Управуван од верата во Бог во комунистичка земја
РАСКАЖАЛ ОНДРЕЈ КАДЛЕЦ
ВО ТЕКОТ на летото во 1966 година, водев турнеја за разгледување на мојот роден град — Прага (Чехословачка). Ревносен за мојата новопронајдена вера, зборував за Бог додека на групата им ги покажував импресивните цркви и храмови на нашиот град.
„Дали сте Јеховин сведок?“ ме праша еден американски професор по економија.
„Не“, одговорив јас. „Никогаш не сум чул за Јеховини сведоци. Јас сум римокатолик.“
Станувајќи верник на Бог
Бев воспитуван од родители кои беа проминентни на полето на образованието, политиката и медицината. Кратко после моето раѓање во 1944 година и после крајот на Втората светска војна, следната година, татко ми стана комунист. Всушност, тој беше соосновач на комунистичкото реформистичко движење, а во 1966 година стана канцелар на Универзитетот по економија, сместен во Прага. Неколку години подоцна беше избран за министер за образование на Чехословачка, која тогаш беше комунистичка и атеистичка земја.
Мајка ми беше совесно чесна и талентирана жена. Таа беше очен хирург, за која се мислеше дека е најдобра во земјата. Сепак, својот труд им го даваше бесплатно на сиромашните. Таа имаше обичај да каже: „Без разлика какви дарови некому му се доверени, тие мора да се употребат во корист на заедницата и нацијата“. Таа не зеде ни породилно отсуство кога јас се родив само за да биде на располагање на нејзината клиника.
Од мене се очекуваше да се истакнам во академски поглед. Татко ми ќе ме прашаше: „Дали има некој подобар од тебе?“ Почнав да ја уживам конкуренцијата, затоа што честопати добивав академски награди за одличност. Учев руски, англиски и германски, и насекаде патував во комунистичкиот свет, како и надвор од него. Уживав да ги побивам религиозните идеи како бесмислено суеверие. И, иако во потполност го прифаќав атеизмот, дојдов до тоа да ги мразам неговите политички изрази.
Едно патување до Англија во 1965 година, кога имав само 21 година, имаше длабоко влијание врз мене. Се запознав со луѓе кои ја бранеа својата вера во едно Врховно Суштество со убеденост и логика. Откако се вратив во Прага, еден римокатолички познаник ми предложи: „Немој да читаш за христијанството. Читај ја Библијата“. Токму тоа го сторив. Ми требаа три месеци да ја завршам.
Она што ми остави впечаток беше начинот на кој библиските пишувачи ги презентираа своите пораки. Беа искрени и самокритични. Дојдов до уверувањето дека величествената иднина за која тие зборуваа беше нешто што само еден Бог кој е личност може да си го замисли и обезбеди.
После месеци лично читање на Библијата и медитирање, се чувствував подготвен да се соочам со татко ми и со пријателите. Знаев дека тие ќе ја оспоруваат мојата новопронајдена вера. После тоа станав страстен прозелитер. Секој кој ми беше во близината — како тој американски професор споменет на почетокот — мораше да се соочи со моето прозелитизирање. Дури обесив и распетие на ѕидот над мојот кревет за сите да станат свесни за мојата вера.
Меѓутоа, мајка ми приговараше дека тешко би можел да бидам христијанин затоа што бев многу сличен на татко ми, страстен комунист. Сепак, не попуштив. Ја прочитав Библијата по втор и третпат. Тогаш сфатив дека за да напредувам и понатаму, потребно ми е водство.
Мојата потрага наградена
Стапив во контакт со Римокатоличката црква. Главната преокупација на еден млад свештеник се состоеше во тоа да ме поучи за доктрините на црквата кои во потполност ги прифатив. Потоа, во 1966 година — на срам на татко ми — се крстив. Откако ме попрска со вода, свештеникот предложи да ја читам Библијата, но додаде: „Папата веќе ја прифати теоријата за еволуција, затоа не грижи се; ние ќе го разликуваме житото од плевелот“. Бев шокиран што книгата која ме снабди со вера треба да биде оспорувана.
Во меѓувреме, во есента 1966 година, разговарав со еден пријател од католичко семејство и со него ги споделив моите верувања. И тој беше запознат со Библијата, и ми зборуваше за Армагедон (Откровение 16:16). Тој ми рече дека е во контакт со Јеховините сведоци, за кои првпат слушнав пред неколку месеци кога ја водев турнејата за разгледување на градот, што беше претходно споменета. Меѓутоа, оваа група ја сметав за незначителна во споредба со мојата моќна, богата и многубројна Римокатоличка црква.
Во текот на натамошните дискусии, испитавме три горливи спорни прашања. Прво, дали Римокатоличката црква е наследник на христијанството од првиот век? Второ, што треба да се смета за врвен авторитет — мојата црква или Библијата? И трето, што е исправно, библискиот извештај за создавањето или теоријата за еволуција?
Поради тоа што Библијата беше извор на вера за двајцата, мојот пријател немаше проблеми да ме убеди дека учењата на Католичката црква се многу поинакви од оние на раното христијанство. На пример, дознав како дури и католички извори признаваат дека проминентното црковно учење за тројството не се темели на учењата на Исус Христос и неговите апостоли.
Тоа нѐ доведе до сродното прашање кое треба да ни биде врвен авторитет. Јас укажав на цитатот од Св. Августин: „Roma locuta est; causa finita est“‚ односно „Рим го кажа својот збор; случајот е заклучен“. Но мојот пријател се држеше за тоа дека Божјата Реч, Библијата, треба да ни биде нашиот врховен авторитет. Морав да се согласам со зборовите на апостол Павле: „Да признаеме дека Бог е верен, а секој човек лажец“ (Римјаните 3:4).
На крајот, мојот пријател ми понуди еден излитен манускрипт, пишуван на машина, со наслов Evolution Versus the New World (Еволуцијата против новиот свет). Поради тоа што Јеховините сведоци беа забранети во Чехословачка во доцните 1940-ти години, тие правеле примероци од своите публикации и внимавале кој ќе ги добие. Откако ја прочитав оваа брошура, знаев дека таа ја содржи вистината. Мојот пријател започна библиска студија со мене. Ми позајмуваше по неколку страници од помошното средство за проучување на Библијата „Let God Be True“ („Бог нека биде вистинит“) и заедно дискутиравме за тие страници.
Кратко откако ги почнавме овие дискусии — за време на божиќната сезона во 1966 година — едни пријатели од Западна Германија дојдоа во Прага да ме видат. Во една од нашите дискусии, тие ги исмејуваа христијаните како лицемерни потстрекнувачи на војната. „Како војници на земјите на НАТО, би можеле да се бориме против тебе како наводен христијанин во земја на комунистичкиот варшавски пакт“, рекоа тие. Нивниот заклучок беше: „Подобро е да се биде циничен отколку лицемерен“. Мислев дека можеби се во право. Затоа, на мојата следна библиска студија го прашав мојот пријател како постапуваат вистинските христијани спрема војната и обучувањето за неа.
Одлуки со кои се соочив
Бев вчудоневиден од јасното објаснување на мојот пријател. Сепак, придржувањето за библиското учење да се ‚прековаат мечевите во плугови‘ драматично би го променил мојот живот и идната кариера (Исаија 2:4). За пет месеци требаше да дипломирам на медицинскиот факултет, а после тоа се бараше од мене да отслужам еден период на задолжителна воена служба. Што да правам? Бев шокиран. Затоа му се молев на Бог.
После денови проникливо, задлабочено размислување, не можев да најдам никакво оправдување зошто да не се повинувам на барањето вистинските христијани да бидат луѓе на мирот. Откако дипломирав на универзитетот, одлучив да прифатам работа во болница сѐ додека не ме осудат како совесен приговарач. Но тогаш дознав што вели Библијата за воздржувањето од крвта. Сфаќајќи дека мојата работа би можела да ме вклучи во давање трансфузија на крв, јас одлучив да ја напуштам работата во болницата (Дела 15:19, 20, 28, 29). Одлуката имаше за последица да станам на лош глас нашироко во јавноста.
Откако татко ми се увери дека не сум станал своеволен бељаџија кој се обидува да ја уништи неговата политичка кариера, се вмеша и направи мојата задолжителна воена служба да биде одложена за една година. Тоа лето во 1967 година ми беше многу тешко. Размислете за мојата ситуација: Бев нов библиски ученик чиј инструктор за проучување, единствениот Сведок со кого дотогаш имав стапено во контакт, беше отсутен летото. И, за моја лична студија, тој ми имаше оставено само неколку поглавја од книгата „Бог нека биде вистинит“. Овие и мојата Библија ми беа единствени извори на духовно водство.
Подоцна, се запознав со други Сведоци и, на 8 март 1968 година, ја симболизирав мојата предаденост на Јехова Бог со крштавање во вода. Следната година ми беше понуден двегодишен курс за постдипломски студии на универзитетот Оксфорд во Англија. Некои предлагаа да ја прифатам понудата и да одам за Англија каде што би можел духовно да напредувам во земја во која Сведоците не беа под забрана. Истовремено, би можел да се подготвам за добра професионална кариера. Сепак, еден христијански старешина ми рече дека моите услуги не се толку потребни во Англија колку што се потребни во Чехословачка. Затоа одлучив да ја одбијам таа понуда да го унапредам моето световно образование, и да останам во Чехословачка за да помогнам во нашата илегална проповедничка активност.
Во 1969 година бев повикан да присуствувам на курс во Школата за службата за Царството која изнесуваше специјализирана поука за христијански надгледници. Истата таа година добив стипендија како најдобар млад фармаколог во Чехословачка. Како резултат на тоа, присуствував на еден конгрес на Интернационалната Унија за фармакологија во Швајцарија.
Еден научник ги менува своите гледишта
Во текот на едно предавање на кое присуствував во 1970 година, еден научник по име Франтишек Вискочил ја објасни комплицираната тема за трансмисија на нервниот импулс. Тој рече дека секојпат кога ќе се наиде на потреба во организмот, се дава едно извонредно решение. „Природата, маѓепсничка, знае како да го направи тоа“, заклучи тој.
Јас му пристапив после предавањето и го прашав: „Зарем не мислите дека заслугата за изонредната конструкција на живите ствари треба да му припадне на Бог?“ Моето прашање го изненади затоа што тој беше атеист. Тој одговори со прашања од поинаков вид. Праша: „Од каде дошло злото?“ и „Кој е виновен што толку многу деца се сирачиња?“
Кога дадов разумни одговори темелени на Библијата, неговиот интерес беше подбуден. Но тој праша зошто Библијата не дава конкретни научни информации, како на пример опис на структурата на клетката за да можат луѓето лесно да препознаат дека нејзиниот автор е Творецот. „Што е потешко“, одговорив јас, „да се опише или да се создаде?“ Му ја позајмив книгата Did Man Get Here by Evolution or by Creation? (Дали човекот дошол овде по пат на еволуција или преку создавање?).
После површно читање, Франтишек ја жигоса како проста и неточна. Тој исто така го критикуваше она што Библијата го вели за полигамијата, за прељубата на Давид и за Давидовото убиство на невин човек (1. Мојсеева 29:23—29; 2. Царства 11:1—25). Ги побив неговите приговори, укажувајќи на тоа дека Библијата чесно ги известува недостатоците дури и на Божјите слуги, како и нивните очигледни престапи.
Конечно, на една од нашите дискусии, му кажав на Франтишек дека ако некој нема добар мотив, ако му недостига љубов спрема вистината, тогаш никаков облик на аргумент или разум нема да го убеди во постоењето на Бог. Штотуку сакав да си заминам кога тој ме застана и ме замоли за библиска студија. Рече дека уште еднаш ќе ја прочита книгата Дали човекот дошол овде по пат на еволуција или преку создавање? — овојпат без предрасуди. Неговиот став после тоа во потполност се промени, како што тоа го докажува и следниов цитат што го вклучи во едно од неговите писма: „Ќе падне човечкото величие, она што е високо кај луѓето ќе се понизи; само Господ ќе стои високо во тој ден“ (Исаија 2:17).
Летото во 1973 година, Франтишек и неговата сопруга се крстија како Јеховини сведоци. Тој моментално служи како старешина во едно од собранијата во Прага.
Проповедање под забрана
Во текот на забраната бевме упатувани нашата служба на подрачјето да ја извршуваме со голема претпазливост. Еднаш, еден помлад Сведок постојано ме молеше да учествувам во делото на сведочење со него. Тој се прашуваше дали оние кои го преземаат водството во организацијата на Јеховините сведоци, всушност, самите одат во службата. Уживавме многу убави разговори во нашата неформална служба. Но на крајот сретнавме еден човек кој, иако тогаш не го увидов тоа, го препозна моето лице од една фотографија во еден албум на државната тајна полиција. Иако не бев уапсен, оттогаш натаму бев подложен на строго службен надзор кој ја спречуваше мојата делотворност во нашата илегална проповедничка активност.
Во текот на летото 1983 година, како што ми беше обичај во претходните години, организирав една група млади Сведоци да поминеме неколку дена сведочејќи неформално во еден оддалечен дел од земјата. Пропуштајќи да обратам внимание на мудриот совет, го возев мојот автомобил затоа што тоа беше попогодно отколку да користам јавен превоз. Кога направивме мала пауза за да купиме неколку ствари во една стоковна куќа, го паркирав мојот автомобил пред стоковната. Додека ги плаќав артиклите, ѝ посочив некои млади продавачи на една постара жена од вработените и ѝ реков: „Во иднина, сите би можеле да бидеме млади“. Госпоѓата се насмевна. „Меѓутоа, не е во нашиот човечки дофат“, продолжив јас. „Ќе биде потребна помош одозгора.“
Затоа што немаше натамошен одговор, јас си заминав. Без да знам, вработената, сомневајќи се дека унапредував верски гледишта, ме гледала низ прозорецот додека сум го ставал пакетот во автомобилот. Таа потоа ја известила полицијата. Часови после тоа, откако учествувавме во неформалното сведочење во други делови од градот, мојот партнер и јас се вративме кај автомобилот. Одеднаш, се појавија двајца полицајци и нѐ ставија во притвор.
Во полициската станица бевме сослушувани многу часови пред да ни кажат дека можеме да си одиме. Првата помисла ми беше во врска со тоа што да направам со адресите на заинтересираните лица што ги добивме тој ден. Затоа отидов во клозетот за да ги фрлам и да ја пуштам водата. Но пред да го сторам тоа, силната рака на еден полицаец ме спречи. Тој ги врати ливчињата од школката во клозетот и ги исчисти. Тоа ми создаде натамошен стрес, затоа што луѓето кои ми ги дадоа своите адреси сега беа ставени во опасност.
После тоа, сите бевме одведени во нашиот хотел, каде што полицијата веќе ја беше пребарала нашата соба. Но не нашле други адреси на заинтересирани лица иако не беа внимателно сокриени. Подоцна, на моето работно место како неврофармаколог, бев јавно укорен поради мојата вмешаност во илегална активност. Исто така, бев строго казнет од надгледникот на проповедничкото дело во Чехословачка, кој претходно ме беше предупредил да не го користам својот автомобил кога патуваме за да учествуваме во службата на подрачјето.
Подложување на укорот
Во 1976 година бев определен да служам во одборот кој го надгледува проповедничкото дело на Јеховините сведоци во Чехословачка. Но поради тоа што животот ми беше под строг надзор од страна на тајната полиција заради покажување слабо просудување во такви работи кои беа претходно споменати, ми беше одземено служењето во одборот на земјата и во разновидни други предности. Една од тие предности која особено ја ценев беше поучувањето на Школата за патувачки надгледници и пионери, како што се нарекуваат полновремените слуги.
Го прифатив укорот што го добив, и овој период од средината до крајот на 1980-тите години ми беше тежок период на самоиспитување. Ќе научам ли да работам попретпазливо и да избегнувам натамошна непромисленост? Псалм 29, стих 5, вели: „Навечер настанува плач, а изутрина голема радост“. Во ноември 1989, за мене дојде такво утро кога падна комунистичкиот режим во Чехословачка.
Прекрасни благослови
Каква само промена беше тоа да се учествува слободно во нашата служба и да се ужива отворена комуникација со седиштетото на Јеховините сведоци во Бруклин, Њујорк! Наскоро бев доделен како патувачки надгледник и почнав со оваа работа во јануари 1990 година.
Потоа во 1991 година, ја имав предноста да присуствувам на Школата за оспособување на слуги во Манчестер (Англија). Каков само благослов беше тоа да поминам два месеци уживајќи во друштвото и поуките на зрели христијански мажи! Едно одредено време, секој ден, ние студентите имавме работни задачи кои ни даваа олеснување од нашето интензивно академско поучување. Бев одреден да мијам прозорци.
Веднаш по враќањето од Англија, почнав да помагам во подготвувањето на значајниот собир на Јеховините сведоци што се одржа од 9 до 11 август на огромниот Стадион Страхов во Прага. Во таа прилика, 74.587 луѓе од многу земји слободно се состанаа за да го обожаваат нашиот Бог, Јехова!
Следната година престанав со световната работа како неврофармаколог. Скоро четири години работам во канцеларијата во Прага, каде што повторно служам во одборот кој го надгледува делото на Јеховините сведоци во Чешката Република. Неодамна, една нова десеткатница, подарена на Јеховините сведоци, беше реновирана и пуштена во употреба како канцеларија на подружницата. На 28 мај 1994 година, овој одличен објект беше свечено отворен за Јеховината служба.
Меѓу моите најголеми благослови беше и предноста да ги споделувам библиските вистини со другите, вклучувајќи ги и моите роднини. Татко ми и мајка ми сѐ уште не се Сведоци, но сега се наклонети спрема мојата активност. Во текот на изминатите неколку години, присуствуваа на некои од нашите состаноци. Мојата искрена желба е тие, заедно со уште милиони лица со искрени срца, понизно да се подложат на владеењето на Божјето Царство и да ги уживаат вечните благослови кои Бог ги чува за оние кои избираат да му служат.
(Публикациите за кои станува збор во оваа статија се издадени од Библиското и трактатно друштво Стражарска кула, инк.)
[Слика на страница 20]
Како универзитетски студент
[Слики на страница 21]
Татко ми, кој стана министер за образование на Чехословачка, и мајка ми, која беше истакнат очен хирург
[Слика на страница 23]
Франтишек Вискочил, научник и атеист кој стана Сведок
Од падот на комунизмот па наваму, Јеховините сведоци одржаа многу големи конгреси
[Слика на страници 24 и 25]
Од падот на комунизмот па наваму, Јеховините сведоци одржаа многу големи конгреси во Источна Европа. Преку 74.000 лица присуствуваа на оној во Прага во 1991 година
[Слика на страница 26]
На мојата работна задача кога присуствував на Школата за оспособување на слуги, во Англија
[Слика на страница 26]
Нашите простории на подружницата во Прага, свечено отворени на 28 мај 1994 година