Младите прашуваат . . .
Што треба да направам ако некој пријател упадне во неволја?
Четиринаесетгодишната Шери вели: „Мојата најдобра пријателка постепено престана да биде христијанка. Тоа ме растажува. Толку многу се трудев да ја охрабрам!“a
ДАЛИ некој што ти е близок упаднал во неволја или почнал да следи сомнителен начин на живот? „Бев близок со Крис“, вели Џони. „Бевме најдобри пријатели. Еден ден тој побегна од дома. Тоа ме потресе и се чувствував должен да одам по него. Цела ноќ возев, барајќи го.“
Библијата предупредила дека во текот на последните денови, ќе има големи притисоци врз луѓето — млади и стари (2. Тимотеј 3:1—5). Затоа, не треба да нѐ потресува тоа кога одвреме навреме некој млад христијанин ќе се спрепне. Но кога тоа ќе му се случи на некој за кого се грижиш, можеби ќе чувствуваш сплет од емоции, почнувајќи од тага и сочувство, па сѐ до гнев. Ти сакаш да му помогнеш на твојот пријател. Но, како можеш да го сториш тоа?
,Можам да го спасам‘
Библијата вели: „Оној, што обрати грешник од лажлив пат, спасува една душа [на грешникот] од смрт и ќе покрие многу гревови“ (Јаков 5:20). Но дали тоа значи дека да се прави тоа е твој товар? Не мора да значи. Родителите на твојот пријател ја имаат првенствената одговорност за негоb (Ефесјаните 6:4). Во Галатјаните 6:1, Библијата понатаму вели: „Браќа, и да падне човек во некаков грев, вие духовните [кои имате духовни оспособувања, НС] поправајте го таков со духот на кротоста“. Собраниските надгледници се особено оспособени во овој поглед. Затоа тие се во подобра состојба да помогнат отколку што си ти.
Мораш да признаеш дека, како млада личност, ти имаш ограничено искуство во животот. (Спореди Евреите 5:14, НС.) Затоа, скромно признај ги своите ограничувања во овој поглед и немој да земаш преголем залак (Изреки 11:2а). Земи го предвид случајот на една млада личност по име Ребека. Таа се обидела да му помогне на еден пријател, роднина, кој се вплеткал во дрога. Таа раскажува: „Ми создаваше притисок тоа што тој ми се доверуваше мене, а не на неговите родители. Се обидував да му помогнам, но тоа ми создаваше голема фрустрација. Ми беше од помош тоа што конечно сфатив дека не можам ништо да сторам . . . Не можев јас да му бидам спасител“. Тогаш Ребека го поттикнала да побара помош од оспособени возрасни.
Младиот Метју бил во слична ситуација, но тој ги признал своите граници уште на почетокот. Во врска со еден вознемирен пријател, тој вели: „Доаѓаше кај мене со неговите проблеми, но јас му велев да оди кај неговите родители. Знаев дека така е подобро отколку јас да ги носам неговите проблеми“.
Како можеш да помогнеш
Тоа не значи дека не можеш ништо да сториш за да помогнеш. Многу зависи од околностите. Можеби твојот пријател сака да ти се довери. Нормално, ти ќе сакаш да му бидеш на располагање и да го сослушаш (Изреки 18:25, НС; 21:13). Или, можеби почнал да следи сомнителен начин на живот. Би било прикладно да преземеш иницијатива и да му кажеш дека иако се грижиш за него, ти не можеш да го одобриш она што го прави тој.
Во друга ситуација може да се работи за пријател кој признава дека направил сериозен престап. Може дури да се обиде да те натера да се заколнеш дека нема да кажуваш. Но Библијата вели: „Ниту . . . на туѓи гревови да стануваш соучесник! Пази се себе чист!“ (1. Тимотеј 5:22). Кога твојот пријател би бил сериозно болен и би му требала медицинска помош, зарем ти не би инсистирал да го однесеш на лекар? Слично на тоа, ако се вплеткал во сериозен престап, нему му треба духовна помош. Доколку се држат работите во тајност, тоа би можело да го убие духовно, а неповолно да влијае и врз собранието. Според тоа, ти имаш одговорност да се погрижиш собраниските старешини да бидат информирани. (Спореди 3. Мојсеева 5:1.)
Младата Керолајн зазела храбар став во врска со една своеволна пријателка која ги лажела своите родители. Таа вели: „Ѝ дадов две седмици за да отиде кај старешините. Во спротивно, ѝ реков дека јас ќе одам кај нив. Не ми беше лесно да го сторам тоа“. Џони, споменат на почетокот, покажал сличен цврст карактер. Во врска со неговиот пријател, Џони се сеќава: „Бев изненаден кога открив дека живее со девојка. Таму имаше и други момчиња кои пиеја и пушеа“. Џони го замолил својот пријател да излезе малку надвор и тогаш одлучно му препорачал да побара помош од старешините во собранието.
Твојот пријател можеби ќе ги цени твоите напори, но можеби и нема. Библијата ни кажува дека кога браќата на младиот човек Јосиф се впуштиле во престапување, тој ‚му донел лоши гласови на татка си за нив‘. Тоа сигурно не ја зголемило популарноста што ја имал меѓу своите браќа. Всушност, тие ‚го замразиле‘ (1. Мојсеева 37:2—4).
Како ништо да не е?
Но, ќе ги поткопаш твоите напори да му помогнеш доколку продолжиш да се дружиш со твојот пријател како ништо да не се случило. Во 1. Коринтјаните 15:33 (НС), апостол Павле ги предупредил христијаните да не се дружат со престапници. Блиското дружење со таквите поединци може само да те повлече и тебе!
Младата Моли го научила тоа на тежок начин кога нејзината пријателка Сели почнала тајно да излегува на рандеву. Не само што Сели била премлада за да се омажи туку таа се состанувала со момчиња кои не биле христијани. Моли ја игнорирала ситуацијата и продолжила да се дружи со пријателката. А резултатот? Моли вели: „На крајот, Сели ме намести со еден световен дечко со кого излегов на рандеву“. За среќа, Моли добила извесна помош од собраниските старешини пред ситуацијата да стане посериозна.
Лин исто така направила некои опасни компромиси за да го задржи пријателството со една девојка по име Бет. „Мислев дека можам да ја спасам“, се сеќава Лин, „но тоа не успеа. Одев со неа по ноќните клубови. Знаев дека тоа не е во ред, но не сакав да биде повредена. Нејзините проблеми почнаа да ми натежнуваат. Не зборував за тоа, мислејќи дека проблемот ќе исчезне, но напротив тој стана поголем.“ Трагедијата грубо ја пробудила Лин. Нејзината пријателка Бет била убиена од младиот човек со кого се состанувала.
Да останеш покрај пријателот може да звучи благородно. Но кога твојот пријател дословно би се давел во силен вртлог, дали и ти би скокнал? Со тоа и двајцата само би се удавиле. Разумно би било да му се фрли појас за спасување. Слично на тоа, ти треба да дадеш помош од далечина (Јуда 22, 23).
Доколку твојот пријател е исклучен од собранието, неопходно е да се држиш на растојание. Библиската заповед е ‚да не се дружиме‘ со таквиот (1. Коринтјаните 5:11). Иако сѐ уште се грижиш за него, ќе можеш најдобро да му помогнеш само ако покажуваш лојалност спрема Јехова, не следејќи го својот пријател во неговото лошо постапување (Псалм 18:25, НС). Можеби твојот бескомпромисен став ќе биде токму тоа што ќе го поттикне да размисли за неговите постапки. Што е уште поважно, твојата лојалност ќе му донесе задоволство на Јехова (Изреки 27:11).
Преоптовареност
Но, често пати нечии најдобри обиди за помагање пропаѓаат. Ребека се сеќава на нејзината пријателка: „Се обидував да ѝ пружам рака и да ѝ помогнам. Дури ѝ напишав и писмо, но никогаш не добив одговор“. Керолајн увидела дека после месеци обидувања да ѝ помогне на пријателката која си играла со неволја, таа самата „почнала да чувствува напнатост“.
Важно е да се признае дека „секој од нас ќе одговара пред Бога за себе“ (Римјаните 14:12). Иако е погодно да му помогнеш некому да ги носи своите терети, односно лични проблеми, со давање практична помош, сепак ти едноставно не можеш да носиш нечие „бреме“ — односно, неговата одговорност спрема Бог. „Секој ќе го понесе своето бреме“, вели Библијата (Галатјаните 6:5). Ти не си одговорен за изборот на твојот пријател.
Сепак, болно е да гледаш како некој пријател си го упропастува животот. Еден млад човек по име Мајк, во врска со загубата на еден пријател, вели: „Тоа многу ме погоди. Бев толку близок со Марк и со неговите родители. Страдав од извесна мера на депресија“.
Сосема е нормално да жалиш поради таквата загуба. Меѓутоа, може да ти помогне ако разговараш за твоите чувства со некого во кого имаш доверба (Изреки 12:25). „Со помош на моите родители“, вели Ребека, „можев да го совладам тоа.“ Исто така, твоите чувства можеш да му ги излееш и на Јехова Бог во молитва (Псалм 61:8). Керолајн добро ги резимира работите, велејќи: „Многу ми помогна тоа што му се молев на Јехова и што им проповедав на другите. Исто така, се зближив со другите во собранието, особено со постарите жени. Конечно сфатив дека луѓето сами се одговорни за своите постапки и дека јас морам да продолжам со својот живот“. Ако го правиш сето тоа, сигурно ќе си помогнеш на самиот себе. А можеби ќе му помогнеш дури и на твојот своеволен пријател.
[Фусноти]
a Некои имиња се изменети.
b Поради едноставност, ќе зборуваме за своеволниот пријател во машки род.
[Слика на страница 17]
Охрабри го твојот пријател да побара помош