Сексуално шиканирање — глобален проблем
ЗА МЛАДАТА секретарка по име Рина Викс, работата станала кошмар. Точно, правната фирма која ја вработила имала угледно име и канцеларии во преку дваесеттина земји. Но таа работела за еден човек кој, според нејзиното тврдење, не престанувал да ја зграпчува и да ја допира. Понижувачките напади биле проткаени со груб, сугестивен говор.
Пред многу години, во ваквите ситуации жените имале мало засолниште — освен можеби да дадат отказ. ‚Нејзиниот збор против неговиот‘ — би била пресудата на управата. Дури и оние кои биле наклонети да ѝ веруваат на женската страна на приказната можеби би го отфрлиле проблемот како неважен, велејќи: ‚Голема работа!‘ Но времињата се промениле. Не само што се налутила и дала отказ, Рина Викс ги дала и на суд.
Една порота во САД ѝ доделила 50.000 долари како надоместок за нејзината емоционална болка, заедно со 225.000 долари отштета од нејзиниот поранешен шеф. Потоа, во потегот кој го придобил вниманието на бизниси и на правни фирми по целиот свет, поротата ѝ наредила на правната фирма да плати огромна сума од 6,9 милиони долари отштета заради пропустот да го исправи проблемот!
Виксовиот случај никако не е изолиран настан. Еден друг понов судски процес вклучувал еден национален (САД) ланец на дисконтни продавници. Една вработена, по име Пеги Кимзи, тврдела дека нејзиниот надзорник ѝ дофрлувал многубројни груби сексуални забелешки. Во 1993 година, Пеги Кимзи дала оставка од нејзината работа и покренала парница. Ѝ биле доделени 35.000 долари заради понижување и ментална болка заедно со симболичен 1 долар за загубена плата. Поротата, исто така, одлучила дека нејзиниот поранешен работодавач создал непријателска работна средина со тоа што го толерирал шиканирањето. Казната? Педесет милиони долари отштета!
Списанието Men’s Health вели: „Случаите на сексуално шиканирање се множат како бактерија. Во 1990 година, EEOC [Комисијата за еднаква можност за вработување] обработила 6.127 такви жалби; до минатата година [1993], годишниот вкупен број скоро се удвоил на 11.908“.
Злоупотреба на моќта
Додека зачудувачките пресуди на поротата ги зафаќаат ударните наслови, точно е дека малку случаи некогаш стигнуваат до судницата. Повеќето жртви го поднесуваат своето понижување во тишина — пиони во една одвратна игра на моќ и заплашување, која се одигрува во канцелариите, на улиците, во автобусите, на шанковите за ручек и во фабриките. Понекогаш, постои директно присилување на интимни односи. Но, почесто, вознемирувањето се состои од полукави, а сепак бесрамно одвратни постапки: непожелни или несоодветни допири, непристојни забелешки и похотни погледи.
Вистина, некои одбиваат таквото однесување да го нарекуваат шиканирање, тврдејќи дека тоа е само несмасен обид од страна на некои мажи да го привлечат вниманието на спротивниот пол. Но многумина, како писателката Марта Лангелан, ги отфрлаат таквите обиди на оправдување на одвратното однесување. Таа пишува: „Не е тоа несмасно додворување, нити грубо додворување, нити шеговито додворување ниту, пак, ‚погрешно разбрано‘ додворување. Не е наменето да биде привлечно за жените; тоа е однесување кое служи за една сосема друга функција. Како силувањето, сексуалното шиканирање е наменето да ги присили жените, а не да ги привлече . . . [Тоа] е израз на моќ“. Да, честопати таквото малтретирање едноставно е уште еден суров начин преку кој „човекот господари над човек на своја штета“ (Проповедник 8:9; спореди Проповедник 4:1).
Жените обично не реагираат со задоволство на сексуалното шиканирање, туку со чувства кои варираат од одвратност и гнев до депресија и понижување. Една жртва се сеќава: „Ситуацијата ме уништи. Ја изгубив мојата доверба, сигурност, моето самопочитување и моите тежнеења за кариера. Личноста драстично ми се измени. Бев безгрижна, а станав огорчена, повлечена и посрамена“. А кога извршителот е работодавач или некој друг со моќ, шиканирањето поприма посебно одвратен изглед.
Тогаш не е чудно што судниците почнале да ги казнуваат прекршителите и да им даваат надоместок на жртвите. Откако Врховниот суд на САД го дефинирал таквото малтретирање како прекршување на граѓанските права, работодавците сѐ повеќе се сметаат за законски одговорни за одржување на работна средина која не е „непријателска или одвратна“.
Компаниите кои го толерираат сексуалното шиканирање можат да доживеат низок морал на вработените, поголемо изостанување од работа, пониска продуктивност, голема размена на вработените — а да не ја споменеме и финансиската катастрофа ако жртвите одлучат да тужат.
Колку раширено?
Колку точно е раширено сексуалното шиканирање? Анкетите покажуваат дека повеќе од половината жени од работната сила во Соединетите Држави го искусиле тоа. Според тоа, една книга тврди: „Сексуалното шиканирање претставува распространет проблем. Им се случува на жени од секоја професија, од келнерка па до функционерка на корпорација. Тоа се случува на секое ниво од корпорациската хиерархија и во секој вид бизнис и индустрија“. Меѓутоа, проблемот тешко дека е ограничен на Соединетите Држави. Книгата Shockwaves: The Global Impact of Sexual Harassment (Шок-бранови: Глобалното влијание на сексуалното шиканирање), од Сузан Л. Веб, ја наведува следнава статистика:a
КАНАДА: „Една анкета покажала дека 4 од 10 жени известиле дека биле сексуално шиканирани на работа“.
ЈАПОНИЈА: „Една анкета од август 1991 година покажала дека 70 проценти од жените кои одговарале, доживеале“ шиканирање на работа. „Деведесет проценти рекле дека биле сексуално шиканирани по патот до и од работа.“
АВСТРИЈА: „Една анкета од 1986 година покажала дека скоро 31 процент жени известиле сериозни инциденти на шиканирање“.
ФРАНЦИЈА: „Едно проучување од 1991 година . . . открило дека 21 процент од 1.300 жени кои биле анкетирани рекле дека лично доживеале сексуално шиканирање“.
ХОЛАНДИЈА: Едно проучување покажало дека „58 проценти од жените кои одговориле [на анкетата] рекле дека лично доживеале сексуално шиканирање“.
Знакот на времето
Се разбира, вознемирувањето и шиканирањето на работното место не се ништо ново. Жени — а понекогаш и мажи — биле подложни на такво малтретирање уште во библиски времиња (1. Мојсеева 39:7, 8; Рут 2:8, 9, 15). Но таквото непристојно однесување изгледа денес е особено раширено. Зошто е тоа така?
Како прво, жените во последниве години во рекордни броеви влегле на пазарот на работата. Затоа сѐ повеќе жени се изложени на ситуации во кои таквите злоупотребувања можат да се случат. Меѓутоа, од уште поголема важност е она што Библијата одамна го прорекла: „Запомни го ова! Во последните денови ќе има тешки времиња. Луѓето ќе бидат себични, лакоми, фалбаџии и вообразени; ќе бидат навредливи . . . ќе бидат нељубезни, немилосрдни, клеветници, насилни и жестоки“ (2. Тимотеј 3:1—3, Today’s English Version). Раширеноста на сексуалното шиканирање е само еден драматичен доказ дека овие зборови се исполнуваат денес. Интересно, една статија во списанието Men’s Health забележува дека „порастот на жалбите за сексуално шиканирање било придружено со зачудувачки пад на општата учтивост. Лошите манири ги има насекаде“.
Раширеноста на сексуалното шиканирање, исто така, го одразува „новиот морал“ кој го зафатил светот во текот на 1960-тите години. Разурнувањето на традиционалните морални граници било придружено со шокантно занемарување на правата и чувствата на другите. Без разлика на причината, сексуалното шиканирање е мрачна реалност на работното место. Што можат да сторат мажите и жените за да се заштитат? Ќе постои ли некогаш време кога работното место ќе биде слободно од шиканирање?
[Фуснота]
a Статистиките се склони да варираат бидејќи истражувачите користат различни методи на испитување и различни дефиниции за сексуалното шиканирање.
[Рамка на страница 4]
Сексуално шиканирање — мит против факти
Мит: Сексуалното шиканирање претерано се известува. Тоа е само уште една мода, производ на медиумско екстравагантно промовирање и хистерија.
Факт: Во целина, жената има многу да изгуби а малку да добие ако го пријави малтретирањето. Навистина, само малцинството жени (22 проценти според една анкета) некогаш кажуваат некому дека биле шиканирани. Стравот, срамот, себеобвинувањето, збунетоста и непознавањето на своите законски права ги замолчуваат многу жени. Затоа, многу стручњаци веруваат дека проблемот во голема мера е недоволно пријавен.
Мит: Повеќето жени уживаат во вниманието. Оние кои тврдат дека се шиканирани се само пречувствителни.
Факт: Анкетите доследно покажуваат дека таквото грубо постапување ги навредува жените. Во една анкета, „преку две петини од жените рекле дека чувствувале одвратност и околу една третина рекле дека биле налутени“. Други известиле дека се чувствувале загрижени, повредени и депримирани.
Мит: Мажите се малтретирани исто колку и жените.
Факт: Истражувачите за National Association of Working Women (Национално здружение на вработени жени — САД) известуваат дека „90 проценти од случаите на шиканирање вклучуваат мажи кои шиканирале жени, 9 проценти од истиот пол . . . а само 1 процент вклучуваат жени кои шиканирале мажи“.
[Слика на страница 5]
Сексуалното шиканирање не вклучува само секс