Јеховините сведоци во Грција ослободени од оптужба
ОД ДОПИСНИК НА РАЗБУДЕТЕ СЕ!
ЗА ВРЕМЕ на една од неговите проповеди, православниот поп во критското село Гази навел: „Јеховините сведоци имаат сала токму овде во нашево село. Потребна ми е вашата поддршка за да се ослободиме од нив“. После неколку дена, една вечер непознати поединци ги искршиле прозорците на Салата на Царството и пукале во неа. На тој начин, прашањето за религиозна слобода повторно било покренато во Грција.
Овие настани мотивирале четворица локални Сведоци, Кириакос Баксеванис, Василис Хацакис, Костас Макридакис и Титос Манусакис, да поднесат молба до Министерот за образование и религиозни работи за дозвола за одржување на религиозни состаноци. Тие се надевале дека добивањето дозвола на крајот ќе осигура полициска заштита. Меѓутоа, не одело тоа така лесно.
Попот испратил писмо до главниот штаб на полицијата за безбедност во Хераклион, насочувајќи го вниманието на властите кон Салата на Царството на Јеховините сведоци во неговата парохија. Барал да бидат наметнати санкции и нивните состаноци да бидат забранети. Тоа довело до полициски истраги и испрашувања. На крајот, обвинителот покренал криминални постапки против Сведоците и случајот бил изнесен пред суд.
На 6 октомври 1987, Криминалниот суд на Хераклион ги ослободил четворицата обвинети, наведувајќи дека „не го извршиле делото за кое биле оптужени бидејќи членовите на некоја религија се слободни да водат состаноци . . . и не е неопходна дозвола за тоа“. Сепак, два дена подоцна, обвинителот поднел жалба против одлуката, и случајот бил изнесен пред повисок суд. На 15 февруари 1990, тој суд ги осудил Сведоците на затвор од два месеца и на парична казна од околу 100 долари. После тоа, бранителите поднеле жалба до Грчкиот врховен суд.
На 19 март 1991, Врховниот суд ја поништил жалбата и ја поддржал пресудата. После повеќе од две години, на 20 септември 1993, кога била објавена одлуката на Врховниот суд, Салата на Царството била запечатена од страна на полицијата. Како што е откриено од еден полициски документ, зад таа постапка стоела Православната црква на Крит.
До таа ситуација дошло поради тоа што одредени закони, кои биле одобрени во 1938 со намера да ја ограничат религиозната слобода, сѐ уште се на сила во Грција. Тие пропишуваат дека ако еден поединец сака да држи место на обожавање, мора да добие дозвола од Министерството за образование и за религиозни работи, како и од локалниот епископ на Православната црква. Неколку децении, овие анахронични закони создавале многу тешкотии за Јеховините сведоци.
Слобода на религијата и човекови права
Дознавајќи дека нивната пресуда била поддржана од Врховниот суд, на 7 август 1991 четворицата Сведоци поднеле жалба до Европската комисија за човекови права во Стразбур (Франција). Жалителите тврделе дека нивната пресуда го крши Член 9 од Европската конвенција која ја заштитува слободата на мислење, совест и религија, како и правото да се манифестира нечија религија како поединец или во заедница со другите, јавно или приватно.
На 25 мај 1995, 25-те членови на Комисијата дошле до едногласна одлука дека во овој случај Грција го прекршила Член 9 од Европската конвенција. Нивната изјава гласела дека пресудата за која станува збор не е во согласност со духот на религиозната слобода и не е неопходна во едно демократско општество. Исто така, во врска со усвоивоста на случајот, таа одлука навела: „Жалителите . . . се членови на едно движење чии религиозни ритуали и обичаи се нашироко познати и дозволени во многу европски земји“. Најпосле, Комисијата го упатила случајот на Европскиот суд за човекови права.
Јеховините сведоци не можат да бидат запрени
Сослушувањето било закажано за 20 мај 1996. Во судницата имало преку 200 лица, вклучувајќи студенти и професори од локалниот универзитет, новинари и извесен број Јеховини сведоци од Грција, Германија, Белгија и Франција.
Г-н Федон Веглерис, почесен професор на Универзитетот во Атина и адвокат на Сведоците, тврдел дека политиката која националните власти ја воделе и пресудите кои ги донеле ја прекршиле не само Европската конвенција туку и Уставот на Грција. „Значи, националниот закон и неговата примена е тоа со кое Судот се зафаќа.“
Адвокатот за грчката влада бил еден судија од Советот на државата кој, наместо да дискутира за фактите, се осврнал на положбата која ја зазема Православната црква во Грција, на нејзините тесни врски со државата и со народот и на наводната потреба другите религии да ги држи под контрола. Освен тоа, тој навел дека од 1960 наваму, Јеховините сведоци успеале во голема мера да ги зголемат своите бројки. Со други зборови, Православниот монопол успешно бил оспорен!
Религиозната слобода е поддржана
Пресудата требало да се донесе на 26 септември. Напнатоста била голема, особено кај Јеховините сведоци. Претседателот на Комората, г-н Рудолф Бернхарт, ја прочитал одлуката: Судот, составен од девет судии, едногласно верува дека Грција го прекршила Член 9 од Европската конвенција. Исто така, на жалителите им доделил сума од околу 17.000 долари за покривање на трошоците. Што е најважно, одлуката вклучувала многу значајни аргументи во корист на религиозната слобода.
Судот забележал дека Грчкиот закон дозволува „далекусежно мешање на политичките, административните и црковните власти во вршењето на религиозната слобода“. Тој додал дека постапката со која се барало да се добие дозвола била користена од државата „за да наметне строги или навистина ограничувачки услови во врска со практикувањето на религиозните верувања на одредени неортодоксни движења, особено на Јеховините сведоци“. Овој меѓународен суд ги разоткрил свирепите тактики кои Православната црква ги користела толку многу децении.
Судот нагласил дека „правото на слобода на религија, како што е загарантирано со Конвенцијата, исклучува секаква слобода за одлука на државата да одреди дали религиозните верувања или начините кои се користат за да се изразат таквите верувања се легитимни“. Исто така, навел дека „Јеховините сведоци спаѓаат под дефиницијата на ‚позната религија‘ како што е дадена со грчкиот закон . . . Тоа било уште и признато од владата“.
Не е само шега
Во текот на следните неколку дена, повеќето од главните грчки весници го објавиле тој случај.На 29 септември 1996, неделното издание на Kathimerini го дало следниов коментар: „Колку и да се труди грчката држава да го игнорира тоа како ‚само една шега‘, ‚шлаканицата в лице‘ која ја доби од Европскиот суд за човекови права во Стразбур е вистински факт, факт кој е соодветно запишан во меѓународни размери. Судот ја потсети Грција на Член 9 од Конвенцијата за човекови права, и едногласно го осуди грчкото законодавство“.
Атинскиот дневен весник Ethnos, на 28 септември 1996 напишал дека Европскиот суд „ја осудил Грција, наредувајќи ѝ да им исплати на своите граѓани кои ја имале несреќата да бидат Јеховини сведоци“.
Еден адвокат на еден од жалителите, г-н Панос Бицакис, бил интервјуиран на една радио-програма и рекол: „Живееме во 1996 година, на работ од XXI век, и не мора да споменеме дека не треба да има дискриминација, шиканирање или интервенција од страна на администрацијата во врска со извршување на фундаменталното право на религиозна слобода . . . Тоа е добра прилика владата повторно да ја испита својата политика и да ѝ стави крај на таа неразумна дискриминација која не служи за никаква цел на овој ден и век“.
Одлуката во случајот Манусакис и другите против Грција дава надеж дека Грчката држава ќе го доведе своето законодавство во согласност со пресудата на Европскиот суд за да можат Јеховините сведоци во Грција да уживаат религиозна слобода без административна, полициска или црковна интервенција. Освен тоа, ова е втора пресуда донесена против грчкото правосудство од страна на Европскиот суд во врска со работи кои се однесуваат на религиозната слобода.a
Нашироко е познато дека Јеховините сведоци се послушни на државните ‚претпоставени власти‘ во сите работи кои не се судруваат со Божјата Реч (Римјаните 13:1, 7). Во никој случај не претставуваат закана за јавниот ред. Напротив, нивните публикации и јавната служба ги охрабруваат сите да бидат граѓани кои го почитуваат законот и кои живеат мирен живот. Тие се исправна и добро утврдена религија и нивните членови придонеле многу за благосостојбата на нивните соседства. Нивната одлучност во подржувањето на високите морални мерила на Библијата и нивната љубов кон ближниот, која особено е изразена во нивното библиски образовно дело, имале здрави резултати во преку 200 земји каде што постојат.
Се надеваме дека одлуките кои се донесени од Европскиот суд ќе послужат да им се донесе поголема религиозна слобода на Јеховините сведоци и на сите религиозни малцинства во Грција.
[Фуснота]
a Првата одлука, донесена во 1993, беше случајот на Кокинакис против Грција. (Види Стражарска кула од 1 септември 1993, стр. 27.)
[Слика на страница 19]
Првобитната Сала на Царството запечатена од полицијата на 20 септември 1993
[Слика на страница 19]
Европскиот суд за човекови права, Стразбур
[Слика на страница 20]
Вклучените Сведоци: Т. Манусакис, В. Хацакис, К. Макридакис, К. Баксеванис