бариери за разговарањето. За некои, всушност, разговарањето станува борба која радо би ја избегнале.

„Поголемиот дел од животот“, вели Гари, „сметав дека е полесно да се избегнат разговорите со другите луѓе.“ Тој објаснува: „Сето тоа беше поради мојот недостиг на доверба. Сѐ уште страдам од страв дека во разговорите со луѓето звучам глупаво или дека некој ме исмејува заради она што сакам да го кажам“.

Својата тешкотија Илејн ја опишува како срамежливост. Таа објаснува: „Растев во семејство во кое не се зборуваше. Татко ми беше многу страшен. Затоа, додека растев чувствував дека немам да кажам ништо вредно“. Да, срамежливоста може да создаде огромни бариери пред задоволството на разговарањето. Значи, таа може да те затвори меѓу четирите ѕида на молчењето!

„Тоа е како некоја болест“, вели Џон, христијански старешина кој признава дека се борел со недостиг на самопочитување. „Ако се препуштиш на срамежливоста, ќе се изолираш. Дури и да има сто луѓе во една соба, нема да разговараш. А тоа скапо ќе те чини!“

Од друга страна, пак, еден старешина, кој се вика Даниел, вака вели: „Мене не ми е проблем да зборувам. Но, пред да сфатам, ќе прекинам некого и ќе загосподарам со разговорот. За тоа станувам свесен дури откако ќе го видам изразот на лицето на жена ми, и тогаш си помислувам: ‚О не, пак го сторив истото‘. Знам дека таа ќе ја изгуби радоста до крајот на разговорот“.

Како можат да се надминат овие и други бариери за разговарањето? Кои особини се суштински за оваа уметност? Како можат да се применат?

,Што да кажам?‘

‚За што да зборувам?‘ ‚Не знам ништо.‘ ‚Никој не сака да го слуша она што сакам да го кажам.‘ Иако можеби ти се појавуваат овие мисли, најверојатно не се точни. Ти знаеш далеку повеќе отколку што си свесен, а некои од тие информации веројатно се интересни за другите. На пример, во последно време можеби си патувал некаде. Луѓето можеби сакаат да знаат какви се тие места во споредба со местото во кое живеат.

Освен тоа, преку читање ти можеш и треба да го зголемиш своето спознание за различни теми. Добра навика е секој ден да се одвои време за да се прочита нешто. Литературата на Јеховините сведоци содржи информации за Библијата, како и за теми од општ интерес. Колку повеќе информации ќе добиеш толку повеќе ќе можеш да поделиш со другите. Одличен пример е дневниот стих во брошурата Секојдневно разгледување на Писмото што ја користат Јеховините сведоци. Секој ден таа дава нешто ново за кое може да се размислува и да се употреби во разговор.

Да се учествува во разговор не значи само да се зборува. Обете страни треба да се изразат. Дозволи му и на другиот да зборува. Ако е молчелив, можеш да го охрабриш на тоа со тактични прашања. Да претпоставиме дека зборуваш со постар човек. Можеш да го прашаш за настани од минатото и за тоа како се променил светот или семејниот живот од времето на неговата младост досега. Ќе уживаш додека го слушаш, а и ќе учиш.

Биди добар слушател

Внимателното слушање е драгоцена предност при разговарањето. Начинот на кој ги слушаме другите може да ги поддржи оние кои прават напори да добијат помош кога имаат тешкотии. Еден човек, кој за себе мислел дека е ‚вистинско старо железо‘, се чувствувал бедно, па повикал по телефон еден пријател за да побара помош. И покрај тоа што било крајно непогодно време, пријателот љубезно го слушал — два часа! Човекот сега смета дека тој разговор му бил пресвртница во животот. Што придонело за успехот? „Само тоа што бев добар слушател“, признава внимателниот пријател. „Не се сеќавам дека кажав нешто мудро. Само ги поставував соодветните прашања: ‚Зошто се чувствуваш така?‘ ‚Зошто те вознемирува тоа?‘ ‚Што би можело да ти помогне?‘ Тој си одговори на сите свои прашања кога одговори на моите!“

Децата многу ги ценат родителите кои одвојуваат време за да разговараат со нив. Едно момче, кое се вика Скот, коментира: „Добро е кога родителите ќе дојдат кај тебе и сакаат да знаат што има во твојот ум. Тато почна да го прави тоа од неодамна, и така ми помага многу бидејќи со некои работи едноставно не можеш да се справиш самиот“.

„Мораш да создадеш атмосфера во која твоите деца ќе сакаат да зборуваат со тебе“, предлага еден човек. Тој редовно поминува време насамо со секое од своите четири деца, бидејќи смета дека е животоважно родителите да слушаат внимателно и сочувствително ако сакаат нивните млади да развијат личност која ќе биде добро вклопена во средината. Што препорачува тој? Кога ќе се појави прилика и детето сака да зборува, биди спремен да слушаш. „Сеедно колку си уморен или оптоварен, никогаш не одбивај го, туку слушај!“ — вели тој.

Искрениот интерес наидува на одѕив

На многу луѓе им треба емоционална поддршка за да се отворат и да се искажат низ разговор. Еден млад човек се жали: ‚Потребно ми е да зборувам со некого, но кај кого да појдам? Не ми е лесно да зборувам. Ми треба некој што ќе се интересира за мене!‘ Вистинскиот, искрен интерес може да создаде атмосфера на доверба и сигурност во која е многу полесно човек да зборува и да си го отвори срцето пред другиот.

Еден човек раскажува: „Пред неколку години, кога имав потешкотии да излезам на крај со некои ситуации во семејството, се обидов да разговарам со еден пријател. Сѐ што рече тој беше: ‚Стегни заби, издржи и сѐ ќе биде во ред‘. Тука немаше дијалог, немаше разговор, и затоа не ми ни помогна. Напротив, тоа само ме затвори уште повеќе. За разлика од него, подоцна разговарав со еден надгледник на Јеховините сведоци. По неговите очи, изразот на лицето и љубезниот начин на држење, знаев дека е сочувствителен. Како последица на тоа, увидов дека се отворам и разговарам многу повеќе, бидејќи тој беше искрено заинтересиран. Ми рече: ‚Ќе сториме сѐ што можеме за да те поддржиме во твојата ситуација‘. Човек реагира позитивно на такви луѓе!“

Можат ли повеќето од нас да си го отворат срцето и да ги вовлечат другите во смисловен разговор? Кога ќе видиме некого како стои настрана, премногу срамежлив да разговара, дали се обидуваме да го вклучиме во разговорот? Џон, што го споменавме претходно, вели: „Можам да го осетам тоа чувство бидејќи се видов себеси во таква ситуација и ја почувствував истата болка!“ Тој додава: „Колку само е важно да сме приклонети кон него и да го вклучиме во разговорот. Можеме дури и да се помолиме во себе за таа работа“.

За еден свој пријател Дан вели: „Рој немаше доверба во својата способност да разговара, така што кога некоја група разговараше, тој секогаш стоеше неколку чекори настрана. Затоа, го прашував: ‚Рој, кажи што беше тоа што го рече за ова или за она?‘ Тогаш ќе започнеше да зборува. Така другите видоа една негова страна за која воопшто не беа свесни“. Дан подбудува: „Не откажувај се кога еден човек е тежок на разговор и се одвојува од другите. Сети се дека во него има една добра личност која сака да зборува. Само продолжи да го наведуваш да зборува, и работи на тоа“.

Негувајќи љубезен, искрен интерес за другите, ти извлекуваш корист — дури и ако имаш проблем со срамежливоста. Џон увидел дека тоа му помогнало да ја надмине склоноста да се изолира. „Љубовта не гледа за своите сопствени интереси“, објаснува тој (1. Коринтјаните 13:5). „За да направиш нешто љубезно, мораш да зборуваш со луѓето и да се распрашуваш за нив. Ништо не вреди ако се препуштиш на своите недостаточности. Преку молитва, можеш да се надминеш себеси.“ Тој додава: „Наградата од таквото постапување е навистина голема. Кога ќе видиш дека другите позитивно реагираат и забележуваш дека се поткрепени, и ти самиот се изградуваш. А тоа треба да ти влее храброст да го правиш тоа секогаш одново“.

Сочувството — камена подлога за разговарањето

Меѓу најценетите човекови обележја е сочувството. Всушност, што претставува сочувството? Д-р Бернард Герни од Универзитетот на Пенсилванија вели дека сочувството е ‚способност да ги сфатиш чувствата и гледиштето на другиот — сеедно дали се согласуваш со нив или не‘. Колку е важно сочувството во еден разговор? „Па тоа е камена подлога! Тоа е темелот врз кој се гради сѐ друго.“

Д-р Герни објаснува дека разговорот е животоважен за сите добри меѓусебни односи. Се разбира, разликите во гледиштата се вообичаени. За да се справиме со нив и да задржиме добар однос, мора да бидеме спремни да разговараме за проблемот. Многумина го избегнуваат тоа затоа што не знаат како да зборуваат без да го наведат другиот да се брани или да се лути. Според д-р Герни, „повеќето луѓе го мешаат сфаќањето и почитувањето на гледиштето на другиот со согласувањето со тоа гледиште. Затоа, кога не се согласуваат, тие не покажуваат сфаќање и почитување. Сочувството ти дозволува да направиш разлика меѓу сфаќањето и согласувањето“.

Ако се ставиш во кожата на другиот, ќе чувствуваш и ќе размислуваш како него. Под такви околности, ќе увидиш дека разбирањето, сфаќањето и почитувањето можат да растат, дури и ако не се согласуваш со него.

Размисли за Џенет, мајка на четири деца. Едно време била очајна и се чувствувала бескорисна. Сега сфаќа колку е суштински важно сочувството кога се помага некому. Таа раскажува: „Се сеќавам дека мојот сопруг разговараше со мене и ми објасни на кои сѐ начини помагам, а тоа беа работи за кои мислев дека мојот придонес е рамен на нула. Додека му зборував низ солзи ме сослуша со многу љубов, а потоа ме охрабри. Но, да го потценеше моето размислување или да речеше: ‚О, па тоа се глупости‘, или нешто слично, би замолчала и би заминала. Наместо тоа, таа вечер водевме еден многу долг, смисловен разговор“.

‚Сочувството покажува дека се грижиш. Тоа ја поттикнува комуникацијата, односно проширениот вид на размена на мисли која повеќето луѓе ја сакаат и од која имаат потреба‘, заклучува д-р Герни.

Ти го можеш тоа!

И ти можеш да бидеш добар соговорник. Разгледавме некои неопходни работи кои помагаат да се совлада уметноста на разговарањето, но има и многу други. Меѓу нив спаѓаат пријателскиот став, смислата за хумор и тактичноста, што се само некои од нив. Но, како еден сликар, кој со вежбање и пракса вешто поминува со четката по платното за да создаде прекрасно ремек-дело, и ние треба да работиме на развивањето на овие потребни особини.

На пример, Даниел станал добар соговорник. Како? Со тоа што научил да ја контролира својата склоност да го прекинува соговорникот и да загосподарува со разговорот. Тој признава: „Морам да правам свесни напори за да не доминирам со разговорот. За мене тоа значи воздржување на јазикот. Кога ќе видам дека сакам да додадам некои интересни работи, умствено кочам! Ако мислам дека тој коментар ќе ја промени насоката на разговорот или дека ќе спречи некого да зборува, едноставно не го кажувам!“

Што ѝ помогнало на Илејн? Откако стекнала точно спознание од Библијата, сфатила дека има нешто вредно и достојно за кое може да зборува. Таа вели: „Увидов дека, ако го свртам вниманието од себе и зборувам за духовни работи со другите, можам многу послободно да разговарам. Во тоа ми помага и читањето на библиската литература што ја добиваме редовно. Кога сум во чекор со неа, имам нешто ново и свежо да поделам со другите и можам да разговарам многу полесно“.

Обиди се да ги развиеш овие неопходни особини во своите разговори. Тогаш и ти ќе можеш да им донесуваш освежување и радост на другите и да го почувствуваш задоволството од тоа што ќе совладаш уметност која навистина задоволува една човекова потреба.

    Публикации на македонски јазик (1991 — 2025)
    Одјави се
    Најави се
    • македонски
    • Сподели
    • Подесување
    • Copyright © 2025 Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania
    • Услови за користење
    • Полиса за приватност
    • Поставки за приватност
    • JW.ORG
    • Најави се
    Сподели