,Дури и јазикот на оние што пелтечат ќе зборува‘
БЕШЕ попладневната програма на Денот на посебен состанок на Јеховините сведоци во Чехословачка (сега Чешка Република) на која се сретнаа стотици луѓе за да добијат библиска поука. Јас стоев зад говорницата разгледувајќи го мојот дел. Не беше голем. Двајца млади Сведоци требаше да раскажат искуства, а јас требаше да послужам едноставно како претседавач за тој дел. Тоа утро чувствував внатрешен стрес, а сега тој се зголемуваше. Дословно се чувствував парализиран, загрижен и неспособен да зборувам.
Можеби ќе помислите дека речиси секој би имал трема во таква ситуација. Но, тоа беше повеќе отколку само работа на трема. Дозволете ми да Ви објаснам зошто.
Мојот проблем со говорот
На возраст од 12 години, паднав и ги повредив главата, вратот и ’рбетот. После тоа, одвреме навреме пелтечев или имав потешкотии да обликувам зборови, особено зборови кои започнуваат со буквите п, к, т, д и м. Понекогаш не можев дури ни да зборувам.
Во тоа време таквиот проблем не ме вознемируваше, ми се чинеше дека е само чиста непријатност. Но, како што минуваа годините, ми се создаде вистински страв од секакво јавно говорење. Еднаш се онесвестив на училиште додека кажував еден извештај. А понекогаш, додека купував, кога продавачите ќе ме прашаа што сакам, не можев да им одговорам. Додека стоев мачејќи се да проговорам, нивната раздразнетост ќе се зголемеше: „Побрзај. Немам цел ден. Другите муштерии чекаат“. Како резултат на тоа, не можев да ги купам артиклите што ми требаа.
Моите школски години беа многу тешки. Кога имав усни извештаи, другарите од училиште се исмејуваа на моето пелтечење. Сепак, дипломирав во средното училиште и во 1979 година отидов да студирам на еден универзитет во Прага (Чехословачка). Бидејќи многу го сакав спортот, се школував за наставник по физичко воспитување. Но, како можев да ја реализирам мојата цел? И покрај загриженоста, јас се пробивав.
Барам помош
Мораше да постои начин за да се ослободам од мојата говорна маана. Затоа, откако дипломирав на универзитетот, одлучив да побарам професионална помош. Побарав една клиника во Прага која се специјализираше за лекување на проблеми со говорот. За време на почетната консултација, една медицинска сестра издрдори: „Твојата невроза е нешто невообичаено!“ Ме повреди помислата дека таа ме сметаше за нервно оболен, иако стручњаците тврдат дека пелтечењето не е нервно заболување. Не беше потребно многу време за да сфатам дека се соочував со еден посебен предизвик: бев млад човек на 24 години, а сите други пациенти беа деца.
Наскоро целиот персонал, вклучувајќи го и психологот, се заангажираа да ми помогнат. Тие се обидоа со сѐ. Еднаш ми забранија да не зборувам со никого цели пет недели. Друг пат ми дозволија да зборувам само монотоно и м-н-о-г-у полека. Иако овој пристап помогна, со него го стекнав и прекарот Скротувач на змии бидејќи многумина заспиваа за време на моите извештаи.
Контакт со Јеховините сведоци
Еден летен ден во 1984 година, додека одев кон центарот на градот, ми пристапија двајца млади мажи. Тоа што ме зачуди не беше нивниот надворешен изглед туку она што го велеа. Тие рекоа дека Бог има една влада, едно Царство, кое ќе им стави крај на сите проблеми на човештвото. Ми го дадоа својот телефонски број и јас подоцна им телефонирав.
Во тоа време Јеховините сведоци не беа признати како легална религиозна организација во Чехословачка. Сепак, после кратко време мојот интерес толку многу порасна што почнав да ги посетувам нивните состаноци. Едноставно можев да ја почувствувам љубовта и грижата што Сведоците ја имаа еден за друг.
Патот кон довербата
Помошта за мојот проблем со говорот дојде во вид на она што е наречено Теократска школа за проповедање, школа што се води еднаш седмично во секое собрание на Јеховините сведоци. Бев поттикнат да се пријавам и јас го сторив тоа. Врз основа на предлозите што беа изнесени во еден од прирачниците на школата, Theocratic Ministry School Guidebook (Водич за Теократската школа за проповедање), работев на такви говорни одлики како што се течност, изговор, смисловен акцент и модулација.a
Мојот прв ученички говор, кој беше читање на Библијата, беше неуспешен. Бев еден нервозен пропаднат човек и едвај се вратив дома. Колку само бев благодарен за пријатното дејство на топлиот туш!
После тој прв говор, надгледникот на Школата љубезно ми обрна лично внимание. Не само што ми даде изградувачки совет туку и ме пофали. Тоа ми даде храброст да продолжам да се напрегам. Кратко после тоа, во 1987 година, станав крстен Сведок. После неколку месеци се преселив од Прага во тивкото мало гратче Здар над Сазаву. Малата локална група Сведоци срдечно ме дочека. Тие го прифатија и мојот сѐ уште прилично несигурен говор, а тоа го зголеми моето самопочитување.
Со текот на времето почнав да водам една мала група за студија на Библијата, а потоа го изнесов и моето прво јавно предавање. На крајот, откако се смени владата во Чехословачка, почнав да одржувам такви предавања и во соседните собранија. Во непозната средина, моите проблеми со говорот се вратија. Но, јас не се предавав.
Соочување со посебни предизвици
Еден ден, еден христијански старешина ме покани на своето работно место. Рече: „Петр, имам добра вест за тебе! Би сакале да учествуваш на претстојниот покраински состанок“. Се почувствував слаб и требаше да седнам. На разочарување на мојот пријател, ја одбив понудата.
Тоа одбивање ме прогонуваше. Не можев да го тргнам од мислите. Секогаш кога на христијанските состаноци ќе се спомнеше довербата во Бог, тоа одбивање со болка ми се враќаше. Гедеон, кој со Божје водство се соочил со целата мадијамска армија само со 300 мажи, понекогаш беше спомнуван на состаноците (Судии 7:1—25). Тоа беше човек кој навистина имаше доверба во својот Бог, Јехова! Дали го следев примерот на Гедеон кога ја одбив таа задача? Искрено речено, не би можел да кажам дека го следев. Се чувствував посрамен.
Сепак, моите христијански браќа не дигнаа раце од мене. Ми понудија една друга можност. Бев повикан да учествувам во програмата на Денот на посебен состанок. Овојпат се согласив. Колку и да бев благодарен за оваа предност, искрено речено, помислата да држам говор во сала полна со луѓе ме скамени. Навистина мораше да работам на зголемување на мојата доверба во Јехова. Но, како?
Со длабоко размислување за верата и довербата што ја имаа другите Сведоци во него. Тоа ме зајакна. Дури и едно писмо од шестгодишната Верунка, ќерката на еден пријател, ми послужи како добар пример. Таа напиша: „Во септември ќе одам на училиште. Не знам како ќе биде со националната химна. Верувам дека Јехова ќе се бори за мене, како што се борел за Израел“.
Ете, ова беа само некои од настаните кои водеа до попладневната програма на Денот на посебен состанок за кој зборував на почетокот. Горливо се молев. Сега не бев толку загрижен да зборувам течно колку што бев загрижен да го фалам Божјето величествено име пред оваа голема публика.
И така, стоев со микрофон поставен пред мене, наспроти стотици луѓе. Тогаш, сфаќајќи дека пораката е поважна од гласникот, длабоко земав здив и почнав. Потоа имав време да ги одмерам работите. Дали имав трема? Се разбира, па дури и пропелтечив неколку пати. Сепак, знаев дека без Божја поддршка воопшто немаше да можам да зборувам.
Подоцна почнав длабоко да размислувам за нешто што еднаш ми го кажа еден христијански брат: „Биди среќен што имаш проблем со пелтечењето“. Тогаш кога го изјави тоа, јас навистина бев изненаден. Како можеше да рече такво нешто? Гледајќи наназад, сега сфаќам што мислеше. Проблемот што го имам со говорот ми помогна да се ослонам на Бог наместо на себеси.
Поминаа неколку години од попладнето на тој Ден на посебен состанок. Во текот на тие години имав и други предности кои вклучуваа говорење пред голема публика. Бев наименуван за христијански старешина во Здар над Сазаву и за пионер, како што се наречени полновремените слуги на Јеховините сведоци. Замислете! Тогаш минував повеќе од сто часа секој месец зборувајќи им на другите за Божјето Царство, а да не го спомнувам и времето што секоја седмица го минував во поучување на нашите христијански состаноци. Сега служам како покраински надгледник, одржувајќи говори во различно собрание секоја седмица.
Моето срце едноставно зрачи од ценење секогаш кога ќе го прочитам ова посебно пророштво во библиската книга Исаија: „Дури и јазикот на оние што пелтечат ќе биде брз во зборувањето јасни работи“ (Исаија 32:4, НС; 2. Мојсеева 4:12). Јехова навистина докажа дека е со мене, помагајќи ми да ‚зборувам јасни работи‘ на негова чест, фалба и слава. Многу сум задоволен и среќен што можам да го фалам нашиот многу милостив Бог (раскажал Петр Кунц).
[Фуснота]
a Издаден од Watchtower Bible and Tract Society of New York, Inc.