Како да ги подобриш вештините за разговор
ДАЛИ, во суштина, ти е лесно да разговараш со другите? Многумина ги вознемирува и самата помисла да учествуваат во разговор, особено со некого кого не го познаваат. Можеби таквите луѓе се срамежливи. Може се прашуваат: ,За што да разговарам? Како да ја започнам дискусијата? Како да ја продолжам?‘ Сигурните, друштвени луѓе можеби се склони да доминираат во разговорот. За нив може да биде предизвик да им помогнат на другите да се изјаснат, но и да научат да слушаат што се зборува. Значи сите ние, сеедно дали сме срамежливи или друштвени, треба и понатаму да ја негуваме уметноста на разговор.
Започни дома
За да ги подобриш вештините за разговор, зошто не започнеш дома? Изградувачкиот разговор може многу да придонесе за среќата на едно семејство.
Главен клуч за еден таков разговор е длабоката меѓусебна грижа (Втор. 6:6, 7; Посл. 4:1-4). Кога покажуваме грижа, ние комуницираме и слушаме кога другиот сака да каже нешто. Друг важен фактор е да имаме за кажување нешто вредно. Ако имаме програма на редовно лично читање и проучување на Библијата, ќе имаме многу нешта за споделување. Мудрото користење на брошурата Секојдневно испитување на Писмото може да поттикне дискусија. Можеби во текот на денот сме доживеале радосно искуство во службата на теренот. Или, сме прочитале нешто информативно или хумористично. Треба да ни стане навика овие работи да ги споделуваме во здравиот семеен разговор. Исто така, ова ќе ни помогне да разговараме со луѓето надвор од семејниот круг.
Разговор со непознат
Многу луѓе се колебаат да започнат разговор со некој непознат. Но, поради љубовта кон Бог и ближниот, Јеховините сведоци вложуваат сесрдни напори да научат да разговараат со другите за да ги споделуваат со нив библиските вистини. Што може да ти помогне да се подобриш на ова поле?
Вредно начело е наведено во Филипјаните 2:4. Охрабрени сме да гледаме „со личен интерес не само на сопствените работи туку со личен интерес и на туѓите“. Размисли за тоа вака: Ако никогаш порано не си го сретнал, тоа лице те гледа како непознат. Како да го опуштиш? Од помош ќе бидат топлата насмевка и пријателскиот поздрав. Но, треба да земеш предвид уште нешто.
Можеби си ги прекинал неговите мисли. Ако се обидуваш да го натераш да дискутира за она што е во твојот ум, без да водиш сметка за она што е во неговиот ум, дали ќе реагира поволно? Што сторил Исус кога сретнал една жена на еден бунар во Самарија? Нејзе умот ѝ бил во тоа да нацрпи вода. Исус го започнал својот разговор со неа на тој темел, и набрзо го претворил во една жива духовна дискусија (Јован 4:7-26).
Ако набљудуваш, и ти можеш да увидиш за што можеби размислуваат луѓето. Дали лицето изгледа среќно или тажно? Дали е постаро, можеби немоќно? Дали гледаш некаков доказ дека во домот има деца? Дали се чини дека лицето материјално добро стои или дека се бори да дојде до основните работи за живот? Дали домашните украси или личниот накит укажуваат на религиозно влијание? Ако при поздравот ги земеш предвид тие работи, човекот може во тебе да гледа некој што со него споделува нешто од заеднички интерес.
Ако не го среќаваш станарот лице в лице и само му го слушаш гласот преку затворена врата, што би можел да заклучиш? Можеби живее во страв. Би можел ли да ја искористиш таа информација за да започнеш разговор преку вратата?
На некои места е можно да воведеш некого во разговор со тоа што ќе му кажеш нешто за себе — твојата заднина, зошто си дошол на неговата врата, зошто веруваш во Бог, зошто си почнал да ја проучуваш Библијата и како Библијата ти помогнала (Дела 26:4-23). Се разбира, ова треба да се прави со дискреција и со јасна цел на ум. Тоа пак, од своја страна, може да го поттикне лицето да ти каже нешто за себе и за тоа како гледа на работите.
Во некои култури вообичаена е гостољубивоста кон непознати. Луѓето може веднаш да те поканат да влезеш и да седнеш. Откако ќе седнеш, ако поставиш едно пристојно прашање за благосостојбата на семејството и искрено го сослушаш одговорот, станарот може да биде подеднакво внимателен за она што ти имаш да му го кажеш. Други народи покажуваат уште поголем интерес за посетителите, па затоа воведните поздрави можат да бидат подолги. Притоа можеби ќе увидат дека имаат нешто заедничко со тебе. Ова може да води до корисна духовна дискусија.
Што ако на твоето подрачје има многу луѓе што зборуваат на други јазици? Како да ги достигнеш нив? Ако научиш макар и едноставни поздрави на некои од тие јазици, луѓето ќе сфатат дека си заинтересиран за нив. Ова може да ти го отвори патот за понатамошна комуникација.
Како да го продолжиш разговорот
За разговорот и понатаму да тече, биди заинтересиран за тоа како размислува другиот. Охрабри го да го изнесе своето мислење, ако е спремен на тоа. Од помош може да бидат добро избраните прашања. Најдобри се прашањата за гледиштето, бидејќи обично поттикнуваат да се одговори поопширно, а не само со ,да‘ или ,не‘. На пример, откако ќе спомнеш некој проблем од локален интерес, би можел да прашаш: „Што мислите, која е причината за оваа ситуација?“ или „Според Ваше мислење, што е лекот?“
Кога ќе поставиш прашање, внимателно сослушај го одговорот. Покажи го својот вистински интерес со збор, со кимање со глава, со гест. Не прекинувај го. Размислувај со отворен ум за она што се кажува. ,Биди брз на слушање, бавен на зборување‘ (Јак. 1:19). Кога даваш одговор, покажи дека навистина си го сослушал она што било кажано.
Меѓутоа, биди свесен дека нема секој да ти одговори на прашањата. Единствениот одговор од некои луѓе може да бидат кренати веѓи или една насмевка. Други може едноставно да кажат ,да‘ или ,не‘. Нека не те фрустрира тоа. Биди стрплив. Не обидувај се да го форсираш разговорот. Ако лицето е спремно да слуша, искористи ја приликата да споделиш некои изградувачки библиски мисли. Со текот на времето, можеби ќе те гледа како пријател. Можеби тогаш ќе биде спремно послободно да ги сподели своите мисли.
Додека разговараш со луѓето, мисли и на иднината. Доколку лицето постави неколку прашања, одговори на некои од нив, но остави едно до две за следниот пат кога ќе разговарате. Предложи му да направиш истражување, а потоа да ги споделиш резултатите со него. Ако тоа не поставува прашања, тогаш би можел разговорот да го завршиш со прашање за кое веруваш дека ќе го интересира. Предложи да подискутирате за тоа при следната посета. Изобилство идеи можат да се најдат во книгата Резонирање на темел на Писмото, брошурата Што бара Бог од нас? и во поновите изданија на Стражарска кула и Разбудете се!
Кога си со соверници
Кога среќаваш некој друг Јеховин сведок за првпат, дали преземаш иницијатива да се запознаете или само си стоиш мирно? Љубовта кон браќата треба да нѐ поттикне да сакаме да ги запознаеме (Јован 13:35). Како да започнеш? Би можел едноставно да го кажеш своето име и да го прашаш како се вика. Прашањето како ја запознал вистината обично ќе води до интересен разговор и ќе ви помогне да се запознаете. Дури и ако она што го кажуваш не оди така течно, твоите напори му покажуваат на другиот дека покажуваш интерес за него и, всушност, тоа е она што е најважно.
Што може да придонесе за смисловен разговор со некој член на твоето собрание? Покажи вистински интерес за лицето и за неговото семејство. Дали штотуку завршил состанокот? Коментирај за мислите што ти биле корисни. Ова може да биде полезно за обајцата. Би можел да спомнеш некоја точка од интерес од некое поново издание на Стражарска кула или Разбудете се! Ова не би требало да се прави како фалење или како испит на знаењето. Прави го тоа за да споделиш нешто во кое посебно си уживал. Би можел да зборуваш за задачата што некој од вас можеби ќе ја има во Теократската школа за служба и размени некои идеи за тоа како би можела да се обработи. Исто така, можете да споделите искуства од службата на теренот.
Се разбира, нашиот интерес за луѓето честопати води до разговор за луѓето — што велат или прават тие. И хуморот може да биде дел од нашиот говор. Дали она што го кажуваме ќе биде изградувачко? Ако го земеме при срце советот од Божјата реч и сме мотивирани од побожна љубов, нашиот говор сигурно ќе биде изградувачки (Посл. 16:27, 28; Ефеш. 4:25, 29; 5:3, 4; Јак. 1:26).
Пред да заминеме во службата на теренот, ние се подготвуваме. Зошто да не подготвиме некоја интересна новост што ќе ја споделиме во разговорот со пријателите? Додека читаш и слушаш работи што се од интерес, запомни ги точките што сакаш да ги споделиш со другите. Со текот на времето, ќе имаш изобилство од кое ќе можеш да бираш. Тоа ќе ти овозможи да ги прошириш хоризонтите, а не само да даваш коментари за секојдневната рутина на животот. Пред сѐ, нека твојот говор дава доказ за тоа колку ти е скапоцена Божјата реч! (Псал. 139:17).