Природни несреќи — помогнете му на Вашето дете да се снаоѓа
ЗЕМЈОТРЕСИ, торнада, пожари, поплави, урагани — колку само сме беспомошни кога се соочуваме со гневот на природата! Возрасните луѓе често пати увидуваат дека можеби се потребни години пред да почнат да избледуваат застрашувачките умствени слики кои се врежани од доживувањето природна несреќа. Не изненадува тоа што на децата можеби им е потребна додатна помош за да се опорават од таквите искуства.
Федералната управна агенција за итна помош (FEMA) забележува дека веднаш после несреќата, децата обично се плашат дека 1) ќе бидат оставени сами, 2) ќе бидат одвоени од семејството, 3) настанот повторно ќе се случи и 4) некој ќе биде повреден или убиен. Што можете како родител да сторите за да ја намалите вознемиреноста на детето од последиците на некоја несреќа? FEMA ги дава овие предлози.a
Трудете се семејството да биде заедно. Ако останете заедно, тоа ќе го смири Вашето дете и ќе ги ублажи неговите стравови дека ќе биде напуштено. Подобро е Вашите деца да не ги оставате со роднини или пријатели или во центар за евакуација додека Вие барате помош. „Децата се вознемируваат“, забележува FEMA‚ „и ќе се секираат мислејќи дека родителите нема да се вратат.“ Ако треба да одите некаде, земете го со Вас и Вашето дете, доколку е можно. На тој начин, „веројатноста Вашето дете да се лепи за Вас ќе биде помала“.
Одвојте време да ја објасните ситуацијата смирено и одлучно. Кажете му го на Вашето дете она што го знаете за несреќата. Ако е неопходно, повторете го објаснувањето повеќе пати. Накратко опишете што ќе се случи потоа. На пример, можете да кажете: ‚Вечерва, сите ќе останеме заедно во засолништето‘. Разговарајте со децата во нивото на нивните очи, клечејќи на колена ако е потребно.
Охрабрете го Вашето дете да разговара. „Комуникацијата многу помага да се намали вознемиреноста на детето“, истакнува FEMA. Сослушајте го она што секое дете Ви го кажува за несреќата и за неговите стравови. (Спореди Јаков 1:19.) Кажете му дека е нормално да се плаши. Ако Вашето дете изгледа дека нема желба да се искаже, дајте му до знаење дека Вие се плашите. Таквото постапување може да му олесни да ги изразува своите стравови, и со тоа да ја намали неговата вознемиреност. (Спореди Изреки 12:25.) „Ако е можно, вклучете го целото семејство во дискусијата.“
Вклучете ги децата во активностите на чистење. Кога ја чистите и поправате куќата, доделете им на децата нивни работни задачи. „Тоа што имаат задача ќе им помогне да сфатат дека сѐ ќе биде во ред.“ Меѓутоа, на едно многу мало дете обично му е потребно посебно внимание. FEMA објаснува: „На таквото дете може да му е потребно повеќе физичка внимателност, повеќе држење; а тоа им отежнува на родителите да се грижат за другите работи кои треба да се направат. За жал, нема пократок пат. Ако не бидат задоволени потребите на детето, проблемот ќе потрае подолг временски период“.
Треба да се задржи на ум и една заклучна мисла. FEMA ги советува родителите: „На крај, Вие треба да одлучите што е најдобро за Вашите деца“. Применувањето на овие упатства може да Ви помогне да направите сѐ што можете во една тешка ситуација.
[Фуснота]
a Земени од публикациите Helping Children Cope With Disaster (Помогнете им на децата да се справат со несреќа) и Coping With Children’s Reactions to Hurricanes and Other Disasters (Справување со реакциите на децата на урагани и други несреќи), издадени од FEMA.