Гледиште на Библијата
Љубовта која врзува
ВО 1987 година, една огромна бура во Северниот Атлантик го удрила луксузниот океански линиски брод Queen Elizabeth 2. Бранови во висина од десет катна зграда се срушиле врз бродот, предизвикувајќи да се движи горе-долу како плута. Намештајот и патниците биле фрлани наоколу додека бродот бесно паѓал на нос. За чудо, меѓу 1.200-те патници имало само помали повреди. Доброто инженерство, материјалите и конструкцијата го сочувале бродот да не се распадне.
Пред многу векови, еден друг брод се наоѓал во стисокот на виорна бура. На него биле апостол Павле и 275-мина други. Од страв бродот да не се искрши на парчиња поради интензитетот на бурата, морнарите очигледно протнале „помагала“ — синџири или јажиња — од едната страна до другата под бродот за да ги држат заедно дрвените штици кои го сочинувале трупот на овој трговски брод. Сите патници кои се наоѓале на него биле спасени, но не и бродот (Дела, 27. поглавје).
Тешкотиите во животот можат понекогаш да нѐ наведат да се чувствуваме како да сме на брод на немирно море. Бранови на загриженост, разочарување и депресија можат да прелетуваат над нас, испитувајќи ја нашата љубов до крајна граница. За да пребродиме такви бури и да избегнеме да се распаднеме, и нам ни се потребни некакви помагала.
Кога ќе се појават бури
Верата и истрајноста на апостол Павле се добро запишани во Библијата. Тој се мачел во корист на раните христијански собранија (2. Коринтјаните 11:24—28). Неговите достигнувања во делото на Господ даваат јасно сведоштво за неговата длабока љубов спрема неговите ближни и за неговиот јак однос со Бог. Сепак, Павловиот живот не бил секогаш мирно пловење. И дословно и симболично апостолот пребродил многу бури.
Во времето на Павле, кога некој брод се судрувал со жестока бура, преживувањето на патниците и на бродот не зависело само од вештината на посадата туку и од тоа колку добро бродот се држел да остане цел. Не било ништо поинаку и кога апостолот се судрувал со симболични бури. Иако Павле пребродил немање во физички поглед, затворање и тортура, најжестоките бури кои претставувале предизвик на неговата духовна и емоционална стабилност и неговата способност да продолжи да сака доаѓале внатре од христијанското собрание.
На пример, Павле неуморно се трудел година и пол за да го основа собранието во градот Коринт. Неговите искуства со коринтјаните предизвикале кај него да се развијат нежни чувства спрема стадото. Павле дури зборувал за себеси дека им е татко (1. Коринтјаните 4:15, НС). Сепак, и покрај неговиот запис на љубов и напорна работа во корист на собранието, некои во Коринт зборувале навредливо за Павле (2. Коринтјаните 10:10). Со оглед на сето она што го сторил во поглед на самопожртвуваноста, колку само обесхрабрувачки сигурно било тоа!
Како можеле оние кои ја примиле Павловата безрезервна љубов да бидат толку груби и да го омаловажуваат? Павле сигурно се чувствувал како да е растргнат, како брод во стисокот на бурата. Колку лесно би му било да се откаже, да чувствува дека сите негови напори од минатото се напразни или да стане огорчен. Што го држело Павле да биде со прибрани мисли? Што го спречувало да не се растргне од разочараност?
Љубовта која нѐ држи заедно
Павле не оставил место за сомневање во мислите на неговите читатели во поглед на изворот на неговата сила и мотивација. Тој напишал: „Љубовта што ја има Христос, нѐ тера“ (2. Коринтјаните 5:14, НС). Павле укажал на супериорниот извор на сила и мотивација. Силата што нѐ тера е „љубовта што ја има Христос“. Еден библиски научник го дал следново забележување во врска со овој стих: „Павле не вели дека нашата љубов спрема Христос нѐ држи за нашата служба . . . Тоа би било како да се застане на пола пат. Нашата љубов спрема Христос се разгорува и постојано се потхранува со неговата љубов спрема нас“ (нагласено од нас).
Љубовта која Христос ја демонстрирал, подложувајќи се на мачна смрт на маченички столб, давајќи го со тоа својот совршен човечки живот како откупнина за да го спаси сиот човечки род кој верува, го мотивирала, терала и присилувала Павле да продолжи да служи за интересите на Христос и братството. Според тоа, Христовата љубов го контролирала Павле, штитејќи го од себичност и ограничувајќи ги неговите цели на службата на Бог и ближните.
Навистина, изворот на мотивација зад верниот животен пат на еден христијанин е Христовата љубов. Кога сме соочени со испити кои можат да имаат изнемоштувачко влијание врз нас во физички, емоционален и духовен поглед, Христовата љубов, која е сила што нѐ тера, ни овозможува да одиме над степенот на кој би се откажал некој друг кој е помалку мотивиран. Таа ни дава сила да издржиме.
Не можеме да сметаме на нашите несовршени емоции да нѐ подржуваат и мотивираат. Тоа особено е така кога нашите испити доаѓаат како резултат на разочарување или загриженост. Од друга страна, Христовата љубов ја има моќта да нѐ држи во нашата служба, да нѐ поткрепи и мотивира, и покрај нашиот личен испит. Христовата љубов му овозможува на христијанинот да издржи не само над очекувањата на другите туку можеби дури и над неговите сопствени очекувања.
Освен тоа, поради тоа што Христовата љубов е издржлива, ефектот никогаш не се губи. Тоа е моќна сила која не се колеба ниту се намалува. „Љубовта никогаш не престанува“ (1. Коринтјаните 13:8). Таа ни овозможува да продолжиме да го следиме верно, што и да се случи.
Емоционалните испити применуваат сила која може да нѐ растргне. Според тоа, колку само е важно да медитираме за љубовта која Христос ја покажал спрема нас. Христовата љубов ќе нѐ држи заедно. Неговата љубов овозможува да избегнеме бродолом на нашата вера (1. Тимотеј 1:14—19). Понатаму, Христовата љубов нѐ тера да сториме сѐ што можеме за да го прославиме оној кој овозможил Христовата љубов да се изрази, Јехова Бог (Римјаните 5:6—8).