Младите прашуваат . . .
Зошто мојот најдобар пријател се пресели?
‚ИЗГЛЕДАШ како да си го изгубил најдобриот пријател.‘ Луѓето го велат тоа кога некој изгледа малку тажен или депримиран. Но кога навистина ќе го изгубиш твојот најдобар пријател, изреката поприма едно сосема ново значење.
Сепак, вистинското пријателство е нешто посебно и драгоцено. Библијата вели: „Пријателот сака во секое време и како брат ќе се јави во време на неволја“ (Изреки 17:17). Добрите пријатели ни даваат другарство и поддршка. Тие ни помагаат да растеме емоционално и духовно. Додека површните пријатели или познаници можеби се многубројни, поединците на кои можеш навистина да се потпреш и да им се довериш, обично се ретки.
Затоа, ако твојот најдобар пријател се преселил, разбирливо е дека можеби ќе се чувствуваш поразено. Еден младинец по име Брајан се сеќава како се чувствувал тој кога се преселил неговиот најдобар пријател. „Бев исплашен, осамен и повреден“, рекол тој. Можеби и ти се чувствуваш така.
Соочување со реалноста
Може да помогне размислувањето за причините зошто твојот пријател се преселил. Секако, тоа не било поради недостиг на ценење за вашето пријателство. Преселувањето станало утврден дел од современиот живот. Секоја година, само во Соединетите Држави се преселуваат повеќе од 36 милиони луѓе! Според Бирото за попис на населението на САД, просечниот Американец ќе се пресели 12 пати во текот на својот живот.
Зошто сето тоа преселување? Причините се различни. Многу семејства се преселуваат со цел да добијат подобри работни места и стан. Во земјите во развој, војната и сиромаштијата присилиле милиони семејства да се преселат. И како што младинците стануваат млади адолесценти, многумина одлучуваат да се преселат и да живеат самостојно. Некои си заминуваат за да стапат во брак (1. Мојсеева 2:24). Други, пак, се преселуваат за да следат духовни интереси (Матеј 19:29). Меѓу Јеховините сведоци, многумина ги оставаат удобностите на познатата средина за да служат во подрачја — можеби дури и во странски земји — каде што постои поголема потреба од христијански министри. Некои се преселуваат во рамките на својата татковина за да служат во Бетел, како што се нарекуваат просториите кои го надгледуваат делото на Јеховините сведоци. Да, колку и да ги сакаме своите пријатели, мораме да го прифатиме фактот во животот дека, како што одминува времето, постои веројатност тие да се преселат.
Која и да е причината за селидбата на твојот пријател, можеби се прашуваш како ќе ја пребродиш својата загуба. Но, иако е природно да се чувствуваш малку осамено и депримирано некое време, веројатно увидуваш дека во никој случај нема да помогне ако мрзоволно се меткаш низ куќата (Изреки 18:1, НС). Затоа, ајде да погледнеме некои работи кои можат да помогнат.
Во постојан контакт
„Сфати дека твоето пријателство не е завршено“, советувал младиот Брајан. Да, ако твојот најдобар пријател се пресели, тоа дефинитивно ќе го промени вашиот однос, но сепак тоа не значи дека вашето пријателство мора да умре. Советникот за тинејџери, д-р Роузмери Вајт рекла: „Загубата е многу тешка во секој период од животот, но начинот како да се излезе на крај со неа е да се смета едноставно како промена, а не како затворање на врата“.
Што можеш да сториш за да ја држиш отворена вратата на пријателството? Размисли за библискиот извештај за Давид и Јонатан. И покрај значителната разлика во годините, тие биле многу блиски пријатели. Кога околностите го принудиле Давид да побегне во изгнанство, тие не се разделиле без да си кажат збор. Напротив, тие го потврдиле своето бесмртно пријателство, па дури склучиле и сојуз, односно спогодба, да останат пријатели (1. Царства 20:42, 43).
Ти би можел на сличен начин да разговараш со твојот пријател пред тој или таа да си замине. Твојот пријател нека знае колку многу го цениш пријателството и колку многу сакаш линиите на комуникација да останат отворени. Пети и Мелина, најдобри пријателки кои сега се одвоени со 8.000 километри копно и океан, го направиле токму тоа. „Планираме да останеме во контакт“, објаснила Пети. Меѓутоа, таквите планови можат да пропаднат ако не направиш некој одреден договор. (Спореди Амос 3:3.)
Библијата ни кажува дека, кога апостол Јован не можел да го види својот пријател Гај, тој останал во контакт така што ‚му пишувал со мастило и перо‘ (3. Јованово 13). И вие можеби ќе се договорите редовно да си испраќате писма или картички, можеби еднаш неделно или еднаш месечно. И ако твоите родители не приговараат поради меѓуградските телефонски сметки, одвреме навреме можете да се слушате по телефон и да ги надоместите најновите случки во вашите животи. Или можеби ќе се согласите да си испраќате пораки снимени на касета или на видеокасета. Во иднина, можеби би било можно дури и да се договорите да се посетите за викенд или да бидете заедно на годишен одмор. Пријателството на тој начин може да продолжи да се развива.
Пополнување на празнината
Сепак, заминувањето на најдобриот пријател ќе остави празнина во твојот живот. Како резултат на тоа, можеби ќе увидеш дека сега имаш повеќе време на располагање. Па, не дозволувај тоа време да пропадне (Ефесјаните 5:16). Искористи го за да направиш нешто продуктивно — можеби ќе можеш да научиш да свириш на некој музички инструмент, да совладаш некој нов јазик или да се занимаваш со некое хоби. Да се вршат разни работи за оние кои се во неволја е уште едно продуктивно користење на времето. Ако си Јеховин сведок, можеш да го зголемиш твоето учество во активноста на јавното сведочење (Матеј 24:14). Или, можеш да започнеш интересен проект на проучување на Библијата.
Освен тоа, апостол Павле ги советувал христијаните во Коринт ‚да се рашират‘ — односно, да ги вклучат и другите во нивниот круг пријатели (2. Коринтјаните 6:13, НС). Можеби си поминал толку многу време само со еден пријател што си превидел други можни пријателства. Младите меѓу Јеховините сведоци увидуваат дека можностите за пријателства честопати изобилуваат токму во нивните локални собранија. Затоа, обиди се да стигнуваш рано на христијанските состаноци и да остануваш уште малку после тоа. Тоа ќе ти даде повеќе време да ги запознаеш луѓето. Христијанските конгреси и малите друштвени собири даваат други прилики за стекнување нови пријатели.
Но, на место е да се даде збор на предупредување: Немој толку брзо да стекнуваш нови пријатели за да не почнеш тесно да се дружиш со млади кои не ги делат твоите духовни цели и вредности. Таквите можат да те урнат и можат да ти направат повеќе штета отколку добро (Изреки 13:21; 1. Коринтјаните 15:33, НС). Дружи се со млади кои се духовно настроени и кои имаат репутација на добро однесување.
Кога ќе најдеш некој таков, развивај го пријателството на тој начин што ќе планираш да правите нешто заеднички. Јадете некогаш заедно. Посетете музеј. Одете на прошетка. Договорете се еден ден да одите заедно во христијанската служба, посетувајќи ги луѓето со добрата вест за Божјето Царство. Со текот на времето и со труд, новото пријателство може да порасне. Поради тоа што христијанската љубов е широка — таа ‚се раширува‘ за да ги вклучи другите — кога стекнуваш нови пријатели, не мораш да чувствуваш дека си нелојален спрема твојот пријател кој се преселил.
Можеш исто така да ја искористиш приликата да се зближиш со оние кои најмногу те сакаат — твоите родители. Тие можат да ти бидат од голема помош, иако можеби во почетокот ќе се чувствуваш незгодно што го бараш нивното друштво. Еден младинец по име Џош, рекол: „Скоро се присилував себеси да го поминувам времето со нив затоа што дотогаш не бев близок со мама и тато. Но сега, тие ми се најблиските пријатели!“
Исто така, запомни дека имаш еден пријател на небото. Како што се изразил 13-годишниот Ден, „ти навистина не си сам затоа што сепак го имаш Јехова“. Нашиот небесен Татко секогаш ни стои на располагање преку молитвата. Тој ќе ти помогне да се соочуваш со таа тешка ситуација доколку имаш доверба во него (Псалм 54:22).
Задржи позитивно гледиште
Мудриот цар Соломон го дал следниов совет: „Не вели: ‚Зошто поранешните дни биле подобри од сегашните?‘“ (Проповедник 7:10). Со други зборови, немој да се заглибуваш во минатото; искористи ја сегашноста со сите нејзини можности. Бил, кој е сега во своите рани 20-ти години, го направил токму тоа кога го изгубил својот најдобар пријател. Тој се присетил: „После некое време почнав да стекнувам нови пријатели и не размислував толку многу за минатото. Се трудев да се подготвувам за иднината и да живеам во сегашноста“.
Овие предлози можат да помогнат, но сепак жалосно е кога твојот најдобар пријател ќе се пресели. Можеби ќе биде потребно доста време додека спомените за добрите времиња што сте ги поминале заедно повеќе нема да ти создаваат болка. Запомни: промената е дел од животот и ти дава прилика за созревање и растење. Иако можеби ќе се чини невозможно во потполност да замениш некој посебен пријател, можеш да развиеш особини кои ќе те направат ‚допадлив како од Јеховино гледиште така и од гледиштето на луѓето‘ (1. Царства 2:26, НС). Кога ќе го сториш тоа, секогаш ќе имаш некој кого ќе можеш да го наречеш твој пријател!
[Слика на страница 13]
Поздравувањето со најдобриот пријател претставува болно искуство