Кое е решението?
СИТУАЦИЈАТА со бегалците не е тотално мрачна. Хуманитарните организации ширум светот се трудат да им помогнат на оние кои се раселени поради војна или поради други проблеми. Еден главен начин како помагаат е тоа што на бегалците им даваат помош да се вратат во нивните земји.
Бегалците го напуштаат својот дом, средина и земја затоа што се плашат дека ќе бидат убиени, измачувани, силувани, затворени, заробени, ограбени или изгладнети. Затоа, пред да можат бегалците да се вратат дома безбедно, мораат да бидат решени проблемите кои ги натерале да побегнат. Дури и кога вооружениот конфликт конечно ќе заврши, непостоењето на закон и ред честопати ги одвраќа луѓето да се вратат дома. Агнес, една бегалка и мајка на шест деца од Руанда, вели: „Да нѐ однесат [назад] во Руанда би било исто како да нѐ однесат в гроб“.
Сепак, од 1989 година наваму, повеќе од девет милиони бегалци се вратиле во своите домови. Околу 3,6 милиони се вратиле од Иран и Пакистан во Авганистан. Уште 1,6 милиони бегалци од шест земји се вратиле во Мозамбик, нација разнишана од граѓанска војна која трае 16 години.
Враќањето не е лесно. Честопати земјите во кои се враќаат бегалците лежат во урнатини — со села сведени на остатоци од камен, уништени мостови и патишта и полиња посеани со мини. На тој начин, вратените бегалци мораат повторно од нула да си ги изградат не само своите животи туку и своите домови, училишта, здравствени клиники и сѐ друго.
Сепак, дури и кога пламенот на конфликтот ќе изумре во едно место, дозволувајќи им на бегалците да се вратат, тој се пали на друго место, создавајќи нови потоци бегалци. Според тоа, да се реши кризата со бегалците значи да се решат поврзаните проблеми на војната, задушувањето, омразата, прогонството и другите фактори кои ги тераат луѓето да бегаат за да си го спасат својот живот.
The State of the World’s Refugees 1995 (Состојбата на бегалците во светот во 1995) признава: „Реалната вистина . . . е дека на крајот решенијата [за кризата со бегалците] се зависни од политичките, воените и економските фактори кои лежат вон контролата на која и да било хуманитарна организација“. Според Библијата, решенијата исто така се вон досегот на која и да било земска организација — хуманитарна или која и да е друга.
Свет без бегалци
Меѓутоа, постои решение. Библијата покажува дека Јехова Бог се грижи за оние кои се оттргнати од своите домови и семејства. За разлика од владите на Земјава, тој ја има моќта и мудроста да ги реши сите сложени проблеми со кои се соочува човештвото. Тој ќе го стори тоа преку своето Царство — небесната влада која наскоро ќе ја преземе контролата над работите на Земјата.
Божјето Царство ќе ги замени сите човечки влади. Наместо да има многу влади на Земјата, како што имаме сега, ќе има само една влада која ќе владее над целата планета. Библијата прорекува: „Небесниот Бог ќе подигне царство, кое нема да се разруши никогаш, и тоа царство нема да биде предадено на друг народ; тоа ќе ги победи и разруши сите царства, а само тоа ќе остане вечно“ (Даниил 2:44).
Можеби Ви е позната пример—молитвата која се наоѓа во Библијата во Матеј 6:9—13. Дел од молитвата гласи: „Да дојде царството Твое; да биде волјата Твоја, како на небото, така и на земјата“. Во согласност со таа молитва, Божјето Царство наскоро ќе „дојде“ за да ја изврши Божјата намера во врска со Земјата.
Под љубезното владеење на Божјето Царство, ќе има сеопшт мир и сигурност. Повеќе нема да постои омраза и тепање помеѓу народите и нациите на Земјата (Псалм 45:9). Никогаш повеќе нема да има милиони бегалци кои бегаат за да си го спасат својот живот или за да венеат во логори.
Божјата Реч ветува дека Царот на Божјето Царство, Христос Исус, „ќе избави беден од силник и сиромав, кој нема помошник. Ќе го поштеди бедниот и сиромавиот и ќе го спаси животот на сиромасите; од лихви и неправди ќе ги избави душите нивни, и чесно ќе биде името нивно пред Него“ (Псалм 71:12—14).
[Слика на страница 10]
Наскоро сите ќе се однесуваат еден спрема друг како вистински браќа и сестри