Вашиот автомобил — засолниште или стапица?
„После скоро секоја несреќа“, предупредува FEMA (Агенција за итна помош на САД), „спасувачките екипи наоѓаат жртви кои можеле да преживеат само ако знаеле дали да останат во своите автомобили или да ги напуштат.“ Да, една погрешна одлука може да ве чини живот. Дали знаете што да сторите во случај на несреќа? Одговорете на прашањата од следниов квиз, а потоа споредете ги вашите одговори со долунаведените.
1. ЗЕМЈОТРЕС
□ Да останете во автомобилот
□ Да излезете од автомобилот
2. ТОРНАДО
□ Да останете во автомобилот
□ Да излезете од автомобилот
3. СНЕЖНА ВИУЛИЦА
□ Да останете во автомобилот
□ Да излезете од автомобилот
4. ПОПЛАВА
□ Да останете во автомобилот
□ Да излезете од автомобилот
ОДГОВОРИ:
1. Земјотрес: ОСТАНЕТЕ ВО АВТОМОБИЛОТ.
Иако системот на амортизација силно ќе го затресе автомобилот, веројатно сте најбезбедни внатре — доколку не сте во близина на згради, надвозници или електрични жици.
2. Торнадо: ИЗЛЕЗЕТЕ ОД АВТОМОБИЛОТ.
Кога има торнадо, најопасното место можеби е автомобилот. Но што ако во близина нема некое безбедно засолниште? FEMA наведува: „Легнете на земја во некој ендек или во друга вдлабнатина во земјата со рацете на главата“.
3. Снежна виулица: ОСТАНЕТЕ ВО АВТОМОБИЛОТ.
Ако не видите некое безбедно засолниште на разумна оддалеченост, најдобро е да чекате помош. Може да биде вклучен моторот во кратки временски интервали заради греење, но оставете го прозорецот малку подотворен за да не дојде до труење со јаглерод моноксид. Оставете светло одвнатре како сигнал за спасувачите.
4. Поплава: ИЗЛЕЗЕТЕ ОД АВТОМОБИЛОТ.
„Ако моторот на автомобилот се откаже во поплава“, предупредува FEMA, „веднаш излезете и одете на повисоко тло. Водите од поплавата можат уште да се подигаат и автомобилот може секој момент да биде однесен.“ Немојте да ризикувате. Водата може да биде подлабока отколку што изгледа, а нивото на водата може рапидно да порасне.
FEMA советува овие информации да ги чувате во предната фиока од вашиот автомобил. Таа препорачува во сите ситуации, „најважното правило да биде: Не кревај паника“.