Европскиот суд исправа една неправда
ОД ДОПИСНИКОТ НА РАЗБУДЕТЕ СЕ! ВО ГРЦИЈА
ВОЕНАТА служба е задолжителна во Грција. Во секое време, по околу 300 Јеховини сведоци се в затвор поради тоа што одбиваат да ја исполнат воената служба. Амнести Интернешенел ги смета за затвореници поради совеста и честопати ги наговарал последователните грчки власти да ги ослободат и да издадат закон кој ќе им допушти да извршуваат цивилна служба која нема казнена природа.
Во 1988 беше издаден нов закон кој влијаеше врз воената служба. Меѓу другото, тој пропишуваше дека „од воената служба се изземени следниве: . . . Регрути кои се религиозни министри, калуѓери или, пак, калуѓери на обука од некоја призната религија, доколку тоа е нивна желба“. Религиозните министри на Грчката православна црква секогаш се изземени едноставно и лесно, без да се соочат со некаков проблем или некој вид повреда на нивните основни човекови права. Дали истото би важело и за министрите на некоја религија во малцинство? Еден испит по кратко време го даде одговорот.
Противзаконски затворени
Во согласност со овој закон, кон крајот на 1989 и на почетокот на 1990, Димитриос Цирлис и Тимотеос Кулумпас, именувани религиозни министри од Централното собрание на христијанските Јеховини сведоци од Грција, поднесоа молби во нивните соодветни регрутни канцеларии да бидат изземени од воената служба. Покрај нивните молби, тие поднесоа документи кои докажуваат дека се активни религиозни министри. Како што се очекуваше, молбите беа отфрлени со лажно тврдење дека Јеховините сведоци не припаѓаат на некоја „позната религија“.
Браќата Цирлис и Кулумпас се јавија во своите центри за воена обука и беа уапсени, обвинети за непослушност и затворени. Во меѓувреме, Генералното главно седиште за Национална одбрана ги одби нивните жалби во врска со одлуките на регрутните канцеларии. Воените авторитети го употребија аргументот дека Светиот синод на Грчката православна црква ги информирал дека верата на Јеховините сведоци не е призната религија! Ова беше спротивно на одлуките на извесен број цивилни судови кои гласеа дека Јеховините сведоци навистина се позната религија.
Воените судови, пак, ги прогласија Цирлис и Кулумпас виновни за непослушност и ги осудија на четири години затвор. За овие одлуки двајцата браќа поднесоа жалба до Воениот апелационен суд, кој три пати го одложи сослушувањето на жалбата од различни причини. Меѓутоа, секојпат одбиваше да даде налог за условно пуштање од затвор на подносителите на жалбите, иако грчкиот закон го пропишува тоа.
Во меѓувреме, во една друга низа постапки, Врховниот административен суд ги поништи одлуките на Генералното главно седиште за Национална одбрана, со тврдење дека Јеховините сведоци навистина припаѓаат на позната религија.
За време на 15-те месеци во кои Цирлис и Кулумпас мораа да останат во воениот затвор Авлона, тие се соочија со особено нечовечно и понижувачко постапување заедно со другите затворени Сведоци. Еден извештај од тоа време зборувал за „бедните затворски услови под кои живеат [затворениците Јеховини сведоци], спомнувајќи го расипаното месо и опашките од глувци, кои честопати се послужуваат заедно со храната, ограничувањето на времето за посета според каприците на Администрацијата, недостигот на простор поради тоа што ќелиите биле пренатрупани со премногу затвореници и многу посуровото постапување кон таквите затвореници какви што се оние со приговор на совеста“.
Конечно, Воениот апелационен суд ги ослободи браќата Цирлис и Кулумпас, но во исто време пропиша дека Државата нема обврска за обештетување на нивното затворање бидејќи „тоа притворање било поради крајната небрежност на подносителите на жалбите“. Ова покрена полноважни прашања во законските кругови: Кој беше одговорен за крајната небрежност? Сведоците или воените судови?
Браќата веднаш беа пуштени од затвор и конечно ослободени од вооружените сили врз основа на тоа што се религиозни министри. Кога беа ослободени, Амнести Интернешенел објави дека со радост го дочекува пуштањето на Димитриос Цирлис и Тимотеос Кулумпас, и изрази надеж дека во иднина министрите на Јеховините сведоци ќе бидат изземени од воената служба во склад со прописите на грчкиот закон. Меѓутоа, наскоро оваа надеж ќе биде разбиена.
Влегување и излегување од затворите
Еден друг наименуван религиозен министер на Јеховините сведоци мораше да претрпи малку поинакво тешко искушение од истата причина. На 11 септември 1991, Анастасиос Јорјадис на истиот начин поднесе молба за изземање од воената служба. После шест дена, регрутната канцеларија го информираше дека неговата молба е одбиена, повторно поради тоа што Светиот синод на Грчката православна црква не прифаќа дека Јеховините сведоци се позната религија. А тоа беше и покрај изричните одлуки на Врховниот административен суд за случаите на Цирлис и Кулумпас!
Писмениот одговор од Генералното главно седиште за национална одбрана гласеше: „Администрацијата дојде до негативна одлука во врска со молбата [на Јорјадис], на темел на стручното мислење изнесено од Светиот синод на Грчката црква, кој не ги смета Јеховините сведоци за позната религија“ (курзивот е од нас).
На 20 јануари Јорјадис отиде во воениот логор за обука Нафлион и веднаш беше ставен во дисциплинската ќелија на логорот. Подоцна беше префрлен во воениот затвор Авлона.
На 16 март 1992, воениот суд во Атина го ослободи Јорјадис. Тоа беше првпат еден воен суд на Грција да признае дека Јеховините сведоци навистина се позната религија. Директорот на воениот затвор Авлона веднаш го пушти, но му нареди повторно да се јави на должност на 4 април, во регрутниот центар Нафлион. Тој датум, Јорјадис повторно одби да се регрутира и повторно беше обвинет за непослушност, ставен во притвор по втор пат и даден на судење.
На 8 мај 1992, воениот суд на Атина го ослободи од новиот кривичен случај, но одлучи да не му се одобри никаква компензација за неговото притворање. Јорјадис веднаш беше пуштен од воениот затвор Авлона, но му беше наредено да се јави и по трет пат на должност во регрутниот центар Нафлион, на 22 мај 1992! Тој повторно одби да се регрутира и по трет пат беше обвинет за непослушност и беше притворен.
На 7 јули 1992, Врховниот административен суд ја поништи одлуката од септември 1991, со тврдење дека Јеховините сведоци навистина припаѓаат на позната религија. Конечно, на 27 јули 1992 Јорјадис беше ослободен од воениот затвор во Солун. На 10 септември 1992, Воениот суд на Солун го ослободи, но со тврдење дека Јорјадис нема право на обештетување бидејќи повторно се велеше дека неговото притворање било ‚поради неговата крајна небрежност‘.
Раширена реакција
Коментирајќи за случајот Јорјадис, Европскиот парламент изјави: „Оваа ситуација е случај на дискриминација на религиозните министри на Јеховините сведоци во поглед на начелото за еднаквост пред законот и уживање на правото на еднаков третман“.
Во февруари 1992, Амнести Интернешенел изјави дека „верува оти [Анастасиос Јорјадис] бил затворан единствено на темел на дискриминаторски третман од страна на воените авторитети против министрите на Јеховините сведоци, и бара негово непосредно и безусловно пуштање како затвореник поради совеста“.
Дури и воениот обвинител на едно од судењата на Јорјадис беше принуден да изјави: „Обемот на културниот развој на едно општество се гледа од начинот на кој се справува со извесни ситуации во кои се вклучени неговите граѓани. Ако овде во Грција сакаме нашиот културен развој да биде во склад со Европските стандарди, ако сакаме да напредуваме, тогаш мораме да се повинеме на меѓународните прописи и да се ослободиме од предрасудата. Еден делокруг во кој ова е најочигледно е почитувањето на индивидуалните права на граѓаните. Меѓутоа, актуелните настани и тактиките на администрацијата јасно ја покажуваат предрасудата и религиозната нетолеранција кои преовладуваат кон религиозните малцинства. Конкретниов случај е шокантен“.
Иан Вајт, член на Европскиот парламент, од Бристол (Англија), напиша: „Идејата дека Јеховините сведоци не се ‚позната религија‘ би измамила насмевка на лицата на многумина во оваа грофовија. Се разбира, иако релативно малку по број, Сведоците се многу добро познати во оваа земја и често одат од врата до врата“. Со повеќе од 26.000 Сведоци кои проповедаат во Грција, тие едвај можат да бидат ‚непозната религија‘.
Една група од десет членови од Европскиот парламент напиша за да ја изрази својата огорченост поради случајот со Јорјадис, велејќи дека тие се „крајно изненадени и жалосни“ поради таквите прекршувања на човековите права во Грција.
Молба до Европскиот суд за човекови права
Откако беа ослободени и потоа пуштени од затвор, сите три жртви на оваа религиозна дискриминација се чувствуваа етички обврзани да поднесат молба до Европскиот суд за човекови права. Основата на оваа молба беше нивното незаконско притворање кое се покажа неправедно, менталната и физичката тортура на која беа подложени, како и огромните морални и социјални последици кои се вклучени во тоа секогаш одново да бидат лишени од својата слобода толку долго време. Од овие причини, тие бараа полноважна и соодветна сума за обештетување.
Европската комисија за човекови права едногласно заклучи дека во случајот на Цирлис и Кулумпас било прекршено нивното право на слобода и сигурност на личноста, нивното притворање било незаконско, тие имале право на обештетување и не добиле праведно сослушување од трибуналот. Комисијата дојде до сличен заклучок и во случајот со Јорјадис.
Неправдата е исправена
Сослушувањето беше закажано за 21 јануари 1997. Во судницата имаше многумина, вклучувајќи и студенти од локалниот универзитет, новинари и извесен број Јеховини сведоци од Грција, Германија, Белгија и Франција.
Г-н Панос Бицахис, адвокатот на Сведоците, зборуваше за „постојаниот тврдоглав и упорен став на грчките власти да не го признаат постоењето на едно религиозно малцинство“, имено Јеховините сведоци. Тој јавно ја обелодени практиката на грчките власти да го базираат нивното официјално мислење за Сведоците врз гледиштето на нивните главни противници — Грчката православна црква! Тој продолжи: „До каде може да оди ова? . . И до кога?“ Тој зборуваше за „одбивањето да се признае извесна религиозна заедница, одбивање кое изгледа апсурдно ако видите дека доаѓа директно, отворено и без никакво расудување, против законитоста, против десетици одлуки на Врховниот административен суд“.
Претставникот на грчката влада го потврди пристрасниот став на грчките авторитети со тврдењето: „Не смее да се заборави дека практично целото грчко население со векови ѝ припаѓало на Православната црква. Една природна последица од тоа е дека организацијата на таа Црква и статусот на нејзините министри и нивната улога во Црквата се сосема јасни . . . Статусот на министрите од Црквата на Јеховините сведоци не е толку јасен“. Какво само бесрамно признание на пристрасното постапување со религиозните малцинства во Грција!
Поддржана е религиозната слобода
Пресудата беше донесена на 29 мај. Претседателот на Комората, г-н Ролф Русдал, гласно ја прочита одлуката. Судот, составен од девет судии, едногласно застапуваше дека Грција ги прекршила 5. и 6. член од Европската конвенција. Исто така, на подносителите на молбата им додели сума од околу 72.000 долари за обештетување и за трошоците. Што е најважно, одлуката вклучуваше многу значајни аргументи во прилог на религиозната слобода.
Судот забележа дека „воените власти бесрамно го игнорирале“ фактот дека Јеховините сведоци се признати како „позната религија“ во Грција, според одлуките на Врховниот административен суд. Понатаму коментираше: „Упорноста на релевантните власти да не ги признаат Јеховините сведоци како ‚позната религија‘ и занемарувањето на правото на слобода на подносителите на молбата што следеше, беа од дискриминаторска природа кога ќе се споредат со начинот на кој министрите на Грчката православна црква добиваат изземање“.
Грчките медиуми му дадоа голем публицитет на овој случај. Athens News изјави: ‚Е[вропскиот] суд остро ја критикува Грција поради Јеховината жалба‘. Одлуката во случајот Цирлис, Кулумпас и Јорјадис против Грција ја покренува надежта дека Грчката држава ќе го усогласи своето законодавство со пресудата на Европскиот суд, така што Јеховините сведоци во Грција ќе можат да уживаат религиозна слобода без административна, воена или црковна интервенција. Освен тоа, ова е уште една пресуда донесена против грчкото правосудство од Европскиот суд за работи во врска со религиозната слобода.a
Јеховините сведоци длабоко ја ценат својата слобода и настојуваат да ја користат за да му служат на Бог и за да му помагаат на својот ближен. Тројцата религиозни министри Сведоци ги проследија своите случаи до Европскиот суд за човекови права, но не за некаква материјална добивка, туку чисто од морални и етички причини. Така, сите тројца одлучија обештетувањето што им беше доделено да се користи исклучително за унапредување на образовното дело на Јеховините сведоци.
[Фуснота]
a Првата одлука, донесена во 1993, беше случајот Кокинакис против Грција; втората, донесена во 1996, беше случајот Манусакис и другите против Грција. (Видете Стражарска кула од 1 септември 1993, страници 27—31; Разбудете се! од 8 јули 1997, страници 18—20.)
[Слика на страница 26]
Естер и Димитриос Цирлис
[Слика на страница 27]
Тимотеос и Нафсика Кулумпас
[Слика на страница 28]
Анастасиос и Кула Јорјадис