Сѐ поголем број бегалци
ПОГОЛЕМИОТ дел од човечката историја бил погоден со војни, глад и прогонство. Како резултат на тоа, отсекогаш имало луѓе на кои им требало азил. Нациите и народите во историјата им давале азил на оние кои биле во нужда.
Древните Астеки, Асирци, Грци, Евреи, муслимани и други ги почитувале законите кои пропишувале азил. Пред повеќе од 23 векови, грчкиот филозоф Платон напишал: „Странецот, изолиран од своите сонародници и од своето семејство, треба да биде предмет на поголема љубов од страна на луѓето и боговите. Затоа, мора да се преземат сите мерки на претпазливост за да не се изврши неправда врз странците“.
Во текот на XX век, бројот на бегалците скокнал. Во обидот да се погрижи за 1,5 милион бегалци останати од Втората светска војна, во 1951 година бил основан Високиот комесаријат за бегалци при Обединетите нации (UNHCR). Тој имало предвиден животен век од три години, темелен на идејата дека постоечките бегалци наскоро ќе се вклопат во општествата во кои нашле азил. После тоа, се мислело дека организацијата може да се распушти.
Меѓутоа, бројот на бегалците низ децениите непопустливо се покачил. До 1975 година нивнот број достигнал 2,4 милиони. Во 1985 бројот изнесувал 10,5 милиони. До 1995 година, бројот на луѓето кои добивале заштита и помош од UNHCR скокнал на 27,4 милиони!
Многумина се надевале дека ерата на постстудената војна ќе го отвори патот за решавање на глобалниот проблем со бегалците, но таа не го отворила. Наместо тоа, нациите се поделиле со историски или етнички граници, што довело до конфликт. Додека беснееле војни, луѓето бегале, знаејќи дека нивните влади не можат или нема да ги заштитат. На пример, во 1991 година, скоро два милиони Ирачани ги поплавиле соседните земји. Оттогаш, пресметана цифра од 735.000 бегалци побегнале од поранешна Југославија. Потоа, во 1994 година граѓанската војна во Руанда присилила повеќе од половината од 7,3 милионскиот народ на земјата да бегаат од своите домови. Околу 2,1 милион Руандци побарале засолниште во околните африкански земји.
Зошто проблемот се влошува?
Постојат неколку фактори кои придонесуваат за растечкиот број бегалци. Во некои места, како што се Авганистан и Сомалија, националните влади паднале. Тоа ги оставило работите во рацете на вооружената милиција која неконтролирано ги пљачка руралните предели, предизвикувајќи паника и бегство.
На други места, конфликтот се темели на сложени етнички или религиозни разлики, во кои првенствена цел на завојуваните страни е да го истера цивилното население. Во врска со војната во поранешна Југославија, во средината на 1995 година еден претставник на ОН се жалел: „За многу луѓе прилично е тешко да ги разберат поводите на оваа војна: кој се бори и кои се причините за водењето борба. Постои масовен егзодус од едната, а после три седмици, пак, од другата страна. Тоа е многу тешко да се сфати, дури и за оние луѓе кои мораат да го сфатат тоа“.
Современите оружја со висок степен на деструктивност — ракети со многукратно фрлање, проектили, артилерија и слично — придонесуваат за крвопролевањето и ја зголемуваат арената на конфликтот. А резултатот: уште повеќе бегалци. Во поново време околу 80 проценти од бегалците во светот побегнале од земји во развој во соседни земји кои, исто така, се во развој и се слабо опремени за да се грижат за оние кои бараат азил.
Во многу конфликти недостигот на храна придонесува за проблемот. Кога луѓето гладуваат, можеби поради тоа што конвоите за помош се блокирани, тие се присилени да се преселат. The New York Times забележува: „Во местата како што е Рогот на Африка, комбинацијата на суша и војна толку многу ја опустошила земјата што таа повеќе не може да обезбедува живеачка. Ирелевантно е дали стотиците илјадници кои заминуваат бегаат од гладот или од војната“.
Милионите несакани
Иако идејата за азил во принцип се почитува, џиновскиот број бегалци ги вчудовидува народите. Ситуацијата наоѓа паралела во древниот Египет. Кога Јаков и неговото семејство побарале засолниште во Египет за да побегнат од опустошувањата на седумгодишниот глад, тие биле добредојдени. Фараонот им го дал ‚најдоброто место‘ за живеење (1. Мојсеева 47:1—6).
Меѓутоа, како што времето поминувало, Израелците станале бројни, ‚така што земјата се наполнила со нив‘. Египќаните сега одговориле со грубост, а сепак „колку повеќе [Египќаните] ги мачеа, толку повеќе [Израелците] се множеа, и се засилуваа многу, така што се плашеа Египтјаните од синовите Израилеви“ (2. Мојсеева 1:7, 12).
На сличен начин, народите денес ‚се плашат‘ како што бројот на бегалците продолжува да се множи. Една главна причина за нивната загриженост е економската состојба. Чини многу пари да се нахранат, облечат, сместат и заштитат милионите бегалци. Помеѓу 1984 и 1993 година, годишното трошење на UNHCR се покачи од 444 милиони долари на 1,3 милијарди долари. Поголемиот дел од парите ги подаруваат побогатите народи, од кои некои се борат со сопствени економски проблеми. Народите кои се донатори понекогаш се жалат: ‚Ние сме притиснати да им помогнеме на бездомниците на нашите сопствени улици. Како можеме да бидеме одговорни за бездомниците на целата планета, особено кога проблемот има поголема веројатност да расте наместо да се намалува?‘
Што ги усложнува работите?
Оние бегалци кои стигнуваат во богата земја честопати увидуваат дека нивната ситуација ја усложнале многуте илјадници луѓе кои се преселиле во истата земја од економски причини. Тие економски имигранти не се бегалци кои бегаат од војна, од прогонство или од глад, туку дошле во потрага по подобар живот — живот ослободен од сиромаштија. Поради тоа што честопати се преправаат дека се бегалци, тие им досадуваат на центрите за азил со лажни тврдења, отежнувајќи им на вистинските бегалци да бидат чесно сослушувани.a
Приливот на бегалци и имигранти е спореден со два потока кои со години течеле еден покрај друг во самите богати земји. Меѓутоа, сѐ построгите имиграциони закони го запреле потокот на економските имигранти. Според тоа, тие станале дел од потокот на бегалците, а овој поток претекол создавајќи поплава.
Знаејќи дека можеби ќе бидат потребни неколку години за да се разгледа нивната молба за азил, економските имигранти резонираат дека се наоѓаат во ситуација во која нема што да изгубат. Ако нивната молба за азил е примена, тие се во добивка, затоа што можат да останат во поздрава економска средина. Во добивка се и ако нивната молба е одбиена, затоа што би заработиле некоја пара и би научиле некои вештини што ќе си ги понесат дома со себе.
Поради тоа што приоѓаат сѐ поголем број бегалци, како и измамници, многу земји престанале да им изразуваат добродојде и им ја треснуваат вратата. Некои им ги затвориле своите граници на оние кои се во бегство. Други земји вовеле закони и процедури кои исто толку делотворно одбиваат да им дадат влез на бегалците. Трети, пак, присилно вратиле бегалци во земјите од каде што побегнале. Една публикација на UNHCR забележува: „Непопустливиот пораст на цифрите — како на вистинските бегалци така и на економските имигранти — наметнува сериозен притисок врз традицијата на азил која е 3.500 години стара, доведувајќи ја скоро до пропаст“.
Омраза и страв
Проблемите на бегалецот се зголемени и со привидението на ксенофобија — страв и омраза спрема странците. Во многу земји луѓето веруваат дека оние однадвор го загрозуваат нивниот национален идентитет, култура и работни места. Таквите стравови понекогаш се изразуваат со насилство. Списанието Refugees вели: „Европскиот континент е сведок на расистички напад на секои три минути — а честопати мета се центрите за прифаќање на луѓе кои бараат азил“.
Еден плакат во централна Европа изразува длабоко непријателство кое сѐ повеќе одекнува во многу земји на Земјава. Неговата порака на злонамерност е упатена до странецот: „Тие се одвратни и болни чиреви по телото на нашата нација. Етничка група без никаква култура, морални или религиозни идеали, номадска толпа која само пљачка и краде. Валкани, полни со вошки, тие ги заземаат улиците и железничките станици. Нека си ги спакуваат своите валкани партали и нека си одат засекогаш!“
Се разбира, повеќето бегалци не би сакале ништо друго освен „засекогаш да си одат“. Тие копнеат да си одат дома. Нивните срца плачат по мирен, нормален живот со семејството и со пријателите. Но немаат дом каде што би оделе.
[Фуснота]
a Во 1993 година, само во Западна Европа владите потрошиле 11,6 милијарди долари за обработување на податоците на оние кои барале азил, како и за нивното примање.
[Рамка/слика на страница 6]
Тешката состојба на бегалците
„Дали сте знаеле дека стотици илјадници деца бегалци секоја вечер си легнуваат гладни? Или дека само секое осмо дете бегалче некогаш било на училиште? Повеќето од овие деца никогаш не биле в кино, во парк, а камо ли во музеј. Многу од нив израснуваат зад бодликава жица или во изолирани логори. Никогаш не виделе крава или куче. Премногу деца бегалци мислат дека зелената трева е нешто за јадење, а не нешто на кое се скока и се трча. Децата бегалци се најтажниот дел од мојата работа“ (Садако Огата, Висок комесаријат за бегалци при Обединетите нации).
[Извор на слика]
Фотографија на U.S. Navy
[Рамка/слика на страница 8]
Исус бил бегалец
Јосиф и Марија живееле во Витлеем со својот син Исус. Астролози од Исток дошле со подароци од злато, темјан и миризлива смола. После нивното заминување, еден ангел му се појавил на Јосиф велејќи: „Стани, земи Го Младенецот и мајка Му, па бегај во Египет и остани таму дури не ти кажам, бидејќи Ирод ќе Го бара Младенецот за да Го погуби“ (Матеј 2:13).
Тројцата бргу побарале азил во една странска земја — станале бегалци. Ирод бил бесен за тоа што астролозите не го известиле за местото на Оној кој бил претскажан да стане цар на Евреите. Во залудниот обид да го убие Исус, тој им наредил на своите луѓе да ги убијат сите млади момчиња во Витлеем и неговата околина.
Јосиф и неговото семејство останале во Египет додека повторно Божјиот ангел не му се појавил на Јосиф во сон. Ангелот рекол: „Стани, земи Го Младенецот и мајка Му, и отиди во земјата Израилева, зашто изумреа оние што ја бараа душата на Младенецот“ (Матеј 2:20).
Јосиф очигледно имал намера да се насели во Јудеја, каде што живееле пред нивното бегство во Египет. Но во сон бил предупреден дека би било опасно да го стори тоа. На тој начин заканата од насилство уште еднаш влијаела врз нивниот живот. Јосиф, Марија и Исус патувале на север во Галилеја и се населиле во гратчето Назарет.
[Слики на страница 7]
Милиони бегалци во последниве години побегнале во други земји за да си ги спасат животите
[Извори на слики]
Горе лево: Albert Facelly/Sipa Press
Горе десно: Charlie Brown/Sipa Press
Долу: Farnood/Sipa Press
[Извор на слика на страница 4]
Момче од лево: UN PHOTO 159243/J. Isaac