Канадскиот врховен суд ги утврдува правата на родителите
ОД ДОПИСНИКОТ НА РАЗБУДЕТЕ СЕ! ВО КАНАДА
КОГА вашето дете се соочува со сериозни медицински проблеми, како родители полни со љубов природно е да чувствувате вознемиреност и загриженост. Колку само е смирувачки и утешително кога одговорни и сочувствителни лекари го почитуваат вашиот избор на лекување! Меѓутоа, се појавуваат ситуации кога се презема своеволна постапка и кога се игнорираат желбите на родителите. Тоа многу често создава трауматски ситуации.
Во Канада, законите за социјална помош на децата, ги овластуваат државните службеници да ги одземаат децата. Четири покраини ѝ дозволуваат на државата да го отфрли изборот на родителите, и тоа без судско сослушување. Тоа покренува спорни прашања кои се важни за сите родители и деца. На кои подрачја родителите имаат право да донесуваат одлуки? Ако државата одлучи да интервенира во правото на родителите да донесуваат одлуки, каква процедура треба да се усвои за да се задоволи основната правда за родителите и за децата? Дали Уставот го штити родителското право за донесување одлуки?
Во весникот The Toronto Star од 3 март 1995, се појавила една статија која ги резимирала овие спорни прашања поврзани со еден случај во врска со едно женско недоносче кое се родило во 1983 година. Неговите родители биле Јеховини сведоци. „[Тие] ги прифаќале повеќето медицински третмани, освен трансфузија на крв. Лекарите побарале судски налог. Судијата му доделил надлежност на Children’s Aid Society (Друштвото за помош на деца). На бебето не му било дадено крв три седмици после тоа, сѐ до подготовката околу едно незадолжително испитување на окото и негова можна операција. Родителите се жалеле и до Врховниот суд.“
На 27 јануари 1995, била донесена пресуда и, и покрај тоа што Врховниот суд не го побил она што било направено во 1983, петмина од деветте судии дале упатства како да се спречи злоупотребата на државната власт. Судската одлука ги утврдува правата на родителите да донесуваат одлуки во врска со медицинската грижа на своите деца.
Судот особено го разгледа родителското право за донесување одлуки во светло на слободата на вероисповед загарантирана со Canadian Charter of Rights and Freedoms (Канадската повелба за права и слободи). Судијата Герард ла Форест, како претставник на мнозинството, изјавил: „Правото на родителите да ги подигаат своите деца според своите религиозни верувања, вклучувајќи го и изборот на медицинските и другите третмани, исто така претставува суштествен аспект на слободата на вероисповед“.
Тоа е првпат Канадскиот највисок суд да донесе одлука според која слободата на вероисповед на Повелбата го вклучува и правото на родителите да изберат медицински третман за своите деца. Судијата Ла Форест го разјаснил ова начело кога изјавил: „Тоа не значи дека државата не може да интервенира кога смета дека е неопходно да ја штити автономијата на детето или здравјето. Но таквото интервенирање мора да биде оправдано. Со други зборови, родителското право за донесување одлуки мора да биде заштитено со Повелбата за да можат судовите исправно да ги надгледуваат интервенциите од страна на државата и да ги дозволуваат само тогаш кога ќе бидат во согласност со вредностите на Повелбата“.
Судијата Ла Форест ја нагласи потребата да се оправда мешањето во родителското право за донесување одлуки кога одговори на забелешките што ги дадоа двајца негови колеги судии: „Некои од нивните забелешки можат да се сфатат како поддршка на непочитувањето на родителските права само затоа што едно стручно лице мисли дека е неопходно да се направи тоа. Јас би бил многу загрижен кога едно медицинско стручно лице би било во состојба да ги отфрли гледиштата на родителите без да ја докаже неопходноста за тоа“.
Родителското право за донесување одлуки во врска со изборот на медицински третман беше идентификувано како уставно право под Канадската повелба за права и слободи. Затоа беше испратена силна порака до судиите и службениците за здравствена грижа на децата. Тие мора да постапуваат со претпазливост и со исправно почитување спрема правата на родителите. Одговорните лекари исто така спремно ќе ги прифатат овие упатства затоа што истите го поддржуваат родителскиот избор за разумни алтернативи, вклучувајќи и бескрвен медицински третман за деца.
Со оглед на актуелната дебата во врска со трансфузијата на крв и нејзините познати ризици, вклучувајќи ја и СИДА-та, може да се сфати важноста на коментарот на судијата Ла Форест кога тој додал: „Загриженоста што ја изразија тужителите во сегашнава жалба го покренува поопштото прашање во врска со соодветноста да се применуваат третмани од кои медицинските користи се многу сомнителни . . . Меѓутоа, медицинските докази изложени во 1983 . . . не ни дозволуваат да ја испитуваме неопходноста на трансфузијата на крв, иако некои гледајќи наназад, би можеле да си дозволат да го направат тоа. Но, оваа жалба нѐ потсетува на неопходноста внимателно да се постапува кога не се прифаќа одбивањето на родителот“ (нагласено од нас).
Претходно споменатата статија од The Toronto Star, заклучила: „Што е постигнато со одлуката на Врховниот суд? Прво, лекарите, родителите, социјалните работници и судиите сега имаат упатства во случај кога има несогласност во мислењето помеѓу родителите и лекарите. Второ, нагласокот на медицинските алтернативи треба да ги отвори вратите кон поголема флексибилност во врска со прашањето околу трансфузија во медицината во време кога се развиваат и стануваат достапни сѐ повеќе бескрвни алтернативи. Трето, кога ќе се донесе одлука да се промени одлуката на родителот, мора да има непристрасно сослушување на суд со должност државата и лекарите да ја докажат неопходноста на предложената интервенција“.
Лекарите, судиите и родителите во другите земји, без сомнение, ќе увидат дека упатствата изложени од страна на мнозинството во одлуката на Канадскиот врховен суд, се корисни и конструктивни. Се надеваме дека лекарите шриум светот ќе продолжат да даваат медицинска нега на еден осетлив и сочувствителен начин, почитувајќи ги правата на децата и на родителите.